Војна за тартуфи: Собирач на најскапите печурки на светот раскажува за опасностите на професијата

Фото: Pexels
927

„Еднаш додека проверував дали може да се оди надолу по патот со џип, наеднаш пред мене се појави мечка. Се стаписавме и двајцата, ама фала Богу таа побегна на спротивната страна“, се смее нашиот соговорник, инаку, собирач на тартуфи кои ни раскажа како изгледа во реалноста оваа навидум лесна и исплатлива работа.

„Не чувствуваш кога ти поминал денот и кога си изодил толку колку што ти покажува мобилниот телефон. На пример, не си ни свесен кога си се нашол на врвот на планината или како ти се случило да останеш жив по блиската средба со некоја мечка, волк или откако ќе те искасапат рој ситни оси што живеат под земја, а ти веќе си почнал да ја губиш свеста“.

Ова ни го раскажа еден собирач на тартуфи од Скопје кој по една ваква незгода, односно, откако го нападнал рој мали оси, ѝ се јавил на сопругата само за да ја информира каде ќе можат да му го најдат телото, бидејќи, веќе почнало да му се стемнува пред очите од бројните убоди на осите. Сепак, зборувајќи со неа и следејќи ги нејзините инструкции – упорно да се движи и да зема длабоко кислород, успеал да ја надмине кризата и да се врати дома жив. Оттогаш секогаш носи со себе серум против алергија. Ова е само една од опасностите со кои се соочува тој на своите осамени прошетки низ шумите во потрага по овие скапоцени печурки.

Имено, за тартуфарството тој ни раскажа такви детали поради кои одењето по тартуфи повеќе не ни изгледа толку романтично како досега.

„Да, секогаш сте на воздух и имате редовна физичка активност, а притоа можете и добро да заработите. Притоа, се дружите и со вашиот миленик или миленици, оние кои се обучени да ги пронаоѓаат овие ароматични печурки (најчесто се тоа кучиња од расата Лагото Ромањоло), но тешко дека тие ќе ве спасат ако се соочите со некоја опасност во вид на диво животно или непријателски расположени колеги-таруфари“, вели нашиот соговорник.

Патем, ниту кучињата не работат без да имаат некоја полза па откако кучето го наоѓа местото каде што е скриен тартуфот и почнува да копа, сопственикот мора да награди со храна, дури и ако тартуфот што го нашол не е за јадење.

Меѓудругото, нашиот соговорник ни раскажа за своите две блиски средби со мечки кои, за среќа, како што вели тој, доколку не се почувствуваат директно загрозени, не ве напаѓаат.

„Еднаш додека проверував дали може да се оди надолу по патот со џип, наеднаш пред мене се појави мечка. Се стаписавме и двајцата, ама фала Богу таа побегна на спротивната страна“, се смее соговорникот.

Тој ни раскажа со што сѐ се соочил во својата долгогодишна потрага по тартуфи, не зборувајќи само за опасностите од средбите со диви животни и каснувања од инсекти, туку и за нефер односите од страна на колегите-тартуфари, честопати дури и од страна на оние на кои им помогнал да почнат со истата работа.

Имено, последните 5-6 години оваа дејност се шири, па има и сѐ повеќе собирачи, но дејноста не е регулирана за да се знае кој, каде, во кои делови од шумите, како и на кој начин ги вади тартуфите.

„Додека во светот се почитува правото на тартуфарите на одредена територија каде што токму тие први ги откриле тартуфите, кај нас тоа не е така. Јас досега несебично ги подучував оние кои беа заинтересирани за работата, им помагав, ги обучував, ги носев на терен, но сега веќе почнав да си задржувам за себе некои сознанија“, признава тој.

Вели дека не се ретки ниту заканите кои си ги упатуваат тартуфарите меѓусебе не само кај нас, туку и во регионот кадешто помеѓу тартуфарите има најразлични спорови, па дури и војни за територија.

Пред пред 2-3 години медиумите известуваа за убиството во градот Јарак кај Сремска Митровица, кога двајца браќа, собирачи на тартуфи беа убиени, а поради нивното убиство беа уапсени други двајца браќа. Причината била токму таа војна за територии со оглед на тоа што многу луѓе од овој град се занимаваат со собирање тартуфи во шумата близу градот.

И во соседна Албанија состојбата е слична и низ албанските шуми тартуфарите се соочуваат со закани, отруени кучиња и исечени стебла, вистинска војна околу тартуфите.

Тамошните, но и нашите тартуфари повеќето тартуфи им ги продаваат на трговците од Италија и Франција, каде што консумирањето на овие ексклузивни печурки е вообичаено, за разлика од нашето поднебје каде што многумина сѐ уште никогаш не слушнале за тартуфи.

Ваквиот начин на живот можеби звучи идилично: имено, ако се знае дека за килограм црни тартуфи дневно може да се заработи и до 50 евра, а белите тартуфи се барем трипати поскапи, но работата не е воопшто лесна.

Иако кај нас ситуацијата сѐ уште не е до толку заострена за да се убиваат меѓусебе или за да си ги трујат кучињата, сепак постои ривалство и непочитување на правото на територија по принципот кој прв ја открил. Недостатокот на прописи ги доведува во опасност и стеблата покрај кои растат тартуфите, како и самите тартуфи, заради невнимателните берачи.

Понекогаш за ова е виновна употребата на секири со кои берачите ги сечат корените на стеблата на кои инаку печурките растат и уништеното стебло повеќе не произведува тартуфи.

Исто така, секој тартуф треба да се ископа рачно, но само ако е доволно зрел, а кога ќе се извади тартуфот, таа дупка не треба да стои отворена, туку да се закопа, за да може на тоа место повторно да има тартуфи.

Во минатото имало многу занимања кои значеле поминување денови во шума во потрага по скапоцен плен, но многу малку успеале да ја достигнат вредноста на еден тартуф. Оваа печурка со статус на гастрономски деликатес е толку ценета што се продава дури и на аукции. На пример, најголемиот тартуф во светот, тежок 1,89 килограми, беше продаден во 2014 година на аукција организирана од Сотби во Њујорк за 61.250 долари.

Во исхраната обично се користат пет видови тартуфи, од кои најевтин е кинескиот црн тартуф, а најскап е италијанскиот бел тартуф. Станува збор за сезонски печурки, кои се појавуваат во различни периоди од годината. Белите тартуфи, кои се најскапи, растат од септември до јануари на 1 до 25 цм под земја и може да се најде во корените на дабовите, буките и лешниците.

Црниот тартуф расте во текот на летото до доцна есен и е еден од најчестите видови. Може да се најде на 1 до 10 цм под земјата во корените на лешник, топола, даб, бука и бор. Цените за килограм бели тартуфи во регионот велат дека се движи до 2.500 евра, додека црните тартуфи можеа да се најдат и по цена од 50 до 150 евра за килограм.

Секако, покрај желбата за собирање тартуфи потребно е и куче кое ќе ја намириса нивната специфична арома. Иако постојат неколку раси кои имаат, така да се каже, генетски предиспозиции за овој вид лов, омилен вид меѓу кучињата за наоѓање тартуфи е Лагото Ромањоло. За да добиете едно такво куче, според цените наведени во огласите на интернет во регионот, треба да платите од 150 до 800 евра, а во странство едно кученце може да ве чини од 1.900 до 2.400 евра. 

И тоа е само една од инвестициите. Дополнително, треба да се вложи време во обуката која игра пресудна улога кога е во прашање заработката, а потоа и во самата наплата.

Постои можност и да се одгледуваат тартуфи, но за тоа се потребни големи инвестиции, особено кога е во прашање времето. За да се создаде фарма за тартуфи, потребно е да се засади цела шума, а со овој вид на одгледување се експериментира со години низ целиот свет.