Слатки кои ве мамат да ги пробате, ама и жал ви е да ги растурите

891

Млад брачен пар од Хвар кои до скоро беа тандем, заслужен за популарноста на една од најдобрите традиционални гурмански приказни во Далмација, коноба Збондини во Вело Грабље на Хвар, решиле да свртат нов лист и да отворат слаткарница, а нивните слатки сега се главна приказна во градот и се доказ дека и во слаткарството е можен спој на традиционалните состојки и вкусови со примена на нови техники

Цвјетко и Марија Тресиќ се млади луѓе кои ги здружиле силите не само како брачни другари, туку и како партнери во работата. Прво, во традиционалниот ресторан на родителите на Марија, поточно, во познатата коноба Збондини во селото Вело Грабље на хрватскиот остров Хвар, далеку од летните гужви во градот, а неодамна, поточно кон средината на мај, во нивната новоотворена слаткарницата наречена едноставно – Sweets (Слатки), а лоцирана под градскиот часовник на хварската пјаца.

За нив слушнавме од нивните сограѓани кои се среќни затоа што во градот сега, освен традиционални слатки и прекрасни торти по оригинални рецепти, како во слаткарницата на нашата стара пријателка Марија Жуаниќ, кои се исто така прекрасни и на вкус и на мирис, сега имаат и колачи кои изгледаат модернистички, па тие гласно се прашуваат дали се овие колачи воопшто за јадење или се само за гледање.

Имено, двајцата сопружници, особено тој, шеф Цвјетко Тресиќ, не го гледаат готвењето само како професија, туку и како начин да го покажат знаењето, креативноста и уметноста на чинија.

Тие се обидуваат да задржат во своите колачи и торти што е можно повеќе од вкусот на традиционалните далматински слатки, ама и да ги следат новитетите и  визуелно и со примена на нови техники.

Цвјетко е еден од готвачите на новата генерација кој брзо се уверил дека образованието кое го стекнал во училиште, не носи доволно знаење за готвење, туку дека треба да постојано да се надоградува и да ги следи новитетите во гастрономијата, потребите на пазарот и желбите на самите гости, па така меѓу нивните колачи има и вегански и безглутенски верзии на колачи.

Тој, уште во конобата Збондини, научил да ја додава лавандата во десертите и во пијалаците, па уште таму им нуделе на гостите чизкејк со лаванда, кој Цвјетко го дизајнирал како гастрономска врска на Вело Грабље кое е познато како престолнина на лавандата со колачот кој е познат во целиот свет. За овој десерт тие користеле сируп од свежо цвеќе од лаванда кој не е премногу интензивен и на чизкејкот му дава нота на свежина и полн вкус.

Тие двајца сега, после седумгодишниот заеднички стаж во конобата во Вело Грабље, откако Цвјетко се преквалификувал во слаткар, одлучиле во средина на мај да отворат слаткарница.

Главен во кујната е шеф Цвјетко, а Марија која својата обука ја добива од него, помага и учи и сѐ повеќе ја интересира слаткарството.

Mарија и Цвјетко се потрудиле не само за вкусот и изгледот на слатките кои се мали уметнички дела, туку и за амбалажата во која им ги пакуваат на купувачите па изгледаат и како одличен подарок за секаква пригода на кој на крајот сепак никој не може да му одолее а да не го изеде во еден здив.

Имаат одлична локација, па дури и опција за седење на перничињата кои се поставени точно наспроти влезот во оваа мала симпатична слаткарница каде што нема фиксна понуда, туку постојано ја менуваат за да не им здодее ниту на купувачите ниту ним.

„Работиме на тоа слатките да се убави и однадвор, но и по вкус, па сѐ што влегув во нивниот состав го изработуваме сами. Тоа е доста голема работа, но се исплати затоа што е сѐ домашно и свежо. Користиме доста црно чоколадо, солен карамел, летово ќе бидат актуелни овошните вкусови, како и оние со сирење, па веќе се издвојуваат како најпопуларни мусот од кравјо свежо сирење со малини, а за многу колачи користиме и бадемово тесто кое е глутен фри“, објаснува нашата симпатична домаќинка Марија која го сподели со нас и нивното воодушевување од престојот во Македонија минатата година каде што пробале многу македонски и ориентални специјалитети по препорака на своите најблиски пријатели од Јелса чии родители се од Тетово, а во овој град на Хвар имаат дури две слаткарници.

„Со сопругот тргнавме со мотор од Хрватска, патувавме преку Албанија, бевме во прекрасниот Охрид, па во Скопје, сѐ до Грција и бевме позитивно изненадени и би се вратиле што поскоро, особено во Скопје. Сѐ ни беше интересно, а уживавме и во храната и секаде каде што седнавме да јадеме инсистиравме самите да ни го препорачаат тоа што е најспецифично за Македонија. Добивме впечаток дека се пријатни и дружељубиви луѓето, а за нас како мотористи беше многу важно и тоа што можевме да паркираме каде сакаме. Се видовме и таму со нашите пријатели со кои пораснавме заедно во Јелса, а чии родители се од Тетово, па и тие по завршувањето на туристичката сезона во тој период престојуваат таму. Бевме изненадени од речната риба со која дотогаш немавме искуство, па се изненадивме колку е вкусна. Најважно беше да пробаме гравче-тавче кое дотогаш го имавме пробано само во Јелса каде што ни го правеше мајката на нашите пријатели, но секогаш ни велеше дека вкусот сепак не е ист како кога се спрема во Македонија“, завршува Марија.

Дека ќе бидат успешни доволно зборува тоа што се веќе популарни меѓу локалните жители, а сигурни сме дека и странските туристи набргу ќе ги откријат нивните колачи и бескрајно ќе уживаат во нивните оригинални рецепти, комбинација од традиционалните вкусови со модерната гастрономија и во вкусот на бадеми, портокал, ѓумбир, свежо сирење, овошје, солена карамела.