Готвачот Давиде Тамбурела сметал дека додавањето ананас на пица е „навреда за неговата култура“. Ова било третпат во четири години да одбие да подготви таква пица. Инцидентот се случил во ресторанот „Ла Коста“ во Бризбејн, Австралија.
Италијански готвач во Австралија останал без работа откако одбил да подготви пица со шунка и ананас, образложувајќи дека ставањето ананас на пица е навреда за неговата култура. Давиде Тамбурела бил отпуштен во мај од ресторанот „Ла Коста“ во Бризбејн, кој во меѓувреме престанал да работи, а случајот завршил пред австралиската Комисија за правични работни односи.
Според документите од постапката, одбивањето да ја подготви пицата било една од причините за незадоволството на раководството од неговото однесување. Тамбурела претходно имал состанок со менаџментот, на кој му биле посочени повеќе забелешки, меѓу кои и неговиот начин на комуникација, користењето вулгарен јазик и честото покажување фрустрациии на работното место.
Во однос на ананасот, Комисијата забележала дека ова не бил првпат готвачот да одбие да го користи овошјето. Во изминатите четири години тоа го направил трипати, а во една прилика дури побарал од својот шеф да провери колку е важно за Италијанците да не ставаат ананас на пица.
Тамбурела тврдел дека наредбите од раководството не мора да се почитуваат доколку се навредливи за неговата култура. Неговото убедување дека ананасот на пица претставува навреда за италијанската традиција било забележано и во одлуката на Комисијата.
Интересно е што ресторанот се наоѓал во Квинсленд, австралиската сојузна држава која важи за центар на производството на ананас во земјата. Таму се наоѓа и познатата туристичка атракција „Големиот ананас“ – 16 метри висока фигура од фиберглас, покрај која посетителите редовно се фотографираат.
Случајот има и други детали. Во април, готвачот ги скршил коските на десната рака удирајќи во метална ограда на работното место. Тој се надевал дека ресторанот ќе му помогне да добие работна виза за квалификувани работници, која би му овозможила постојан престој во Австралија, но по отказот постапката за спонзорство била прекината.
По отпуштањето, Тамбурела поднел жалба тврдејќи дека бил неправедно отпуштен. Сепак, Комисијата ја отфрлила неговата жалба бидејќи била поднесена по истекот на предвидениот рок. Управниот директор на ресторанот, Елиот Инграм, за „Дејли мејл“ изјавил дека во приказната има „многу повеќе од еден додаток за пица“.
Според неговиот профил на LinkedIn, Тамбурела сега работи во друг ресторан во Бризбејн, во чија понуда, барем според проверката на Би-Би-Си, нема пица со ананас.