Вино, храна, музика и џагор го исполнија битолскиот Версај

153

Викендов Битола беше главен град на Македонија и за промена, тука, во реновираниот бел дворец во центарот на градот се собраа луѓе од цела држава, гости и производители на вина и на деликатесни производи чија филозофија се совпаѓа со онаа на Слоу фуд и слоу вајн, а тоа е добра, чиста и правична храна, односно, добро, чисто и правично вино.


Цел живот слушав од мајка ми за Офицерскиот дом во Скопје каде што таа како млада одела на игранки, ама како што знаете, ние, постземјотресните генерации, никогаш немавме можност да го видиме. Објектот настрадал во скопскиот земјотрес во 1963 година. Наместо да се реконструира и да се реставрира, со одлука на тогашните власти, тој бил доурнат.Викендов „Арт кујна“ беше на винскиот салон во Битола кој се одржуваше во Офицерскиот дом во Битола. За него не ме врзуваат никакви спомени, ама слушајќи ги повозрасните битолчани, претпоставувам дека тој во нивниот живот има слично значење како она на Офицерскиот дом за скопјани.Овој битолски дијамант, според реакциите на битолчани кои беа дел од настанот, е повторно нивна гордост. Не навлегувам во тоа колку чинело и кој го реновирал, затоа што никој не го направил со свои пари, туку со пари од Светска банка и буџетски, значи, наши пари, па само ми е драго што е направен и што сега убавата Битола има уште едно место со кое може да се гордее. Битолчани пак, онака убави и стокмени, не заслужуваат ништо помалку од еден ваков бел дворец.Затоа и одлуката токму тука да се одржи третиот по ред вински салон во Битола во организација на Слоу фуд Македонија, е вистински погодок.

А во него викендов уживаше цела Македонија во мало. Во битолскиот Версај беа изложени најдобрите вина од малите семејни винарии ширум Македонија, како и деликатесни производи од голем број мали производители чија филозофија се совпаѓа со онаа на Слоу фуд и слоу вајн, а тоа е добра, чиста и правична храна, односно, добро, чисто и правично вино.

За оние кои не знаат, Слоу фуд е меѓународна, непрофитна организација со членови и подржувачи насекаде во светот, кои го поврзуваат задоволството и добрата храна со обврската кон нивната заедница и животната средина.

Тука беа многу наши стари пријатели и соработници, но и нови, некои кои првпат ги среќаваме, но подеднакво уживавме во сите нивни производи.

А битолчани и особено организаторот можат да бидат горди на својата манифестација која станува подеднакво важна како и двојно постарата скопска Винодонија.

На Slow Wine 2021 се претставија 30 винарии, 5 дестилерии и 10 производители на деликатесни производи, а винскиот гурмански викенд започна во петок (03.12 2021) со промоција на водичот Slow Wine 2021 во кино „Манаки“, кадешто во контекст на настанот беше одржана и проекција на филмот: Момчињата од Бароло.

Некои од приказните на учесниците на овој настан ќе можете да ги прочитате на нашиот портал.