Одлично е, од Гаврилоски е!

732

Додека врвните мајстори во Србија ги откриваат тајните на добрата сланина, кошава, љубов или нешто трето, нашиот Дамјан Гаврилоски им го однесе пехарот за најдобра интернационална сланина, за која скромно вели: Прво, важна е љубовта кон работата, а важни се и суровините. Ние би додале, дефинитивно, не е до кошава

На пазарот во „Јавна соба“, помеѓу другите вредни производители на Слоу фуд Македонија, беа и веќе познатите ликови на Дамјан и неговата сопруга и нивните домашни и вкусни производи од месо.

Помеѓу нив, вниманието го привлече и златниот пехар за кој ни кажаа дека е награда за најдобра интернационална сланина на 35-тото јубилејно издание на Сланинијадата во Качарево (Панчево, Република Србија) која има статус на светска гастрономска манифестација затоа што на неа својата сланина ја изложуваат производители од сите краеви на светот.

И иако цел живот слушаме дека Србите се најголеми мајстори за сланина, нашиот Гаврилоски во повеќе наврати „ги тепа на нивни терен“.

И додека српските производители кои важат за врвни мајстори ја откриваат тајната на добрата сланина и ги споменуваат главно, кошавата и љубовта, на Гаврилоски не му треба кошава.

Тој вели дека најважно за добра сланина е прво, љубовта кон работата, а важни се и суровините.

„Најдобрата сланина е од домашните свињи. Нашето македонско вино одлично оди со сланина, но и со ракија, кој како сака“, вели Гаврилоски во изјава за тамошните медиуми кои го покриваат овој настан.

Иако скромен, очигледно и разбирливо со оглед на бројната конкуренција, нему оваа награда му е навистина значајна.

Тука, во ова мало војводинско село веќе 35 години по ред доаѓаат претставници од многу земји за да ги „вкрстат“ своите сланини на најголемата манифестација посветена на овој специјалитет.

Така посетителите можат да пробаат сланина од Кина, Франција, Германија, Америка, Португалија, Романија, како и од сите земји во регионот.

На Дамјан Гаврилоски не му е првпат да се врати со награда од Сланинијадата во Качарево и тој, а и ние, навистина треба да се гордееме со неговите производи. Србите, можат да продолжат да сметаат на кошава, а на Дамјан му е доволна љубовта кон работата и поддршката од семејството.

Светската сланинијада во Качарево настанала во 1987.година во локалната селска кафеана кадешто соселаните почнале расправа за тоа чија сланина е најдобра, највкусна и најдебела. Расправата отишла далеку, додека некој од нив не се досетил и на лице место организирал натпревар со дегустација за да се покаже кој е најдобар сланинар во селото.

И така веќе 35 години, со тоа што од година во година, бројот на учесници станувал сѐ поголем и поголем. Станува збор за најголемиот саем на сланина во светот на кој доаѓаат повеќе од 100.000 посетители од целиот свет, па и од Македонија.

Гостиварчанецот Дамјан Гаврилоски редовно се натпреварува и веќе неколку пати се враќа со златни медали.

„Со оглед на квалитетот што го има мојата сланина и долготрајниот процес на кој се подготвува, искрено се надевав на уште една победа, иако конкуренцијата беше голема. Имаше над 350 учесници од целиот свет“, вели Дамјан.

Овој вљубеник во традиционално производство на месни преработки вели дека  успехот е фантастичен со оглед на силната конкуренција и високите критериуми на оценувачите.

Инаку, освен Сланинијадата, Србите имаат и други слични манифестации од кои една е посветена и на неговото величество – колбасот, а колбасите на нашиот Гаврилоски и таму жнеат награди, меѓу кои, пред неколку години ја освоил и наградата за најдобар колбас на „Колбасијадата“ во Зрењанин.

Правењето сланина и други сувомеснати трајни производи и колбаси долги години се дел од неговата семејна традиција:

„Овој начин на производство е наследство од моите баби и дедовци, и јас се придржувам на тој старински начин на производство“, објаснува Гаврилоски.

Иако лекарите препорачуваат консумирањето на сувомеснати производи да се сведе на минимум, господин Гаврилоски вели:

„Кај нас дома се консумираат само нашите производи затоа што тврдам дека се многу поздрави отколку некои производи кои имаат вештачки ароми и адитиви. Целото мое производство се базира на традиционален начин на обработка без адитиви и додатоци“.

Дамјан пак, како мајстор, секако дека ги испробува сите производи и прави измени за да го подобри нивниот квалитет, а најголеми дегустатори, вели, се моите потрошувачи на кои намногу им верувам.

Своите производи ги продава дома, па секој кој сака да купи може да го побара и да ги добие саканите производи.

А неговото презиме кое случајно е многу слично на славното Гавриловиќ, е веќе бренд во Македонија, па и пошироко.

Целото семејство Гаврилоски учествува во ова производство и му дава голема поддршка и помош на мајстор Дамјан.