За сите кои размислуваат локално, еколошки и иновативно

206

Здружението за социјални иновации  „АРНО“, испраќа последен апел до сите заинтересирани граѓани со претприемнички начин на размислување, оние кои размислуваат локално и „зелено” и  имаат сериозна намера  да отворат свој зелен бизнис, да аплицираат на натпреварот „Зелени идеи 2022”, најдоцна до 26 април.

„Од 2015-та година, АРНО го организира натпреварот „Зелени идеи“, преку кој ја поддржува зелената транзиција и придонесува кон имплементацијата на Европскиот зелен договор и глобалните цели на одржлив развој на Обединетите нации во нашата држава. Преку поттикнување и овозможување развој на зелените мали бизниси, придонесуваме кон општествено-економскиот развој на нашата земја и поддржуваме креирање на нови работни, места“, вели Ирина Јаневска, Претседателка на АРНО (здружение за социјални иновации).

Оттаму испраќаат последен апел до сите заинтересирани граѓани со претприемнички начин на размислување, оние кои размислуваат локално и „зелено” и  имаат сериозна намера  да отворат свој зелен бизнис, да аплицираат на натпреварот „Зелени идеи 2022”, најдоцна до 26 април.

Пријавите за натпреварот и сите информации поврзани со натпреварот, се достапни на веб-страницата: https://zeleniidei.mk/.    

Оваа година, за тројцата национални победници, АРНО ќе додели 3 преносни компјутери и поддршка од своите партнери: МКА2000, Македонија 2025 и Стопанската комора на Северо-западна Македонија. Тројцата победници ќе имаат можност да се натпреваруваат во две категории на регионален натпревар и да освојат 5.000 или 10.000 американски долари, во зависност од категоријата во која се натпреваруваат.

За оние кои не успеаја да учествуваат на претходните три работилници кои се наменети да им помогнат на  потенцијалните апликанти во развојот на нивните апликации, имаат можност да се пријават на четвртата, последна работилница, која ќе се одржи на 13 април,  со пополнување на пријавата на овој линк.

Повеќе информации во врска со натпреварот, можат да се добијат на 077 855 832  или на e-mail [email protected].

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој цела деценија поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Грција. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се во 2 категории за награди во висина од 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.   Здружението за социјални иновации „АРНО“, осма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 75 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) , „Вајс адитив“-прехранбен адитив со преработка на комиње (2020) и  „О-круг“ – производство на ароматизери и масла од отпадни кори од портокал (2021).