Зошто порано луѓето биле поздрави?! Наместо шеќер, користеле маџун, наместо лекови, чашка ракија секое сабајле

Фото: Фејсбук/Винарија Захарчеви
4.943

Ако постојано се прашувате зошто нашите претци биле поздрави од нас, една од причините е и тоа што наместо шеќер, користеле маџун, а наместо лекови, по чашка домашна ж’та за да им тргне денот. Велат дека со маџун ги хранеле и бебињата зашто сметале дека е хранлив како мајчиното млеко. Токму така го опишуваат својот маџун од семејната винарија Захарчеви чии членови со генерации ја одржуваат традицијата – го употребуваат буквално секаде каде што инаку се става шеќер или мед.

Дали има некој што никогаш не пробал маџун? Веројатно има, иако станува збор за производ кој е стар исто колку и лозарството и производството на вино во нашите краишта, а особено во Тиквешијата. А според археолошките истражувања во овој регион, одгледувањето на виновата лоза има традиција стара повеќе од 2000 години.

Искрено, до пред некоја година и јас немав поим што е маџун иако првите соседи ни беа кавадарчани. Ама тие одамна дошле во Скопје и имаа месарница, а не маџун. Дури подоцна кога поради работата почнав да одам во Кавадарци, на закројување на лозја, на гроздобер, на „Гроздоберче“, на панаѓур и на маскенбал, на пазар и на чорба и, се разбира, во посета на некои од малите семејни винарии, првпат, освен што јадев највкусно грозје, ја пробав најдобрата ракија, најдоброто вино и превкусни пишии, пробав и маџун. И не само што пробав, туку ја добив и првата тегла маџун која потоа дома ја користев како замена за шеќер и сфатив дека колачите со маџун навистина имаат неповторлив вкус.

Така што, што се однесува до мене, шеќерот можел да си остане скап и недостапен, ама маџунот да е достапен за сите. Денес, сите кои произведуваат маџун сѐ уште го користат и како природен засладувач за кафе, чај, па и за торти, слатка и колачи и го користат повеќе од медот. Ние останатите, за жал, повеќе го користиме на лажичка и како лек.

Кога станува збор за здравствените придобивки, маџунот е најдобар лек за жолтица, го чисти организмот од токсини, нечист воздух, нездрава храна и пестициди. Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај децата, за рековалесценти, возрасни, спортисти, лица со зголемен психофизички напор, како и кај оние со зголемено ниво на триглицериди. Особено е популарен кај мераклиите за пиење алкохол, токму поради препораката за користење од луѓе со нарушена функција на црниот дроб заради алкохолизам, прележана жолтица, цироза или прекумерна употреба на лекови.

Кога се користи како лек се препорачуваат 1-2 супени лажици дневно растворени во вода, чај, млеко или само така, без ништо, како што земаме на пример лажица мед, а секојдневната консумација ќе придонесе за подобрување на целокупното здравје.

Маџунот е природен антиоксидант, содржи гроздов шеќер (гликоза и фруктоза),  богат е со хидросолубилни витамини (В1, В2, Б6 и C), минерали (K, Na, Ca, P, Fe), танински материи, флавоноиди и органски киселини и велат дека е исто толку хранлив колку и мајчиното млеко. Затоа порано им го давале дури и на бебињата. Токму така го рекламира својот маџун и семејната винарија Захарчеви чии членови и понатаму, со генерации, го употребуваат буквално секаде каде што инаку се става шеќер или мед. Младиот Ѓоре Захарчев, кој речиси 16 години работи како информатичар во компанија во Скопје, си ја донел со себе и оваа навика која сега ја практикуваат и неговата сопруга и ќеркичката.

Секој слободен момент тој го минува во семејната винарија која е сместена во срцето на најлозарскиот крај во Македонија, во село Ресава, на Тиквешкото езеро, каде што неговиот татко е „задолжен“ за маџунот.

Имено, Захарчеви, освен ракија и вино, прават и околу 1500 тегли маџун годишно, но тоа сега, вели Ѓоре, е полесно од претходно затоа што вложил во големи садови од 750 литри во кои може да се направи наеднаш поголема количина. Сепак, тоа наеднаш, баш и не е наеднаш и за да се постигне густината на нивниот маџун од 72%, потребно е варење на тивок оган подолго време.

„Со згуснување на ширата од грозје на тивко и во него не се додава ништо друго“, објаснува Ѓоре.

Освен тоа, лозовите насади на Захарчеви се органски во преодна фаза, поточно, истите не се третираат со хемикалии, а ова го гарантира и фирмата која е задолжена за сертификација и прави редовна контрола со анализа на почвата, листовите и грозјето.

Така, нивниот маџун освен што е 100% природен производ без додаток на шеќер, адитиви и конзерванси, е и органски. Производителите велат дека се прави потешко од виното, но се исплати бидејќи е одличен природен лек кој изобилува со минерали, природни шеќери, антиоксиданти, од кои најпознат е ресвератролот. Главните придобивки на ресвератролот пак, се: антиоксидантната улога, заштита на срцето и кардиоваскуларниот систем, регулација на нивото на маснотии во крвта, антиинфламаторна улога, поддршка на когнитивното здравје и здравјето на мозокот, стимулирање на мускулниот развој, регулирање на нивото на шеќер во крвта.

И треба ли нешто повеќе за да сфатиме зошто овој стар производ станува повторно популарен, но овојпат не од немајкаде, зашто бил скап шеќерот, туку зашто конечно сфативме дека е една од причините поради кои луѓето порано биле поздрави отколку ние денес. Ако сте од оние кои постојано се прашуваат: „Како порано немало вакви болести“?! Епа ете, една од причините е и маџунот.