Здрава торта со урми и банани: Рецепт без шеќер

Фото: Pixabay
263

Урмите и бананите се издвојуваат по својата сладост, па ја намалуваат потребата од додаден шеќер во рецептите за колачи. Со други зборови, тие се природни засладувачи, а богати се и со влакна и витамини.

Бананите го достигнуваат својот врв на сладост кога се зрели или кога ќе почнеме да забележуваме црни точки на нивната кора.

Наместо да фрлате храна, таквите банани секогаш можете да ги користите за похранлива верзија на десерти и колачи.

Кога ги комбинираме урмите и бананите, добиваме полн погодок во однос на слаткоста, што особено ќе им одговара на оние што сакаат слатко.
Еве еден рецепт што можете да го користите кога сакате нешто слатко, а содржи само природен шеќер.

Здрава торта со урми и банани
За оваа торта, освен банани и урми, ќе ви бидат потребни и добро познати состојки кои сигурно веќе ги имате во кујната.

Состојки:
1,5 шолјичка интегрално брашно
1 шолјичка урми
2 зрели банани
2 јајца
1/4 шолјичка стопено кокосово масло
1 лажичка екстракт од ванила
1 лажичка прашок за пециво
половина лажичка сода бикарбона
половина лажичка цејлонски цимет
1/4 шолјичка сечкани ореви
прстофат сол.

Приготвување:

Урмите прелијте ги со топла вода и оставете ги во водата 10 минути да омекнат.
Откако ќе омекнат, исцедете и ставете ги во блендер па изблендирајте ги во паста.
Загрејте ја рерната на 180 °C.
Калапот за печење покријте го со хартија.
Во поголем сад изгмечете ги бананите со вилушка, а потоа додадете ги јајцата, растопеното кокосово масло и екстрактот од ванила и соединете ги состојките.
Додадете ја пастата од урми во смесата и измешајте.
Во друг сад измешајте ги сувите состојки – брашното, сода бикарбоната, циметот, солта и прашокот за пециво.

Додадете сечкани ореви.
Постепено додавајте ги сувите состојки во влажните и соединете ја смесата.
Истурете ја во калапот за печење и печете до 50 минути.
Со чепкалка проверете дали колачот е печен, а пред послужување оставете го малку да се излади и по желба посипете го со дополнителен цимет.