Македонците ја „освоија“ Диоклецијанова палата: на сладолед со тартуфи кај Дејан Карапеев

1.526

Гордана Гарбин и Дејан Карапеев се скромни, па не си ги придаваат себеси сите заслуги за успешноста на рестораните во кои се партнери, но ние не можеме да не се чувствуваме горди затоа што двете локации кои се на највисоките места на листата на Трип адвајзер се поврзани со Македонци. А да не зборуваме за најновата иновација на шеф Дејан – домашниот сладолед со тартуфи!

Замислете, се шетате низ Диоклецијановата палата во Сплит и доаѓате до најголемата тераса во која се сместени фајн дајнинг ресторанот Портофино и Коноба Корта и каде што, освен што можете да наслушнете дека некои од келнерите се Македонци, а тоа секако повеќе не е воопшто некоја реткост, Македонци се и нивните сопственици.

Имено, ресторанот „Портофино“ го држи неготинчанката Гордана Гарбин, инаку мажена за Далматинецот Денис Гарбин, а скопјанецот Дејан Карапеев е косопственик и шеф на кујна на Коноба Корта.

И згора на се, нивните ресторани се на врвот од листата на најдобрите на Трип адвајсер. А тие двајца, онака скромни, не си ги придаваат себеси сите заслуги за успешноста на рестораните во кои се партнери. И точно, можеби не е работата во тоа што станува збор за Македонци, бидејќи, половина од работата завршува и преубавата локација, ама не може да заборавиме дека и сите останати ресторани, коноби, кафулиња се наоѓаат во истиот убав град на море, па не се толку горе на оваа листа на најдобри локали на сајтот Трип адвајсер, а освен тоа, ете, едноставно не можеме да ја зауздаме гордоста што овие две омилени места на туристите во овој град се поврзани со Македонци.

Инаку, станува збор за околу 500 ресторани, кафулиња, барови во Сплит, па вие видете дали имаме основа да се гордееме со овие успешни Македонци или не.

Патем, тие дефинитивно го заслужуваат тоа, а на иновативноста и умешноста на шеф Карапеев, навистина им нема крај. Овојпат не изненади со нешто ново, па заедно со прекрасниот колач со рогач кој до сега го немавме пробано, не почестија и со нешто сосема ново на нивното мени: домашен сладолед со тартуфи. Ама не од оние лажните за кои ќе пишуваме деновиве,, туку со вистински, одлично искомбинирани во овој вкусен домашен сладолед каков што одамна не сме ималче можност да пробаме. Зошто? Па токму затоа што е домашен, без вештачки додатоци и ароми, подготвен токму тука, во кујната на Коноба Корта каде што Дејан се вложува комплетно, а со своите 32 години е навистина достоен за восхит. Токму така за него зборува и еден од новите келнери кој летово за првпат доаѓа да работи во Хрватска, Бесим, Турчин од Скопје, патем и дипломиран економист на смерот за менаџмент.

Приложуваме фотографија од послужените деликатеси по стариот добар терк: „Пред“ и „После“.