Вкуснo како банана, невкуснo како тиква?! Кој не јаде, не знае што пропушта!

514

Во време кога сите зборуваат за здрава храна, да не се јаде тиква е навистина голем минус. И од каде ни останало во главата тоа дека кога нешто е вкусно е вкусно како банана, а кога не е, тогаш е како тиква?!

Ако сте повозрасни сигурно се сеќавате дека порано, кога ние бевме деца, не јадевме баш многу банани. Не се сеќавам кога станаа толку популарни и кога станаа најкупувано овошје кај нас, но знам дека мајка ми често кога ни нудеше печена тиква знаеше да каже дека е многу убава, дури поубава од банана! Не знам од каде ни е оваа споредба и асоцијацијата дека тоа што е вкусно и убаво е како банана, а она што не е, тогаш е „ко тиква“.

А тиквата е како „тиква“ само кога не е доволно блага, иако дури и тогаш можете дополнително да ја засладите со мед, цимет, оревчиња, суво грозје, каранфилче, или со нешто друго, варијантите се безбројни, како и нејзините здравствени придобивки.

Неправедно запоставената „домашна банана“ – тиквата, е одличен извор на витамини, минерали и други важни материи, особено во периодот кога нема многу свежо овошје, односно, во зима. А почнува со есента. А ако е како за почеток, првата печена тиква годинава е вистински погодок. Само штета, нема кој да ја јаде. Новите генерации не ја сакаат баш многу, па ако сакате да им ја подметнете, ќе треба да направите нешто со неа. Евентуално, колач или пита.

Наједноставната форма на подготовка на тиква е печење во рерна. Тогаш кората не се отстранува, а должината на печењето зависи од дебелината на плодот. Печената тиква прелиена со малку мед и поросена со цимет е исклучително здрав десерт. Тиквата, исто така, може да се користи за правење крокети, супи, чорби и варива. Содржи изобилство на витамини и минерали, богата е со влакна, особено со пектин, има малку калории и лесно се вари.

Здравствени придобивки

Тиквата е идеална храна за луѓе кои имаат проблеми со желудникот и цревата. Заради големата количина на влакна што ги содржи, помага против запек и ги ублажува проблемите со воспаление на дебелото црево.

Исто така е диуретик, затоа се препорачува за воспаление на уринарниот тракт, бубрезите и проблеми со жолчката. Помага и го намалува холестеролот во крвта, а исто така се препорачува во исхраната на оние кои страдаат од гихт или ревматски проблеми.
Денес е познато дека бета каротенот, со кој е богата тиквата, има повеќекратни заштитни ефекти врз нашето тело. Го блокира дејството на слободните радикали и со тоа директно спречува оштетување на клеточната ДНК структура, делува како силен антиоксидант, што значи дека го запира развојот на супероксиди и пероксиди. Дневната доза која му е потребна на организмот е од седум до 10 мг. Се користи превентивно, бидејќи го намалува ризикот од рак на грлото, хранопроводот, желудникот и грлото на матката.

Исто така, корисни се и семките од тиква

Семките од тиква се богати со здрави масти и содржат голем број корисни состојки: целулоза, пектин, фитостерол, фитин и салицилна киселина. Семките од тиква може да се грицкаат, да се додадат во колачи, во леб, печива или во салати. Исто така, путерот од тиква, кој се состои од блендирани семки од тиква, е исклучително здрав намаз, кој може да се користи наместо млечен путер или маргарин.

Од семките се прави и ладно цедено масло кое им дава на салатите особено богат вкус и е многу здраво. Има темно зелена боја и содржи есенцијални киселини: околу 45 проценти линолеинска, 25 проценти олеинска, 30 проценти палмитична и стеаринска, но и лецитин, кој е природен емулгатор кој ги чисти крвните садови.