За старата добра супа од коски: Зошто е толку здрава и како да ја направите?

Фото: Unsplash
3.083

Освен поради колагенот од коските кои за време на готвењето се разградува и формира желатин кој содржи аминокиселини важни за здравјето на зглобовите, супата е добра и за здравјето на дигестивниот систем, за слабеење, за функцијата на мозокот.

Чорбата од коски стана многу популарна во последно време, а причината за тоа е што се верува дека дава многу здравствени придобивки. Добрата стара супа од коски и денес се приготвува на ист начин како што ја подготвувале нашите баби – со повеќечасовно варење на тивок оган.

На социјалните мрежи се прошири нов тренд во кој луѓето своето утринско кафе го заменуваат со шолја топла супа од коски или ја пијат преку ден како ужина. Иако станува збор за тренд на кој популарноста постојано му се зголемува, придобивките од чорбата од коски ги знаеле и нашите баби. Оваа супа може да се подготви од секаков вид коски – телешки, свински, говедски, јагнешки, пилешки или мисиркини, па дури и од рибини коски. Супата од коски може да послужи и како одлична основа за варива, сосови или рижото. Подготовката на чорба од коски е многу едноставна – сѐ што ви треба е големо тенџере, вода, коски и малку оцет.

Можете да зготвите супа од коски во големо тенџере и да ја чувате во тегли во порции за секој ден.

Рецепт за супа од коски
Состојки:

2 килограми коски
4 литри ладна вода
2 лажици јаболков оцет
Свежо мелен пипер
Сол

Приготвување:

Ставете ги сите состојки во големо тенџере и варете додека не зоврие. Потоа намалете го огнот и оставете го полека да врие три до шест часа.

Колку подолго се готви, толку супата ќе има подобар вкус и ќе биде похранлива. Додавањето оцет во супата е многу важен чекор бидејќи оцетот помага да се извлечат што е можно повеќе вредни хранливи материи од коските. За да го збогатите вкусот, во супата можете да додадете зеленчук и билки, а најчесто се додаваат кромид, лук, магдонос, целер, морков, магдонос и мајчина душица. Подолу се дадени причините зошто супата од коски е толку добра за здравјето.

Содржи важни витамини и минерали
Во принцип, чорбата од коските е многу хранлива, а пропорцијата на хранливи материи во супата зависи од состојките што ги користите при нејзината подготовка. На пример, свинските или говедските коски се богати со калциум, магнезиум, калиум, фосфор и други елементи во трагови важни за градење силни коски. Рибините коски содржат јод, кој е неопходен за здравјето на тироидната жлезда и метаболизмот. Покрај тоа, коските содржат протеин колаген, кој се претвора во желатин кога се готви и кој содржи неколку важни амино киселини.

Добра е за дигестивниот систем
Докажано е дека желатинот од супата може да помогне за здравјето на дигестивниот систем бидејќи ја врзува водата и на тој начин помага сварената храна полесно да помине низ цревата. Дополнително, желатинот содржи глутамин, аминокиселина за која истражувањата покажаа дека може да помогне во одржувањето на функцијата на цревната слузница, што е особено важно за луѓето кои страдаат од воспалителна болест на цревата или синдром на пропустливи црева.

Го подобрува здравјето на зглобовите
Колагенот е главниот протеин кој се наоѓа во коските, тетивите и лигаментите. За време на готвењето колагенот се разградува и се формира желатин кој содржи аминокиселини важни за здравјето на зглобовите. Некои од нив се пролин и глицин, кои нашето тело ги користи за да изгради тетиви и лигаменти. Исто така, супата од коски содржи глукозамин и хондроитин, за кои бројни студии докажаа дека можат да ја намалат болката во зглобовите и да ги ублажат симптомите на остеоартритис.

Помага при слабеење
Желатинот од супата придонесува за чувството на ситост, па затоа редовното консумирање на супа може да помогне да се намали внесот на калории и да се намали телесната тежина.

Го подобрува спиењето и функцијата на мозокот
Аминокиселината глицин, која се наоѓа во супата, може да го подобри сонот и да ви помогне да се опуштите. Имено, резултатите од едно истражување покажале дека земањето глицин пред спиење значително го подобрува квалитетот на сонот кај луѓето кои имале проблеми со спиењето. Земањето глицин им помогнало на испитаниците да заспијат побрзо, да спијат подобро и помалку да се будат во текот на ноќта. Ова истражување исто така покажало дека глицинот ја намалува дневната поспаност и ја подобрува менталната функција и меморијата.