За пролив и мачнини повеќе не се препорачува вообичаената диета

Фото: Unsplash
3

Иако со децении се сметаше за прва помош при стомачни тегоби, лекарите предупредуваат дека ограничениот режим на BRAT-диетата (банани, ориз, пире од јаболка и тост), може дури и да го забави закрепнувањето

Популарната БРАТ-диета, која со децении се препорачуваше како прва помош при дигестивни проблеми, сè повеќе ја губи популарноста меѓу стручњаците. Иако долго време се сметаше дека оваа исхрана е еден вид „чудотворен лек“ за мачнина, повраќање и пролив, поновите сознанија покажуваат дека овој некогаш фален режим можеби е повеќе мит отколку медицински оправдана препорака.

Современите медицински ставови нагласуваат дека нема цврсти научни докази кои би ја потврдиле нејзината ефикасност, а поради ограниченоста, диетата дури може да го забави закрепнувањето.

Што е всушност БРАТ-диета?

Името БРАТ е кратенка од четирите намирници кои се основа на овој режим: банани, ориз, пире од јаболка и тост. На англиски, BRAT – Bananas, Rice, Applesauce, Toast.

Концептот се темели на внесување блага и лесно сварлива храна со малку масти и растителни влакна, за која се сметало дека треба да помогне во смирување на дигестивниот систем во текот на ден или два.

Оваа диета ја развиле педијатри уште во 20-тите години на минатиот век, а голема популарност стекнала во 60-тите години како стандардна препорака за деца и возрасни со акутен гастроентеритис. Се верувало дека овие намирници го смируваат желудникот и ја намалуваат зачестеноста на столицата.

Сепак, на почетокот на 2000-тите медицинските стручњаци почнале да ја преиспитуваат нејзината ефикасност поради очигледните недостатоци во хранливите материи.

Зошто лекарите повеќе не ја поддржуваат оваа диета?

Главниот проблем со БРАТ-диетата е нејзината исклучително сиромашна хранлива вредност. Иако целта е да се смири дигестивниот систем, целосното исфрлање на важни хранливи материи може да донесе повеќе штета отколку корист, особено ако диетата се применува подолго од еден ден.

Режимот кој се сведува на само четири намирници е премногу ограничен и не му ги обезбедува на организмот сите хранливи материи потребни за закрепнување.

Недостигаат протеини, здрави масти, растителни влакна, калциум, витамин Б12 и други важни витамини и минерали.

Токму овие хранливи материи се неопходни за обновување на клетките кои ја обложуваат цревната слузница и за повторно воспоставување на рамнотежата на цревниот микробиом по болеста. Нивниот недостаток може да доведе до недостиг на енергија и неухранетост, што дополнително го забавува закрепнувањето.

Педијатрискиот гастроентеролог д-р Дебора Дуро предупредува дека оваа диета не треба да се продолжи подолго од 24 часа по првата епизода на пролив, особено нагласувајќи го ризикот кај децата.

Американската академија за педијатрија повеќе не ја препорачува БРАТ-диетата за деца кои се опоравуваат од гастроинтестинални заболувања, бидејќи исхраната е премногу ограничувачка.

Препораките биле ажурирани уште во 2016 година, а истражувањата покажале дека децата кои продолжуваат со нормална исхрана соодветна на нивната возраст закрепнуваат побрзо од оние кои се ограничени исклучиво на намирниците од БРАТ-диетата.

Што да јадете кога имате дигестивни проблеми?

Иако БРАТ-диетата како самостоен режим повеќе не се препорачува, нејзините намирници и понатаму можат да бидат дел од исхраната за време на закрепнувањето.

На пример, бананите се богати со калиум, минерал кој е важно да се надомести по повраќање или пролив.

– И јаболките и бананите содржат вид растворливи влакна наречени пектин, кој го врзува вишокот вода, што може да помогне во зацврстувањето на столицата – објаснила гастроентерологот д-р Жаклин Волф за Harvard Health.

Обичниот бел ориз, исто така, содржи отпорен скроб, кој во цревата се однесува слично на растителните влакна.

Сепак, стручњаците се согласуваат дека не треба да се ограничувате само на овие четири намирници. Се препорачува што поскоро враќање кон балансирана исхрана, штом човек почувствува дека може да поднесе храна.

Покрај бананите и оризот, може да се јадат и други лесно сварливи намирници, како бистри супи, овесна каша, варен компир и морков, солени крекери и незасладени суви житарки.

Како што состојбата се подобрува, постепено може да се воведуваат и хранливо побогати, но и понатаму лесно сварливи намирници, како кајгана, варен зеленчук и пилешко месо без кожа.

При пролив и повраќање, еден од најважните приоритети е надоместувањето на изгубените течности.

Затоа треба да се внесуваат доволно течности – вода, незасладен чај, напитоци со електролити и супа.

За време на закрепнувањето треба да се избегнуваат кисела, пржена и зачинета храна, алкохол, кофеин, млечни производи и шеќер.

Промената во медицинските препораки одразува поширок тренд во нутриционизмот – наместо строгите и рестриктивни диети, акцентот се става на што побрзо враќање кон нормална и балансирана исхрана.

Целта е организмот да добие доволно хранливи материи и енергија за да се избори со болеста и полесно да закрепне.