Њујорк во Битола: Битолчани се дружеа со винарите во бруклински амбиент

Фото: Kонцепт продукција/Слоу фуд Македонија
647

И на ова издание на  Винскиот салон во Битола – SLOW WINE 2022, организаторите, Слоу фуд Македонија, повторно ја покажаа својата креативност. Целата идеја, изборот на просторот, амбиентот и музиката, беа уште еден доказ дека битолчани се перфекционисти. Нема кај нив само храна и вино, туку сѐ е претстава и театар, еден убав спој на уметноста и животот.

Викендов, поточно, во саботата (3 декември), бидна и винскиот салон во Битола – SLOW WINE 2022, настан кој се најавуваше и се одбројуваше цела недела, а се чекаше цела година. Организаторите, Слоу фуд Македонија, можат да бидат задоволни бидејќи пофалбите за нив, дефинитивно, не се само куртоазни. Зошто се толку посебни?

Посебни се поради посветеноста, темелноста, страста која ја вложуваат во организацијата на секој настан, па и на овој. И ако мислите дека винскиот салон во Битола е само уште еден настан на кој се дегустира вино и на кој ја имате можноста лично да се запознаете со винарите и да ги слушнете нивните индивидуални приказни, се лажете.

За организаторите од Слоу фуд, изборот на учесниците кои ја имаат главната ролја во настанот, односно, малите семејни винарии, иако се можеби најважен дел, сепак се само дел од една цела претстава во која секој се чувствува како главен лик. Дури и публиката.

Дел од овој настан е секако и храната со која и виното поубаво лизга, а и помалку фаќа па ви дава можност да дегустирате повеќе различни вински етикети, но и самиот простор на случувањето и целиот амбиент.

И на ова, четврто по ред издание на  SLOW WINE, после минатогодишното во Офицерскиот дом, организаторите повторно се истакнаа со изборот на локацијата и со целата идеја и амбиентот на кои, очигледно, повторно е обрнато големо внимание. Затоа што, нели, битолчани се перфекционисти, нема кај нив само храна и вино, туку сѐ е претстава, еден убав спој на нивната љубов кон убавината, уметноста и животот.

Во прилог на нивниот перфекционизам говори и еден куриозитет за кој разбрав токму утринава, случајно, во телефонски разговор со Николче Николовски, инаку, претседател на Националниот одбор на Слоу Фуд Македонија. Тој, како човек кој сака денот да му биде исполнет, а воедно е и од оние кои тешко ги испуштаaт конците од рака кога станува збор за организацијата на настаните па „го фатив“ токму додека го носеше на хемиско чистење чаршафот со кој беа преслечени масите, ми кажа дека само за избор на материјалот од кој е направен, им биле потребни цели две недели. Патем, станува збор за американски сатен, специфичен поради својата цврстина и поради тоа што не се тутка, а во случајов и поради тоа што му даде и една драматичност на целиот простор.

Како да не беше веќе доволна драма изборот винскиот салон да се случува буквално на сцена, онаа на Центарот за култура – Битола, место каде што, овојпат, седиштата наменети за публика беа празни бидејќи и публиката и „актерите“ (малите семејни винарии), беа на сцена. Да, да, на сцена, одлична идеја на организаторот, новата винска сцена на Македонија да биде презентирана на големата сцена на која тие, винарите, во директен контакт со љубителите на виното, им ја раскажуваа својата приказна.

Битолчани сакаат да поместуваат граници, па после онаа која ја поместија со претставата „Франкештајн KUNST Ко – 19“  која, со оглед на концептот, за жал,  можеа да ја проследат само 39 луѓе, ова случување на винскиот салон, на сцената на Центарот за култура, не беше изненадување, туку сосема логично и одлично решение за настан од овој калибар.

За оние кои не знаат, споменатата претстава чиј режисер, Јован Ристовски, како што ни кажа Николче Николовски, вмешал прсти и во поставувањето на сцената за винскиот салон, е претстава по инспирација и мотиви на романот „Франкештајн“ на Мери Шели, а во продукција на АТО Центар.

Режисерот направил претстава во која, гостите, публиката составена од 39 гледачи, шета од сцена во сцена на две нивоа во Офицерскиот дом, завршувајќи на вечера која ги има сите критериуми на фајн дајнинг на која пак, главни актери се производите на нашите пријатели од Слоу фуд, малите производители: Гаврилоски-домашно, вкусно, Саша Трафлс, мандра „Дихово”, президиум „Слатко од диви смокви”, Сања микрогринс, Винарија Ерос и винарија Наумчеви.

Но да се вратиме на винскиот салон на кој беше презентирана новата винска сцена на Македонија и имавме шанса да се сретнеме со веќе познатите, но да ги запознаеме и оние со кои досега не сме имале можност да се сретнеме. Како шлаг на сѐ, поточно, како увертира во настанот, беше соопштена и веста дека изданието на Водичот за вино Slow Wine водич 2021 во издание на Slow Food Macedonia кој беше промовиран минатата година, е добитник на специјалната награда за пијалаци во категоријата W4 на престижниот World Cookbook Fair – Gourmand International – Gourmand Awards што претставува своевиден пандан на оскарите во филмската индустрија, во светот на издаваштвото за гастрономија и пијалаци.

Gourmand Awards 2022 e светска платформа за култура на храна и пијалаци која дава преглед за храната и пијалаците објавени во последната година. Го обединува најдоброто од над 100.000 издадени книги и публикации од околу 230 земји во минатата година. Наградените изданија се вреднувани според повеќе критериуми за секоја категорија на листата, но сите имаат еден заеднички водечки принцип, сите книги се избрани поради нивната привлечност и важност од меѓународна гледна точка.

Понесени од оваа вест, од амбиентот и секако, најмногу од виното, постојано се слушаа звуците со кои чашите со вино правеа чин-чин, додека танчерките танцуваа на одбраната музичка програма и специјално дизајнираниот амбиент во стилот на Бродвеј, за подоцна, во оваа насока да продолжи и музичката програма чии ѕвезди на вечерта беа момците од битолскиот џез квинтет кои вака, во живо и одблизу, на истата сцена со нас, беа вистинска посластица што одлично се сложува со вино.

На ниво на задачата беа и двајцата диџеи B.BOY и SASO SPECT кои не дозволија, ниту за момент, расположението да падне по заминувањето на петмината џез-музичари.