Вински салон над езерото и под ѕвездите: Првото издание на охридскиот салон за вино ги крена стандардите за сите следни

698

„Арт кујна“ беше сведок на очајната потрага по храна и барем уште малку лепче со сол со тартуф од страна на посетителите, како и на одушевувањето на странците кои со голема доза на чудење и со ширум ококорени очи ги вкусуваа убавите македонски вина од 30-тина винарии и храната, особено она бесквасно лепче на Весна натопено во маслото, а потоа и во солта со тартуф на Туф, но и во богатата понуда на специјалитети од Пирустија Неданоски.

„Ова беше најдобриот вински салон на кој сум била во државава, значи, дефинитивно, тие ги кренаа стандардите за сите следни настани од ваков тип“ни кажа нашата пријателка Јадранка Клариќ, откако не сретна на излегување од Долни Сарај, местото на одржувањето на првиот охридски вински салон наречен Над Езерото (Above the lake).

А Јадранка не беше случаен посетител на овој настан. Таа е вински работник со меѓународно искуство, интернационален вински судија, вински витез во Македонија и сопственик на првиот специјализиран салон за вино Wine Berry. Значи, некој што знае точно што зборува, иако со ова се согласија и сите други кои можеби вечерта баш и не знаеја што зборуваат со оглед на количината на испиеното вино.

Шега настрана, но навистина не можевме да слушнеме забелешка од ниту еден од посетителите иако организаторите, братот и сестрата Елена и Кирил од ресторанот Канео, видно возбудени и изморени желно ги исчекуваа реакциите од сите, без оглед дали станува збор за пофалби или за критики.

Кај нив идејата за овој настан постоела неколку години и се чини, ваквото прво издание ќе биде само поттик да се продолжи и во следните години и овој настан да прерасне во традиционален, од типот на скопската Винодонија и винскиот салон во Битола.

Се разбира, голема улога во сето ова имаше и самата локација која не може да ја надмине ниту еден организатор со оглед на тоа што Долни Сарај е една од терасите со најубав поглед на езерото, но мора да им признаеме на „охриѓанчиштата“ – не беше сѐ до локацијата.

Исто така, овој вински салон покажа и дека добар вински салон едноставно не е можен без добра храна.

За среќа, организаторите се потрудиле да го обезбедат присуството на неколку производители на храна од Охрид и од Скопје, па посетителите на винскиот салон можеа да си го комплетираат ова искуство и да спаруваат вина со превкусните производи од тартуф на „Туф“, кои се сосема природни и без вештачки адитиви и конзерванси, лебот од кисело тесто на охриѓанката Весна Миленкоска и вкусните традиционални специјалитети од тесто на семејството Неданоски од охридското село Рамне, познати како селско домаќинство Пирустија Неданоски.

Впрочем, комбинацијата на леб, вино и тартуф никого не остава рамнодушен.

На винскиот салон во Охрид на кој дојдоа најдобрите големи винарии, но и малите семејни винарии кои за прв пат имаа можност да се претстават и пред охридската публика, беа вистинско изненадување и за бројните странски туристи кои го искористија престојот во Охрид за да бидат дел од овој настан.

„Арт кујна“ беше сведок на очајната потрага по храна и барем уште малку лепче со сол со тартуф од страна на посетителите, како и на одушевувањето на странците кои со голема доза на чудење и со ширум ококорени очи ги вкусуваа и убавите македонски вина и храната, особено она бесквасно лепче на Весна натопено во маслото, а потоа и во солта со тартуф на Вале (Туф), но и во богатата понуда на специјалитетите од Пирустија Неданоски. Тука беа и микробилките на Сања и макалата од лук на Папас во комбинација со нашето омилено охридско ѓеврече.

Од винариите, нема да издвојуваме ниту една, затоа што беа присутни околу 30-тина винарии и неколку дестилерии, но имаше толку добар избор на вина што навистина беше вистинска штета што е физички невозможно да се испробаат сите.

За среќа, на дофат ни беа повеќемина експерти меѓу кои и нашата втора пријателка Ивана Симјановска, уште еден одличен познавач на вино, меѓународен вински судија и вински критичар, како и автор на дури четири вински водичи (од кои, последните два во издание на Слоу фуд Македонија) која ни препорача неколку вина кои треба да ги испробаме.

Секако, имаше и други познавачи, самите производители и вистински експерти, но овојпат, им дадовме предност на Јадранка и на Ивана, не само поради стручноста, туку и по женска линија.

 Во рамки на настанот се одржа и креативна работилница „Paint & Wine“, на најубавото место, со најубавиот поглед и најдоброто вино.