Еднодневен настан во Прилеп: Во главната ролја – македонското автентично биено сирење

370

Годинешното, четврто издание на биеналниот настан посветен на млекото, има за цел преку примерот на автентичното биено сирење кое ја отсликува нашата традиција и историја, да отвори дебата за важните прашања околу иднината на македонското сточарство и млекарство.

„МЛЕКО 2022“ е еднодневен настан кој оваа година ќе се одржи на 03 септември 2022 година во Прилеп под мотото „Како да се „бие“ млекото?“, а во организација на „Слоу Фуд Прилеп“ со поддршка од националната организација „Слоу Фуд Македонија“.

Станува збор за биенален настан, посветен на автохтоните млекодајни раси на домашни животни и млечни производи произведувани на семејните фарми, бачила, мандри и мали производства, чии претходни изданија се однесуваа на заборавените автохтони млечни производи (во Скопје, во 2014.година), пасиштата и регулативите (во Битола, во 2016) и на расите на млекодајни животни и козарството (во Скопје, во 2018).

Овогодинешното четврто издание има за цел преку примерот на автентичното биено сирење кое ја отсликува нашата традиција и историја, да отвори дебата за важните прашања околу иднината на нашето сточарство и млекарство.

На манифестацијата ќе присуствуваат сточари, млекари, мандраџии, експерти, претставници на институции, студенти и активисти од здруженија и сите оние што сакаат да им се слушне гласот, да презентираат и да уживаат во веселата дружба  и во различноста на вкусовите. Програмата на „МЛЕКО 2022“ ќе понуди изложба и пазар на сирења и други производи од преку 25 производители, панел дискусии, изложби, детско едукативно катче, културно-уметничка програма.

Настанот е можност да им се даде видливост на младите млекари, малите семејни сточарски фарми и нивните сѐ повеќе уникатни сирења и млечни производи.

Придонесот на Слоу Фуд во повторното „откривање“ на секторот  преку проширување на видиците за можностите кои постојат, варијантите на сирења кои може да се направат, трендовите на пазарот и побарувачката од потрошувачите, е од големо значење во промоцијата на различните региони, зачувувањето на традиционалните, но и надоградување на техниките за производство и зачувување на животната средина. 

„Ајде заедно да размислиме и да одговориме на прашањето како да се „бие“ млекото денес, со сите предизвици кои нѐ пресретнаа. Како да се произведе вистинско сирење со препознатлив вкус, а тоа да биде исплатливо и достапно за секого?“, велат организаторите.

Во сабота на 3 септември, паркот околу градскиот часовник во Прилеп ќе нуди повеќе од сенка и клупи за одмор.

„Бидете таму, на „зборното“ место. Заедно ќе „направиме“ МЛЕКО за паметење!“, порачуваат оттаму.

Настанот се реализира со поддршка на  Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Прилеп, како и со придонес на спонзорите и поддржувачи: „Концепт продукција“, „Евро стил“, “Горска вода“ и пекара „Маја“.

Повеќе за настанот „МЛЕКО 2022“ и за програмата, побарајте ТУКА.