Направете брашно од наут

Фото: Unsplash
1.167

Брашното од леблебија од кое се прави традиционалното лепче наутлија, станува сè популарно и сè почесто се користи во многу рецепти.

Брашното од наут кај нас досега беше најмногу познато по она традиционално лепче наутлија, но во последно време станува сè попопуларно. Особено затоа што не содржи глутен, богато е со јаглехидрати и протеини, железо, магнезиум и фосфор и витамин Б6, а се користи за приготвување на многу вкусни јадења и десерти. Ова брашно можете да го најдете во подобро опремени продавници за здрава храна, но лесно можете да го направите и сами дома, што е секогаш поздрава и повкусна опција. Сè што ви треба е наут, шпорет и силен блендер за мелење.

Постојат два начина за правење брашно – едниот со сушен наут, а другиот со натопен и исушен наут.

Првиот метод

Доколку купувате сушен органски наут кој не е прскан со пестициди, тогаш овој метод е супер брз начин за правење брашно.

Едноставно ставете ја саканата количина наут во мелница за кафе, или појак блендер и сомелете ја во ситен прав. Брашното се просејува за да се отстранат деловите кои не се иситниле, а потоа повторно смелете ги тие грутчиња. Чувајте го брашното во тегла, по можност херметички затворена, на суво и темно место до два месеци.

Вториот метод

Овој метод е подолг, иако времето на практична работа е речиси идентично. Пред да се направи брашно, наутот треба да се исчисти и да се натопи во вода. Така ќе се отстранат остатоците од штетните пестициди, а потопувањето исто така ја зголемува хранливата вредност и го олеснува варењето.

Наутот измијте го, а потоа натопете го преку ноќ во вода (најмалку 8 часа, а можете и до 24 часа). Задолжително покријте ги со доволно вода бидејќи наутот ќе набабри 2-3 пати од првобитната големина. Потоа исцедете го и исушете го така што ќе го ставите на плех во рерна загреана на 50 степени,

Околу 8 часа. Зрната треба да бидат целосно суви пред да ги сомелете, во спротивно ќе добиете каша, а не фин прав.

Кога наутот целосно ќе се исуши, постапката на мелење е иста како кај првиот метод. Мелете ги во електрична мелница за кафе или во силен блендер. Просејте го брашното низ ситно сито за да ги отстраните грутките. Неизмелените делови повторно сомелете ги и просејте ги додека не добиете фин прав. Откако ќе го добиете финото брашно, префрлете го во стаклена тегла и чувајте го до два месеци.