Вистинска приказна за снаа и свекрва: „М и М“ – слатки, мармалади, куглофи и куглофчиња

1.227

Веќе цели 27 години во хармоничен брак со сопругот Игор, ама и во хармоничен однос со свекрвата и свекорот, Марина Ангелеска од неодамна е неразделна од тандемот на Мирјана и Бранко Ангелески, пензионери и производители на домашни мармалади. Таа е задолжена за декорирање на нивните мармалади и за производство и декорација на своите прекрасни куглофи, кои пак, се дегустираат во кругот на семејството, со редовното попладневно кафе кај „комшиите“, кат подолу

Кој вика дека снаа и свекрва не можат да се сакаат?! Нашите две соговорнички се жив доказ дека можат. Не е баш дека никогаш не се скарале, иако госпоѓа Мирјана тврди така, па нејзината снаа Марина објаснува дека тоа сепак понекогаш се случува, а најчесто поради децата. Еден пример е оној кога, на пример, баба Мирјана ќе им даде кришум на внуците по илјада денари, а потоа снаата и синот ќе разберат за ова. Следува лекција од снаата која дури и додека зборува за тоа, се врти накај свекрвата и ѝ велиека родителските правила мора да се почитуваат.

„Лесно е да си баба, кога си родител треба да се грижиш за сите други работи, а кога си баба или дедо, само си ги милуваш внуците“, признава госпоѓа Мирјана.

А внуците се сега и онака веќе големи.

Токму дента додека разговараме со Мирјана и Марина, дегустирајќи го сладоледот во новоотворениот маалски локал, постариот син Филип, имаше роденден и наполни 26, но бидејќи веќе девет месеци живее во Германија, очите на мајка му и баба му, беа полни со солзи.

Помалиот, Никола, е трета година на архитекрура, има 21 година и сѐ уште е во семејниот одбор за дегустација на производите на баба му и на дедо му, Мирјана и Бранко Ангелески, односно на нивните мармалади, а особено на производите на неговата мајка Марина Ангелеска која е мајстор и вистински „фанатик“ за куглофи.

Е токму нејзините куглофи, ама и декорациите со кои таа стана дел од „бизнис-тандемот“ Ангелески, кој од неодамна го брендираа како „M&M sweet delights“, беа повод за нашиот разговор.

Марина Ангелеска, снаата во оваа романтична приказна за снаа и за свекрва, е медицинска сестра која е одговорна за превенција на интерхоспитални инфекции во болницата „8 Септември“ кадешто работи целиот свој работен век. Таа сега не работи со пациенти, туку како надзор и едукатор на персоналот. Завршила висока школа за медицински сестри, а потоа и специјализација за медицински сестри во делот за ментално здравје.

Веќе 27 години е во брак со Игор Ангелески и исто толку, прва сосетка со свекорот и свекрвата во нивниот семеен дом во Тафталиџе 1.

Откако децата пораснале и неа и на сопругот им се намалиле обврските со нив и решиле да ја усмерат својата енергија во нешто корисно. Марина има афинитети кон дизајнот, па освен украсите што ги изработува за поголемите празници како Велигден и Нова година, се вклучила поактивно и во работата на свекорот и свекрвата кои во пензионерските денови пак почнале активно да се занимаваат со производство на мармалади, а особено се познати по својот превкусен мармалад од шипка.

„Почнав да се дружам повеќе со свекрвата и свекорот околу правењето на мармаладите, но не во процесот на правење на нивните производи, туку во пакувањето и декорацијата. Дојдовме до идејата да направиме поексклузивно пакување и ги направивме и првите кутии со по 4 теглички мармалад, како и декоративните гајбички кои се сега најмногу барани за детските родендени. За новогодишните празници ги спакувавме во лампиони, а неодамна имавме и нарачка од невеста, да ѝ доставиме теглички со мармалад декорирани за свадба, наместо вообичаените бонбони што се делат на вакви настани“, набројува Марина која од пред две години почна да се појавува со свекорот и свекрвата и на сите поголеми настани на кои се изложуваат и се продаваат производи на мали локални производители на храна, а нивните тезги станаа уште попривлечни, не само поради вкусот, туку и поради изгледот на производите. А тогаш се појавија и слатките куглофи, кои се веќе заштитен знак на Марина и на брендот Ангелески (Angeleski Sweet Delights). Секако, не станува збор за обични куглофи, туку декорирани и облечени во свечено руво соодветно на пригодата, ама и на различните вкусови.

„Во мојата фамилија, особено за Велигден и за Божиќ, мајка ми секогаш правеше куглоф, па јас откако се омажив ја продолжив оваа традиција и освен за дома, правев куглофи и ги носев кога одевме на ручек кај свекрва ми или кај мајка ми, ама почнав да носам и секаде кадешто одевме на гости. Така и луѓето се заинтересираа и почнаа да ме прашуваат дали правам и за продажба па ми дадоа идеја. Иако, кога ќе размислам, идејата за нешто посериозно произлезе откако пред 8-9 години бевме во посета на Музејот за куглофи во Сремски Карловци. Тогаш госпоѓата таму ми кажа и дека во градот организираат фестивал на куглофи, ама ние успеавме да отидеме дури годинава. Во меѓувреме, веќе почнав да правам куглофи за продажба, а стапив во контакт и со некои други кои се учесници на овој фестивал. Годинава бевме почесни гости од Македонија, но не и учесници“, раскажува Марина.

Вели дека, за разлика од претходните изданија на фестивалот кога имало голем број на учесници во натпреварувачкиот дел, сега имало само 7-8 излагачи, но сепак имало што да се види и што да се проба. Правилата наложуваат секој од учесниците да донесе готов куглоф на дегустација и откако жирито ќе одлучи кои се најдобрите три, следниот ден првите тројца ги прават своите куглофи пред публиката.

„Се запознавме со сите што беа таму, а меѓудругите, и со луѓето кои беа дојдени за фестивалот од Виена кадешто имаат своја слаткарница. И тие, но и повеќето други несебично ги споделија со нас своите рецепти кои се разликуваат од нашите прво по тоа што тие ги прават со квасец, а ние со прашок за пециво, но и по најразличните комбинации со кои дополнително ме инспирираа“, вели Марина.

Донела дома од сите вкусови, па периодот по Сремски Карловци, семејството Ангелески било зафатено со дегустации, секој ден, заедно со вообичаеното заедничко кафе на спратот на госпоѓа Мирјана и господин Бранко.

„Некои ги купивме, некои ни ги подарија, но донесовме најразлични куглофи и ги испробавме сите, семејно, како што секогаш правиме откако ќе направам нешто ново. И како и секогаш, секој од нас имаше свој фаворит. Мене најмногу ми се допаѓа белиот куглоф со брусница и со кајсија, на свекор ми му е омилен чоколадниот со вишни, на свекрва ми оној со јатките, а на Игор му се допаѓаат сите“, се смее Марина.

Таа искористила некои од овие идеи, некои ги искомбинирала по свое, па за последниот настан „Коктел на вкусови“, во организација на Слоу фуд Водно, во Паркот на франкофонијата во Скопје, направила четири вкусови во различни форми. Големи, средни и мали куглофи, оние во форма на мафини, но и најновите, во калапи кои отскокнуваат од другите затоа што наместо со форма на куглоф, се со форма на пирамиди.

Токму со овие пирамиди ѝ се случил и еден од ретките пехови.

„Првиот пат кога ги испробував калапите, само што ги наполнив и ги ставив врз шпоретот, ми се превртеа сите до еден. Шпоретот беше лом, а и трудот отиде во вода. Но тоа е, се случуваат понекогаш и такви работи. За среќа, тоа не е често. Имаше еднаш случај кога смесата почна да ми се прелева од калапот па сфатив дека наместо ванилин шеќер сум ставила две кесички прашок за пециво, а еднаш пак кога заборавив да ставам чоколадни капки во чоколадниот куглоф со вишни, па ја отворив рерната да ги додадам, сите ми се истурија и се разлеаја насекаде низ рерната“, признава Марина.

Кога има нарачки или пак се спрема за некој настан, таа има и асистент. Тоа е секогаш нејзиниот Игор кој е задолжен за сечкање на овошјето и за миење садови.

„Правењето на куглофи бара многу труд, тоа е производ кој не трпи  да стои долго, (ние им даваме рок од 7 дена), па мора да се прават во еден ден. Затоа ги правиме со здружени сили со сопругот кој ми помага и во пакувањето. Тоа е исто така дел од работата која зема доста време затоа што се трудиме нашите слатки деликатеси да бидат не само вкусни, туку и  впечатливи и убави и за око“, вели Марина.

Со оглед на тоа што и двајцата си имаат редовни работни обврски, гледаат да ги договорат нарачките за викенд, освен, се разбира, ако не станува збор за некоја посебна пригода и потреба на нивните муштерии. Кога треба да се испорачаат преку недела, ранобудната Марина, ги прави и ги пече пред работа, а ги декорира кога ќе се врати дома.

Таа ни откри уште еден интересен детал од нивната рутина со сопругот Игор.

Замислете, веќе 27 години, колку што прославиле деновиве, тие двајца стануваат во 6 часот наутро, пијат кафе и заедно појадуваат, а понекогаш преку недела, но за викенд задолжително, „вртат“ и карти, односно, играат барем три партии бриџ. Колку да им тргне денот!

Она што сега им е веќе редовна практика е да купуваат најразлични калапи за куглофи каде и да патуваат.

Што се однесува до меѓучовечките односи во семејството, уште еден доказ за тврдењето дека и снаа и свекрва можат да имаат хармоничен однос, се и семејните прослави. Во поширокото семејство сѐ уште се раскажува за прославата која снаата им ја подготвила на свекорот и свекрвата за златниот јубилеј од бракот, како и за онаа, за сребрениот јубилеј на Марина и Игор. Впрочем, во секое сложно семејство, постојано има убави изговори за убави собири, нели? Секако, тука не се сметаат оние секојдневните, околу масата кат подолу, кај Мирјана и Бранко, каде што покрај редовното попладневно кафе, се случува и дегустацијата на сите нови вкусови на куглофи и мармалади.