Знаете ли кога настанал првиот сендвич?

Фото: Unsplash
65

Поради практичноста, сендвичите најчесто не придружуваат додека одиме на училиште, но и подоцна, кога ќе се вработиме, а особено се практични кога патуваме. Еве што сѐ дознавме за нив

Сендвичите постојат онолку долго колку што постојат месото и лебот, а своето име го добиле во 18 век по славниот гроф од Сендвич, кој сакал да ги јаде.
Сендвичите не придружуваат во текот на животот, ги јадеме во разни прилики. Колку сендвичи само јадевме на училиште за време на одмор или на училишните излети и патувања? Практични се затоа што можеме секаде да ги носиме со нас, а нивната сестраност е она што особено не воодушевува. Колку видови леб и печива можеме да користиме, а уште повеќе различни полнења – месо, сирење, зеленчук, вегански…

Богата и вкусна историја
Историјата на сендвичите е долга колку што постојат месото и лебот, кои честопати се јаделе заради практичност. Но, оваа вкусна закуска која сите ја сакаат го добила своето име дури во 18 век кога Џон Монтагу, четвртиот гроф од Сендвич (мал град во Кент) со задоволство јадел месо меѓу две парчиња леб, најчесто додека извршувал службени обврски.

Неговите современици виделе колку грофот од Сендвич ужива во овој вкусен оброк и трендот набрзо се проширил низ Лондон. Наскоро сендвичот станал тренд низ цела Европа, а набргу и низ целиот свет. Интересно, повеќето од светските јазици го имаат усвоено англискиот збор „сендвич“, па тој е еден од зборовите што го препознаваат говорителите на повеќето светски јазици.

Кој јаде канапка, а кој smörgås?
Но, има исклучоци, па Полјаците на пример си имаат свој збор и сендвичот им е канапка. Исто така, некои нордиски земји, покрај зборот „сендвич“, користат и свој. Така Швеѓаните сакаат да јадат smörgås, а за Финците тоа е kerrosvoileipä. Италијанците го имаат трамезини (но овој збор се однесува само на специјални триаголни сендвичи), Украинците и Русите јадат – buterbrod.

Иако најчесто ги јадеме некаде надвор од домот, во природа, поради практичноста, постојат вековни гастрономски традиции во кои сендвичот е една од главните ѕвезди. Така, на пример, англискиот чај во пет е незамислив без минијатурни сендвичи со краставици.

Кој е најскапиот, а кој најголемиот сендвич на светот?
Најскапиот сендвич на светот, кој е достапен во секојдневната угостителска понуда, е сендвичот Quintessential Grilled Cheese, кој се продава во Њујорк за 214 долари. Неговите состојки се леб направен со шампањ Dom Perignon и златни ливчиња, путер од тартуфи и многу реткото сирење Caciocavallo Podolico. За дополнителен луксуз, овој сендвич се служи со супа од јастог.
Според Гинисовата книга на рекорди, најголемиот сендвич во светот тежел 2467,5 килограми и е направен во Мичиген во 2005 година. Бил дебел 44 цм, долг 3,6 м и широк исто толку (3,6 м). Содржел 68 кг сенф, 468 кг солено говедско месо, 117 кг сирење, 240 кг зелена салата и 1618 кг леб! Не знаеме колку луѓе доброволно се пријавиле за да го изедат.