Василичарите од Боемска: Група скопјани ја враќаат хуманоста и традицијата во градот

Фото: Фејсбук
862

Здружение на граѓани од Скопје, во сабота (14.01.2023), на Василица, го организира својот прв настан на улица „Боемска“, на кој со чалгии греано вино и ракија и лепче со паричка, ќе се одбере кум за следната година, а сите средства кои ќе бидат собрани од настанот што е отворен за сите, ќе бидат наменети за хуманитарни цели

Здружение на граѓани со името „Василичари од Боемска“, формирано како иницијатива на Драган Арсовски Јајчар, сопственик на националниот ресторан „Чардак“ на Боемска, поточно 27 скопјани од различни профили, во сабота (14 јануари) на пладне го организираат својот прв настан со хуманитарни цели.

За да го оправдаат своето име и своите цели, а тоа е враќањето на традицијата и хуманоста во главниот град, тие го организираат својот прв настан како здружение токму на овој празник посветен на Свети Василиј Велики.

„Ќе се дружиме со македонската чалгија, греано вино и греана ракија. Добродејдени сте сите! Средствата кои ќе бидат собрани ќе бидат донирани за хуманитарни цели, поточно на социјално загрозени семејства“, вели Арсовски.

Според шеф Зоран Мајновски кој е еден од членовите на ова здружение на граѓани, планот им е на настанот да го изберат и кумот за следната година. Па така тие ќе си поделат меѓу себе 27 лепчиња од кои, се разбира, само едно ќе биде со паричка, а тој што ќе го добие, ќе биде кум за следната Василица. Во меѓувреме здружението ќе организира и други настани со хуманитарни цели, а локацијата ќе биде секогаш иста – Боемска улица.

Меѓу другите членови на здружението, освен кафанџии и готвачи, има и пејачи, бизнисмени и други граѓани.

Инаку, Василица се празнува во чест на Свети Василиј, а во житието за овој светец е и објаснувањето зошто се прави лепче со паричка токму на Василица, а не на Бадник.

Според свештениците на МПЦ, сѐ во православната традиција има смисла и има историја, па така и оваа традиција да се прави лепче со паричка на Василица, а  не на Бадник. Во времето кога свети Василиј Велики станал архиепископ Кесариски, епархот на Кападокија, кој бил алчен човек имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот. Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кесарија да ги донесат сиот свој накит и златници. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту пак го ограбил градот. Свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи што кому му припаѓа. Тогаш просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лепчиња за секој верник. Во секој од лебовите тој ставил малку накит и златници. На денот на Нова година, кога сите луѓе дошле во црква, тој секому му дал по едно лепче. Тоа што секој го имал најдено во лепчето било токму тоа што претходно го имал дадено, пишува во житието за Свети Василиј.

Традицијата поврзана со чудото што се случило се празнува меѓу православните христијани и ден денес, па оттаму и идејата на овие скопјани да ја вратат традицијата и хуманоста во срцето на градот.