Дали и колку е кокосовиот шеќер здрав избор?

Фото: Unsplash
482

Кокосовиот шеќер станува сè попопуларен во исхраната ширум светот поради некои, како што се смета, посебни нутритивни вредности, ама лекарите се јасни – шеќерот е шеќер и треба да го користите умерено.

Кокосовиот шеќер е поздрав, е слоганот на оние кои се обидуваат да го збогатат пазарот со уште еден сладок производ. И покрај тоа што овој вид шеќер има одредени нутритивни вредности кои му даваат предност во однос на класичниот бел шеќер од трска или репка, лекарите се јасни – шеќерот е шеќер и треба да го користите умерено.

Инаку, се смета дека кокосовиот шеќер има помали количини на сахароза и повисоки количини на минерали.

Кокосовиот шеќер е органски производ
Со собирање на сокот од цветот на кокосовата палма се добива кокосов шеќер, без рафинирање. Во овој шеќер, како што се тврди, нема адитиви, па затоа е органски производ. Шеќерот во форма на карамела потоа се суши па се дроби за да му се даде конечен изглед кој е сличен на жолтиот шеќер.

Помалку сахароза?
За разлика од обичниот бел шеќер, кокосовиот шеќер содржи околу 75 проценти помалку сахароза, со мали количини на глукоза и фруктоза.

Овие разлики се сепак минимални, што ги прави двата вида шеќер речиси исти – вели д-р Мајк Расел. Од друга страна, се тврди дека кокосовиот шеќер содржи повеќе цинк, калиум и магнезиум од јаворовиот сируп и од медот. Сепак, секогаш е подобро овие минерали да се внесуваат во телото од други намирници, наместо од шеќер, велат експертите. Ако се грижите за вашето здравје – избегнувајте шеќер. Предност дајте им на јаткастите плодови и немасните меса, кои секогаш се подобар избор. Д-р Расел тврди дека доматите ќе ги задоволат потребите за калиум подобро од шеќерот.

Оценка на гликемискиот индекс на кокосовиот шеќер
Исто така, уште една точка на конфузија во врска со кокосовиот шеќер е оценката на неговиот гликемиски индекс. Храната со понизок гликемиски индекс генерално се смета за подобар избор. Анализата на гликемискиот индекс на кокосовиот шеќер од страна на Институтот за храна и исхрана на Филипините открила дека кокосовиот шеќер има гликемиски индекс од 35, што го прави храна со „низок“ гликемиски индекс, што би значело дека е поздрава варијанта бидејќи стигнува до крвотокот побавно од обичниот шеќер.

Поновата анализа на Истражувачката служба за гликемиски индекс на Универзитетот во Сиднеј, која се смета за светски лидер во оваа област, забележува дека гликемискиот индекс на кокосовиот шеќер е до 54. Гликемискиот индекс на трпезниот бел шеќер е од 58 до 65.

Шеќерот е шеќер

Во суштина, шеќерот е шеќер, ако ви се допаѓа вкусот на кокосовиот шеќер, користете го, но умерено. Сепак, имајте на ум дека кокосовиот шеќер нема вкус на кокос. Повеќе наликува на кафеавиот шеќер, со вкус на карамела. Во 100 гр кокосов шеќер има 360 калории, а во 100 гр обичен шеќер 387 калории.