Кога сите правеле ајвар, таа направила вино

1.135

Нашата соговорничка Венера Гелебешева Крстиќ е пример дека винарството не е резервирано само за машкиот род. Напротив, денес има сè повеќе жени во светското, но и во македонското лозарство, а според нашата соговорничка речиси и да не постои винарска визба каде што нема жени енолози

Венера Гелебешева Крстиќ е познато име и лице во светот на виното, но ја запознавме лично дури откако се појави на годинешните вински салони во Скопје и во Битола со виното од својата винарија „Јостела“.

Според неа, кај нас речиси и да не постои винарска визба каде што нема жени енолози, а голем дел од нив се на водечки позиции, како главни енолози.

Во Македонија тоа последнава деценија е некако нормално, а веројатно се должи на тоа што, како што вели нашата соговорничка, жените се подобри организатори на производството, но имаат и поголем сензибилитет за виното.

Кога била тинејџерка и требало да се определи што ќе студира, како резултат на вообичаен тинејџерски бунт, наместо да го послуша татко ѝ кој бил енолог и се обидувал да ѝ ја пренесе љубовта кон виното, Венера сакала да биде нешто друго.

За среќа, бргу сфатила дека е веќе инфицирана од винскиот вирус и се запишала на Земјоделскиот факултет во Скопје, а потоа, бидејќи во тој период кај нас немало таков смер, отишла на постдипломски во Белград и таму магистрирала.

„Татко ми беше енолог во ‘Винојуг’, а потоа и во ‘Македонија вино’ и тој ми ја пренесе љубовта кон виното водејќи ме со себе на дегустации кои беа многу убави и опуштени настани на кои се запознавав со луѓето од тој свет, кои беа секогаш весели и расположени и на кои никогаш не се зборуваше за политика. Така ми влезе чивијата и после кратко ‘тинејџерско инаетење“ си го најдов својот професионален пат во светот на виното“, раскажува Венера.

Вели дека уште пред да поседуваат своја винарија и лозје таа го направила своето прво вино во домашни услови.

„Во Радишани имавме куќа, а грозје земав од Велес и наместо зимница, јас го направив своето прво вино, сосема сама, без опрема, но по книга, сè како што треба. Прв го проба татко ми и многу му се допадна па им дадов да го пробаат и на некои постари колеги кои исто така го пофалија, а особено ме охрабри еден од колегите кој ми беше во комисијата за магистратурата во Белград. Направив мала количина од 100 литри и го поделив со човекот од кого го земав грозјето бидејќи и нему многу му се допадна“, објаснува нашата соговорничка.

И така, додека сите правеле ајвар, Венера го направила своето прво вино.

Подоцна работела како енолог во повеќе винарии, „Попова кула“, „Фонко“ и во „Сковин“ каде што била главен енолог и директор на производство сè до септември годинава кога ја напуштила работата и решила да ѝ се посвети комплетно на семејната винарија „Јостела“ која постои веќе 16 години.  

„Татко ми ја направи винаријата кога се пензионираше во 2005 година. Се повлече во Гевгелија, каде што имаме земја, подигна лозови насади, докупи земја и изгради винарија. Се регистрираше  како производител на вино, отвори фирма и она што почна како хоби, прерасна во сериозна работа. Јас велам, винарството е скапо хоби. Од 2018.година тој веќе не можеше да работи па се вклучивме јас и син ми кој е исто така енолог. Односно, сè уште студира, но веќе одработи четири берби, па може да се каже дека е веќе искусен. Кај нас работниот стаж се мери во берби, а јас имам изработено повеќе од 20 берби и секоја е приказна за себе. На пример, во производството на пиво се знае точно што се става, додека со виното е секогаш различно од причина што е секогаш различно и грозјето, како и времето на бербата, а има и најразлични сорти на грозје“, вели таа.

Нејзиниот татко кој е оснивач на „Јостела“ починал пред една година, па таа како втора генерација и нејзиниот син како трета, ја продолжуваат неговата работа со голема љубов и посветеност.

Венера вели дека нејзиниот син се консултира со неа околу некои моменти, кога не е сосема сигурен за некоја постапка бидејќи, како што вели, виното е жива материја и додека трае ферментацијата на грозјето треба секој ден да се пробува.

Во винаријата чие име е кованица од имињата на тројцата внуци на татко ѝ, Јована и Елена, ќерките на нејзиниот брат и нејзиниот син Стефан, додека татко ѝ работел сам, се правело само црвено вино.

„Во оваа визба нема бело вино, велеше татко ми.  До 2018.правевме само црвено вино, зашто татко ми не сакаше бело. Потоа почнавме со розе, околу 2007.година, кое го правевме од наше лозје, каберне франк, по технологија за бели вина. Имено, розето се прави така што веднаш по гмечењето и мелењето на грозјето се дели ширата од семките и лушпата и на тој начин се добива светла боја, значи се обојува само малку и оди на ферментациј како и секое вино, ама нема комиње, туку е чиста шира. Од 2018.почнавме да правиме и бели вина“, објаснува таа.

Според Венера, Македонија е меѓу државите во кои има сè повеќе жени- енолози жени, па можеби дури и повеќе од мажи.

„Тука нема машка или женска работа, бидејќи енологот не е човек што работи во подрумот, туку е стручен човек, на некој начин научник и во оваа работа се важни знаењето и сетилата, а познато е дека жените имаат подобри сетила за вкус и мирис, можат полесно да препознаат ароми во виното, да препознаат и многу порано да ги детектираат евентуалните маани и се навистина добри енолози“, тврди нашата соработничка.

Освен вино, Венера прави и ракии, но засега тие се само за домашна употреба.

„Документацијата за производство на ракии е пообемна и планирам да ја почнам  постапката после Нова година, но како хоби и за домашна употреба веќе експериментирам со различни вкусови. Не може визба без ракија, а бидејќи ние немаме преса со која би извлекле повеќе од грозјето, од 1 килограм грозје добиваме само пола литар вино, па би било штета да не го искористиме остатокот за правење ракија. Мене ми е интересно да експериментирам со други стилови, па освен класична гроздова ракија, правам и траварица, ракија од дуња, шери ликер.

Правењето ракија од дуњи е потежок процес, но затоа се добива многу интересен вкус. Траварицата пак е во основата лозова ракија во која додавам микс од етерични масла кои ги купувам од Далмација. Сите состојки се природни и ги набавувам од моите пријатели таму кои произведуваат етерични масла и кои ми го дадоа и рецептот за траварицата“, објаснува Венера.

Во семејството Гелебешеви-Крстиќ се пие вино секој ден, задолжително за ручек, без оглед дали на менито имаат печено месо или само посен грав.

Кога оди некаде на гости сите очекуваат од неа да донесе вино и, се разбира, таа секогаш носи вино од својата винарија, но ако ѝ побараат совет за некое друго вино, исто така знае да препорача и вина од други винарии.

Самата најмногу ја сака комбинацијата на печено јагнешко месо и некое добро  барикирано вино.

Иако не учествувала со своите вина на вински натпревари, се гордее со нивното куве барик.