Време е за берба на маслинки! Здрави се за срцето, ја подобруваат меморијата, даваат енергија

99

Поради содржината на масни киселини, маслинките го регулираат нивото на холестерол и триглицериди, спречувајќи тие да се акумулираат во крвните садови. На тој начин ги штитат и зајакнуваат артериите и спречуваат појава на кардиоваскуларни болести.
Кога се берат маслинките и како се произведува домашно маслиново масло ни раскажа нашата пријателка од Хвар која со семејството има мало производство на маслиново и на масло од лаванда

Маслинките се богати со железо, витамини Е и А, натриум, калциум, влакна.

Маслинките содржат антиоксиданти, полифеноли и флавоноиди, кои имаат антиинфламаторно дејство.

Значи, можеме да кажеме дека маслинките се идеална храна за борба против слободните радикали кои ги оштетуваат здравите клетки во телото.

Нормално, истото важи и за маслиновото масло кое се произведува од нив.

Вистинското екстра девствено маслиново масло (EVOO) е вкусно, полно со антиоксиданти, и помага да се намали ризикот од срцеви заболувања, рак, остеопороза и уште повеќе од ова.

А токму сега, поточно од почетокот на октомври па до средината на декември, во зависност од сортата и зрелоста на маслинката, почнува нивната берба.

Нашата пријателка Ивка која со семејството живеее на хрватскиот остров Хвар и се занимава со производство на маслиново и на масло од лаванда, ни објасни кога се берат маслинките.

„Се бере само здраво овошје, а оптимално време за берење е кога маслинката е шарена (зелено-црвено-црна).

Промената на бојата е знак дека маслото почнало да се акумулира во плодовите.

На островот Хвар повеќето маслинари го берат плодот рачно со мали гребла, но покрај традиционалниот начин на берба, се повеќе прифаќаат и машинско берење.

Ние го береме на традиционален начин, со тоа што во бербата на маслинките учествуваат и роднини и пријатели, па спојуваме и работа и задоволство и времето на берба е обично и време за дружење“, се смее Ивка и продолжува:

„Преработката на маслинките следи веднаш по бербата.

Маслинките се чистат од стеблото и листовите и прво се пасираат, а потоа се цеди чистото маслиново масло со пресување на мелените плодови.
Оваа преработка на маслинки дава најквалитетни масла, екстра девствено маслиново масло и девствено маслиново масло.

Денес маслото се складира во стаклени или нерѓосувачки буриња на температура од 16-20 °C.
Овдешните маслинари учествуваат на меѓународни изложби каде нивните масла се наградени со титулата на едни од најдобрите во светот“.

И сето ова е добро ако имате среќа да живеете на едно вакво место и самите да си го правите своето маслиново масло.

Но, во нашиот случај, во градовите, а особено во Македонија кадешто производството на маслиново масло е речиси научна фантастика (иако, имаме светли примери за ова и за нив, поточно за Маја и за Никола, можете да прочитате ТУКА), како да знаете дека ја добивате вистинската работа, а не некоја фалсификувана мешавина?

Имено, кога ќе го пробате еднаш ова домашно цедено маслиново масло, ќе сфатите дека она кое ние го плаќаме како суво злато, нема многу врска со навистина девствено и чисто маслиново масло.

Особено и затоа што индустриски произведените масла, впрочем, како сите други производи, се далеку од оние домашните или од оние кои ги произведуваат малите локални производители.

За тоа како да го препознаете вистинското девствено маслиново масло, прочитајте ТУКА.

Зошто се здрави маслинките?

1. Ја подобруваат меморијата

Маслинките содржат полифеноли, супстанции кои го намалуваат оксидативниот (оксидативен) стрес во мозокот. Многу студии спроведени во Америка покажуваат дека секојдневното консумирање на маслинки ја подобрува меморијата за дури 25%.

2. Даваат енергија

Една шолја маслинки содржи 4,4 мг железо. Железото помага во синтезата на карнитин, аминокиселина која ги трансформира мастите во енергија. Покрај тоа, железото го зголемува нивото на хемоглобин во крвта.

3. Ги намалуваат брчките

Маслинките ги намалуваат брчките за 20%, бидејќи содржат олеинска киселина. Оваа мононезаситена масна киселина Омега-9 ја одржува кожата мека и здрава. Маслинките содржат и витамин Е, кој го подобрува здравјето на кожата.

4. Го намалуваат зголемениот апетит

Студија спроведена во Италија, покажува дека конзумирањето на 10 маслинки по оброк, го намалува апетитот за 22%. Мононезаситените масни киселини кои се наоѓаат во маслинките го забавуваат варењето и го стимулираат хормонот колецистокинин, кој е одговорен за испраќање пораки до мозокот дека организмот  е сит. Овие масни киселини, исто така, го стимулираат лачењето на адипонектин, супстанца што согорува маснотии 5 часа по нивното внесување во организмот, такашто маслинките се идеални за луѓе кои држат до витката линија.

5. Спречуваат кардиоваскуларни заболувања

Поради содржината на масни киселини, маслинките го регулираат нивото на холестерол и триглицериди, спречувајќи ги овие штетни материи да се акумулираат во крвните садови. На тој начин, маслинките ги штитат и зајакнуваат артериите и спречуваат појава на многу здравствени проблеми поврзани со кардиоваскуларниот систем.

6. Го елиминираат запекот

На луѓето кои имаат проблеми со запек им се препорачува да консумираат маслинки затоа што се богати со растителни влакна.

7. Ги намалува воспаленијата и болките

Поради присуството на антиоксиданси, маслинките делуваат како средство за ублажување на болката и намалување на воспалителните процеси во организмот.

8. Спречуваат рак

Антиоксидантното и антиинфламаторното дејство на маслинките имаат корисен ефект врз организмот, ги елиминираат токсините од телото и се борат против слободните радикали, а со тоа ги штитат клетките од малигни заболувања.

9. Ги намалуваат алергиите

Вклучете ги маслинките во вашата секојдневна исхрана, бидејќи на тој начин можете да ја зголемите отпорноста на вашето тело на разни алергии, или да ги ублажите нивните симптоми.

10. Ги чуваат очите

Една шолја маслинки содржи препорачана дневна доза на витамин А, неопходен за одржување на здравјето на очите, и за подобар вид, особено ноќниот вид. Маслинките штитат од појава на глауком, катаракта и други болести на очите кои се јавуваат во староста.