Меки, а крцкави: Лиснати кифлици за кои треба малку повеќе време, ама додека ги јадете, ќе заборавите на сѐ

770

За овие кифлици треба да сте малку потрпеливи или да сте голем гурман, како нашата читателка која ни ги испрати фотографиите и рецептот

Некои домаќинки бегаат од рецепти кои се спремаат долго, без оглед на резултатот, додека други, оние кои се потрпеливи и вистински уживаат во готвењето и месењето за своите најблиски, а згора на тоа се и големи гурманки, не бегаат од ништо.

Една од нив е и нашата Лихнида Дамовска која ни го испрати и овој рецепт и фотографиите за нејзините вкусни, како што вели, ем меки, ем крцкави лиснати кифли.

Состојки:

800 г брашно, плус 2 лажици за поросување во садот

500 мл топло млеко

1 сув квасец

1 лажица шеќер

1 лажичка сол

2 жолчки

3 лажици кисела павлака

За премачкување на корите:

150 г путер (благо растопен)

Плус 1 жолчка за премачкување

Приготвување:

Замесете тесто од состојките. Многу е меко и лепливо, но такво треба да биде, Месете го кратко, колку да се впие млекото, а потоа оставете го да се одмори 15 минути. Потоа месете го убаво околу 3 минути и оставете го да надојде еден час.

Поделете го на 8 топчиња, покријте ги со крпа и оставете ги да одморат 15 минути.

Расукујате ги едно по едно на големина колку голема чинија и секоја кора премачкајте ја со растопениот путер и редете ги една врз друга. Не ја мачкате само последната кора.

Ставете ја во фрижидер на 15 минути.

Потоа исукајте една голема кора и исечете ја на 32 парчиња. Направете од нив кифли и оставете ги да нараснат 40 минути.

Премачкајте ги со жолчката и наросете ги со сусам и печете ги на 180 степени околу 30 минути.