Водич за растителни млека: Кое е најдобро за кафе, а кое за колачи?

Фото: Pexels
73

За луѓето алергични на лактоза, како и за веганите, млеката од растително потекло се одлична замена за класичното млеко. Сепак, не се сите млека од растително потекло исти – еве кое е најдобро за кафе, а кое за колачи

Некои луѓе знаат дека се алергични на лактоза, но многумина сè уште не се тестирани, и доживуваат благи дигестивни проблеми по консумирањето кравјо млеко – од надуеност до дијареа. Отсекогаш нè учеле на училиште дека млекото е здраво за забите и коските бидејќи содржи калциум, витамин Д и Б12. Сепак, неодамнешните истражувања покажаа дека кравјото и козјото млеко имаат свои лоши страни. Прво, млекото од животинско потекло содржи холестерол, додека растителното млеко го нема. Исто така, мастите во млекото од растително потекло се различни: млекото од животинско потекло главно содржи заситени масти.
Откриено е дека конзумирањето млеко од животинско потекло може да предизвика низа симптоми кај лицата со нетолеранција на лактоза, а честото консумирање млеко е поврзано и со разни болести, главно поради зголемениот внес на заситени масти.

Затоа сѐ повеќе луѓе избираат млеко од растително потекло како здрава и полесно сварлива алтернатива на конвенционалното млеко. Во меѓувреме, понудата на овие производи на пазарот навистина порасна, па на полиците на секоја маалска продавница може да се најде растително млеко – често неколку видови. Меѓу најпопуларните се, на пример, бадемовото млеко, овесното млеко и млекото од соја. Секој од овие видови млеко има различен вкус и текстура – и не постои универзален одговор за тоа кое млеко е најдобро. Затоа за вас подготвивме мал водич за билни млека.

Бадемово млеко
Бадемовото млеко е едно од поскапите растителни млека, но добрата вест е што можете лесно да го направите сами – со накиснување и мелење на бадемите. Ова млеко е добар извор на мононезаситени масни киселини и витамин Е. Некои сорти на бадемово млеко се збогатени со калциум и витамин Б12.

Бадемовото млеко во споредба со другите видови млеко не содржи многу протеини, но поради својот состав е добро за здравјето на нашето срце. Исто така, доколку сакате да ги изгубите вишокот килограми, бадемовото млеко би можело да биде добар избор за вас бидејќи може да помогне во контролата на тежината. Имено, споменатите мононезаситени масни киселини кои ги има во изобилство во јаткастите плодови, наводно го поттикнуваат процесот на слабеење.

Каков вкус има бадемовото млеко?
Бадемовото млеко има малку јаткаст, слатко-горчлив вкус, лесно е, поводенесто и поретко од кравјото, па затоа е идеално за додавање во кафе, но и во микс за колачи. Исто така, одлично оди со житарките кои ги јадеме за појадок или за подготовка на пудинг.

Кој не треба да пие бадемово млеко?
Луѓето кои страдаат од алергија на бадем дефинитивно не треба да пијат ниту бадемово млеко – тие попрво треба да се свртат кон другите опции како овесно или оризово млеко.

Овесно млеко
Овесното млеко е меѓу најпопуларните видови растително млеко, а се прави на ист начин како и бадемовото – со натопување и мелење на овесот. Го избираат оние кои се алергични на лактоза, но и на јаткасти плодови или соја. За разлика од бадемовото млеко, овесното млеко содржи повеќе калории, но и повеќе протеини – точно 1,1 грам на 100 мл.

Треба да се напомене дека овесното млеко не е толку хранливо како самата овесна каша, но купеното овесно млеко често е збогатено со хранливи материи како што се калциум, калиум, железо, витамин Д, витамин А и витамин Б. Витамините од групата Б се важни за здравјето на нашата коса, нокти и кожа. Покрај тоа, редовното консумирање на овесно млеко помага при високи нивоа на холестерол во крвта бидејќи содржи бета глукан, а како добар извор на витамин Д и калциум, помага во одржување на здрави коски.

Каков вкус има овесното млеко?
Овесното млеко има позрнеста структура, поретко е и има малку посладок вкус од млекото од соја. Одличен избор за кафе е бидејќи од овесно млеко може да се направи погуста пена – особено во кремастата бариста верзија. Исто така, одлично се вклопува во смесите за палачинки или мафини. Од овесно млеко се прави и вегански крем за готвење.

Кој не треба да пие овесно млеко?
Се препорачува луѓето кои страдаат од целијачна болест да избегнуваат овесно млеко поради можна контаминација со зрна што содржат глутен. Покрај тоа, во споредба со кравјото млеко, овесното млеко содржи поголема количина на јаглени хидрати, па дијабетичарите кои го следат внесот на јаглехидрати треба да го имаат предвид тоа.

Млеко од соја
Разноврсната соја ја јадеме во различни форми, од соја снегулки до тофу, а млекото од зрната на оваа моќна мешунка добива сè поголема популарност. Вкусот на млекото од соја е прилично сличен на кравјото млеко, но има многу подобар состав – нискокалорично е и има 3,3 грама протеини на 100 мл и доволно од сите потребни амино киселини. Сојата содржи и изофлавони, за кои е познато дека успешно го намалуваат нивото на холестерол и шеќер во крвта и го намалуваат нашиот крвен притисок, но и ги ублажуваат симптомите на менопаузата.

Млекото од соја е добар извор на железо, калциум и витамин Б, кој е важен за нормално функционирање на нашиот нервен систем. Ефектот на соиното млеко врз здравјето сè уште се проучува, но засега со сигурност е познато дека сојата е генерално еден од најдобрите растителни извори на омега-3 масни киселини.

Каков вкус има млекото од соја?
Вкусот на млекото од соја е многу сличен на класичното млеко, особено она на поскапите марки, од линијата „не млеко“ или оние со повеќе додаден шеќер. Во незасладените верзии позабележителен е специфичниот јаткаст вкус на соја, кој за некои луѓе е преинтензивен, барем додека не се навикнат. Полесно е и позрнесто од полномасното кравјо млеко и може да се користи за сѐ за што вообичаено користиме млеко од животинско потекло. Ако правилно се загрее, млекото од соја ќе биде доволно кремасто за совршено лате или житарки за појадок – но бидете внимателни бидејќи прегревањето може да резултира со згрутчување. Павлаката од соја е исто така многу слична на класичната, но лесна верзија на павлаката за готвење.

Кој не треба да пие млеко од соја?
Јасно е дека луѓето кои се алергични на соја не треба да консумираат млеко од соја, но треба да внимаваат и оние кои имаат силни алергиски реакции на кравјото млеко, бидејќи можно е да се чувствителни на соја, која спаѓа во категоријата типични алергени. Исто така, луѓето кои имаат историја на проблеми со камења во бубрезите не треба да претеруваат со млеко од соја, а оние кои имаат зголемен ризик од рак на мочниот меур исто така треба да го избегнуваат.

Конечно, она на што треба да обрнете посебно внимание при изборот на млеко од растително потекло е додадениот шеќер. Во зависност од брендот на растително млеко, некои видови го содржат во поголеми количини за да го направат млекото повкусно – ова е особено случај со растителните млека со вкус, како што се чоколадното млеко од растително потекло или млекото од растително потекло со вкус на ванила. . Во секој случај, секогаш е подобро да се изберат верзии без додаден шеќер.