Не е важно само што, туку и од што јадете

Фото: Unsplash
401

Пластиката, бакарот и алуминиумот се високо реактивни и не се препорачливи ниту за готвење, ниту за чување на храна. Прочитајте кои садови за готвење и за јадење се умерено реактивни и нереактивни и целосно безбедни

Една голтка од пластична чаша – и знаете дека пиете повеќе од чај. Иако чашата изгледа стабилно, не е така. Дали некогаш сте забележале дека сувото овошје, кое долго време останало во пластична амбалажа, добило вкус на пластика? Тоа е затоа што јоните од храната и јоните од пластиката почнуваат меѓусебно да реагираат. Избегнувајте да додавате токсини во вашата храна. Ова се упатства за избор и употреба на здрави садови. Тие ќе ви помогнат да останете во добро здравје и да го подобрите вкусот на храната.

Следниот пат кога ќе купувате садови за вашата кујна, размислете за реактивноста на садовите и кујнскиот прибор и кога е можно, изберете инертни или нереактивни садови. На второ место се наоѓаат садовите и приборот од умерено реактивен материјал. Секако, ако сте во можност, избегнувајте ги оние од високо реактивен материјал.

Не е без причина тоа што во хемиските лаборатории се користат само стаклени и керамички епрувети, каде што материјалот на епруветите не смее да влијае на резултатите од експериментот. Стаклото и керамиката се инертни и нереактивни.

Реактивност на храната

Реактивноста е тенденција на соединението хемиски да реагира со други супстанции или со себе, со што се ослободува енергија. Храната и садовите можат да реагираат едни со други. Температурата влијае на реактивноста. Кога храната е топла, таа реагира многу побрзо отколку кога е ладна. Покрај тоа, некои видови храна се пореактивни од другите.

Мрсното, киселото и водата реагираат со садовите многу побрзо. На пример, обичниот ориз не е толку реактивен, но оризот зготвен со масло, домат и оцет може многу побрзо да ги апсорбира туѓите јони. Затоа квалитетните масла и оцетот се продаваат исклучиво во нереактивни стаклени шишиња.

Не мора целосно да се ослободите од пластиката. Но, сигурно ќе најдете начини да ја намалите употребата на реактивни садови во вашата кујна. Се надеваме дека оваа информација ќе ви помогне да изберете квалитетни и здрави садови за вашето семејство.

Реактивни садови не се препорачливи

Нелепливите садови содржат пластични полимери (единствениот исклучок е силиконот). Со загревање на тефлонска тава на температури од 260 до 350° C, полимерите испуштаат отровни испарувања, кои се смртоносни за домашните птици, канаринците и папагалите и секако не се здрави за луѓето.

Нелепливите садови се појавија на пазарот во 1944 година. Претходно, за да се избегне лепење на храната, готвачите користеле повеќе вода или повеќе маснотии и готвеле на пониска температура. Ова може да се применува и денес. Ви препорачуваме да избегнувате тефлонски тенџериња и кујнски прибор од тефлон.

1. Алуминиум

Алуминиумските садови испуштаат алуминиум во храната, што е опасно по здравјето. Лиениот алуминиум е постабилен од обичните тенки алуминиумски садови. Избегнувајте алуминиумска фолија. Наместо да ги печете компирите во алуминиумска фолија, испечете ги директно на скара или во огноотпорен сад со капак. Нов тип на алуминиум – анодизиран алуминиум (алугус) е нереактивен и доста издржлив. Меѓутоа, ако го изгребете, алуминиумот станува реактивен. Затоа, не се препорачуваат анодизирани алуминиумски садови за готвење.

2. Бакар

Предноста на бакарните садови е тоа што добро ја спроведуваат топлината. Ова овозможува рамномерен распоред на топлината при подготовка на храната. Бакарните садови за готвење брзо се загреваат и се ладат, што овозможува совршена контрола при подготовката на храната. Добрата топлинска спроводливост на садовите е многу важна при динстањето.

Бакарните садови за готвење имаат два недостатоци. Тоа е нивната цена и високата реактивност. Бакарот, алуминиумот и леаното железо се реактивни, што значи дека брзо реагираат со храна, особено со кисела храна, ослободувајќи метални јони во храната. Таквите јадења можат да го расипат вкусот и бојата на храната, а да не зборуваме дека внесувате премногу метал.

3. Пластика

Реактивноста на пластиката зависи од нејзината структура. Колку е помека и пофлексибилна, толку е поголема нејзината реактивност. Така, пластичната кеса реагира многу побрзо со храната отколку цврстите пластични садови. Поливинил хлоридот кој се наоѓа во пластиката го ослободува токсинот DEAH кој разорно влијае на работата на хормоните. Исто така, пластиката содржи фталати, кои се акумулираат во ткивата и ги оштетуваат црниот дроб и белите дробови. При тестирање на животни, фталатите ѝ штетеле на репродуктивната функција. Излачувањето на фталати од пластиката во храната се зголемува под механичко влијание (свиткување, притисок, џвакање), под влијание на растворувачи (масти, масло, плунка) и високи температури (над 30 ° C).

Умерено реактивни садови за готвење – добар избор

1. Нерѓосувачки челик (инокс)

Нерѓосувачкиот челик е најмалку реактивен метал. За многу луѓе, садовите за готвење од нерѓосувачки челик се универзален и здрав избор. Од широката палета на садови од нерѓосувачки челик, најдобри се тенџерињата со подебело дно или садовите од хируршки челик. Неодамна, се појавија многу видови садови за готвење од нерѓосувачки челик, вклучувајќи тенџериња, тави и тепсии.

Веднаш по готвењето извадете ја храната од тенџерето за да не добие метален вкус. Доколку челичниот сад се изгребе (по чистењето со жица за садови), сѐ повеќе се забележува ослободувањето на металните јони. Најдобро е челичниот прибор воопшто да не се риба. Ако храната е загорена, ствете во тенџерето сода бикарбона или силно средство за чистење и оставете го тенџерето неколку часа. Сода бикарбоната ќе ја „одвои“ изгорената храна од површината на тенџерето.

2. Јаглероден челик

Јаглеродниот челик е прилично евтин и е идеален материјал за вок и за тава за пржење бидејќи добро ја спроведува топлината. За да не рѓосаат садовите, задолжително добро исушете ги и чувајте ги на суво место.

3. Гус (леано железо)

Приборот од леано железо е добар за правење палачинки и колачи и за динстање зеленчук. Не подготвувајте супа или каква било течна или кисела храна во садови за готвење од леано железо, бидејќи таквата храна реагира со железните јони.

Инертни и нереактивни садови – одличен избор

1. Емајлирани садови

Емајлот е всушност стакло, „залепено“ за метал со технолошки процес. Постојат неколку марки на квалитетни емајлирани садови, како што се Le Creuset, Chantal итн. Единствениот недостаток е што квалитетните емајлирани садови се прилично скапи. Но, ако добро ги чувате, квалитетните емајлирани садови ќе траат со години, додека евтините емајлирани садови кои имаат многу тенок слој на емајл брзо ќе пукаат. И затоа едноставно не вредат за вашите пари. Кога емајлот ќе пукне, тој ќе го најде својот пат во храната, а металот под емајлираниот слој ќе реагира со храната. Затоа, доколку имате можност, купете поскапи и поквалитетни емајлирани садови.

2. Стакло

Стаклото, како огноотпорни садови за печење, се инертни и достапни. Дефинитивно го препорачуваме стаклото како здрав избор за кујната.

3. Бамбус

Лажиците за мешање и стапчињата за јадење од бамбус или кое било друго дрво се нереактивни, здрави и достапни.

4. Глинени и керамички садови

Глинените и керамичките садови се инертни. Покрај тоа, тие испуштаат најздрава топлина за подготовка на храната, која исто така им дава на јадењата цела палета на добри вкусови. Ваквиот прибор обично се користи за печење или за долго готвење храна. Глинените и керамичките садови се многу убави, но се кревки. Затоа, потребно е внимателно да се ракува со нив.

5. Хартија

Хартијата понекогаш може да биде корисна. Можете да ги покриете алуминиумските калапчиња за печење или тефлонските тави со хартија за печење за да ја неутрализирате нивната реактивност. Можете исто така да користите хартија за складирање на намирници и храна наместо пластични кеси.

6. Силикон

Силиконскиот прибор се смета за инертен и може да се користи до 220 ° C. Ако температурата се надмине, силиконот почнува да се топи, но не испушта отровни испарувања. Тоа е единствениот нереактивен нелеплив материјал. Силиконот е синтетичка гума од која сега се произведуваат тави за печење, калапи за мафини, шпатули за готвење и сл. Силиконските садови се отпорни на топлина (до 220 ° C), флексибилни, лесни за чистење и може да одат директно од рерната во фрижидер или замрзнувач.