Сок од јаболка, банани, ленено семе и други замени за јајца

Фото: Unsplash
201

Ако постите или сте веган, а не се откажувате од вкусните домашни печива, еве уште неколку идеи со што можете да ги замените јајцата во рецептите. Со некои од нив, на пример, со сокот од јаболки, можете да го замените дури и маслото

Доколку во вашето семејство деновиве се пости, а имате уште доста време до Божиќ, веројатно ќе се зажелите за некое добро домашно печиво. И не мора да чекате постите да поминат. Секако, ова важи и за оние кои се алергични на јајца или пак сакаат нешто да направат, а тукушто откриле дека во фрижидерот нема повеќе јајца.

Еве неколку предлози со што би можеле да ги замените јајцата. Веќе се испробани и покажале дека печивата со нив се исто толку добри колку и со јајца.

1. Сок од јаболка
Се користи 1/4 чаша сок од јаболка без шеќер како замена за 1 јајце во повеќето рецепти. Според некои, добро е да се помеша со 1/2 лажичка прашок за пециво. Ако сѐ што имате е сок од јаболка со шеќер, тогаш едноставно треба да ја намалите количината на шеќер во рецептот. Сокот од јаболка е исто така популарна здрава замена за масло во голем број на бели пецива.

2. Банана
Се употребува 1/4 чаша згмечена банана (околу половина банана) наместо 1 јајце. Имајте превид дека сѐ што ќе правите на овој начин ќе има вкус на банана.

3. Ленено семе
Верувале или не, здравото лененео семе може да се користи како замена за јајца. Едноставно измешајте 1 лажица мелено ленено семе со 3 лажици вода и мешајте се додека водата потполно не се апсорбира и искористете ја смесата како замена за 1 јајце.

4. Растително масло
Една четвртина шолја од растително масло може да замени едно јајце. Ако ви недостасуваат повеќе од едно јајце, тогаш подобро употребете некоја од другите замени затоа што инаку може да излезе многу мрсно.

5. Вода, зејтин и прашок за пециво
Измешајте 2 лажици вода, 1 лажица зејтин и 2 лажички прашак за пециво. Користете ја оваа смеса како замена за 1 јајце. Кога ја користите за правење на колачи или други бели пецива, резултатот е фантастичен.

6. Најново
Најновата варијанта за замена на јајцата е течноста која се наоѓа во лименките со наут и грав. Можеби ова нема да е соодветно за сите варијанти, но доколку за рецептот треба само белка, тогаш искористете како замена за една белка 3 лажици од течноста.
Ако успешно ги искористите овие замени можеби ќе посакате да гои користите повторно дури и тогаш кога нема да имате потреба, односно, дури и кога во фрижидерот ќе имате доволно јајца. Или кога постите ќе завршат.