Здрава и ароматична салата од цвекло по американски рецепт

Фото: Pixabay
49

Лесно за одгледување и великодушно по род, цвеклото спаѓа во „задолжителната програма“ на нашите земјоделци. Можеме да го користиме на безброј начини; од сокови до освежителни и хранливи салати.

За овој вреден коренест зеленчук сме пишувале многу, но секогаш сме среќни кога ќе најдеме уште некоја комбинација која се уште не сме ја испробале.

Иако кај цвеклото може да се искориста и листовите на ист начин како блитвата или спанаќот, најчесто кај нас се употребува коренот кој е богат со витамин Ц и растителни влакна.

Витаминот Ц е моќен антиоксидант кој помага во заздравувањето на раните, додека влакната се неопходни за нормална работа на цревата. Покрај тоа, цвеклото содржи и фолна киселина, која е неопходна за производство на црвени крвни зрнца, превенција на болести и на дефекти на невралната туба (вродени дефекти).

Ситно изренданото свежо цвекло, со малку масло, оцет и сол, станува богата здрава салата, а подеднакво вреден е и свежо цедениот сок од цвекло, кој за подобар вкус може да се помеша со сок од морков или јаболко. Сепак, нашите домаќинки претпочитаат да прават класично конзервирано цвекло, кое ќе трае цела зима кога ќе се затвори во тегли.

Подолу ви пренесуваме рецепт за ароматичното „американско цвекло со цимет и каранфилче“, кое како вкусна и хранливо вредна салата ја препорачува Универзитетот Небраска-Линколн во рамките на својата едукација за исхрана.

Состојки:
1 шолјичка јаболков оцет
½ шолјичка вода
¼ шолјичка шеќер
¼ лажичка сол
1 стапче цимет
½ лажичка цели каранфилчиња
2 шолјички исечено, претходно сварени цели цвекла

Подготовка:
Во тенџере измешајте оцет, вода, шеќер, сол, цимет и каранфилче. Нека зоврие. Додадете го исеченото цвекло и варете 3 минути. Отстранете го стапчето цимет и фрлете го.

Цвеклото и течноста внимателно префрлете ги во чиста тегла. Затворете ја теглата и ставете ја преку ноќ на ладно место или во фрижидер (откако ќе се излади малку).

Важно е цвеклото да се одмори пред сервирање.

Исцедете го пред сервирање. Послужете во сендвич, во тортиља, како салата или како прилог. Остатокот чувајте го во затворен стаклен сад во фрижидер до четири недели.