Гордана Цветаноска, долгогодишна новинарка со земјоделско педигре

467

Осумдесетгодишната Драгица е столбот врз кој се изродила идејата на нашата соговорничка, инаку, долгогодишна новинарка, заедно со семејството да почне бизнис со производство на домашни зимници. „Искуството, рецептите и знаењето се во нејзини раце, а тајната на вкусниот ајвар е во тоа да не претераш со маслото и да го тргнеш навреме од огнот. Ете таа мајсторија се учи со добар наставник, а таа е најдобриот“, вели Гордана Цветаноска, жената која стои зад брендот „Бавчика“.

Гордана Цветаноска и нејзиниот сопруг Бранко ги запознавме неодамна, на Слоуфуд салон 2022 во хотел „Лимак“. Стоеја насмеани пред паното на кое пишуваше „Бавчика“, а на масата пред нив беа изложени нивните производи, ајвар, лутеница, домашни сокови, како оние што ги правеа порано нашите мајки и ги викаа „домашен фруктал“, мармалад од кајсии, доматино сос со пиперка, лукче, кромитче, ловор и оригано, сок од домати.

Нејзиниот лик ни се виде познат, но излезе дека не се знаеме, ама сме колешки. Имено, Гордана е во новинарството 30 години, од кои, последниве 5 во Радио „Пела“ за кое вели дека е радио што сака да биде телевизија, а тоа и е, иако не во класична смисла на зборот.

„Создаваме секојдневна двочасовна видео/аудио програма која е едукативна, забавна и информативна, во живо, преку нашиот канал на Фејсбук, заедно со колегите Елизабета и Никола. Паралелно, информативните содржини ги креираме и на порталот радиопела.мк. Новинарството во Македонија е на најниски гранки и мислам дека нашата генерација (надвор од Скопје) е последната која партизански се бори да ги одржи локалните медиуми. Тоа е љубов која нема да запре“, вели колешката која покрај новинарската работа, има уште една – бавчата и расадникот. И двете ги работи со голема љубов.

Како се роди „Бавчика“

Гордана е родена е во селото Мало Коњари, во близина на Прилеп, кое е познато како селото на Силјан Штркот, а таму се наоѓаат и бавчата и расадникот од кои никнал и брендот „Бавчика“. Тоа е семејна приказна, иницирана од женскиот дел од семејството, односно Гордана, нејзината мајка Драгица, сестрата Светлана и нејзината ќерка Александра.

„Сите се согласивме дека нашата љубов кон храната мора на некој начин да се формализира, да се потврди, да се продолжи на повисоко ниво. „Бавчика“ е резултат на семејната традиција, љубовта кон природата и вкусовите кои се плод на сето тоа. Само до пред 3 месеци не бевме свесни дека тоа ќе биде со таков успех. Искрено, инспирацијата и идејата тлееја поодамна но, за тоа беше потребна храброст за која е најзаслужна внуката Александра. Еден ден дојде и рече: денеска мора да се обзнани на Фејсбук како ќе се вика неформалниот бизнис и што ќе произведуваме. И така бидна, три генерации: баба и мајка, ќерки и внука, седнавме и смисливме име и начин како да ги пласираме идеите за традиционалното еколошко производство на градинарски и овошни производи“, раскажува Гордана.

Иако иницијативата за ова била женска, свои задачи имаат и припадниците на машкиот дел од семејството.   

„Секој има свој сектор во Бавчика: логистички е ангажиран мојот сопруг Бранко, советодавен, мајка ми Драгица и сестра ми Светлана, за маркетинг е задолжена внуката Александра, а за дегустација зетот Раде и внукот Бојан“, се смее нашата соговорничка.

За Австралија и враќањето во Македонија

Гордана и нејзиниот сопруг се едни од ретките кои заминале од државава, но се вратиле назад. Таа заминала таму во 1998.година и останала таму до 2008. Токму таму го сретнала и господин Бранко.

Многу верувам во судбина која ете, не’ спои на тој далечен континент со сопругот Бранко кој е по потекло од Прилеп, а инаку од Скопје. Во Австралија не’ споија личните судбини, а заедничката љубов кон татковината, кон храната и кон природата, беа надополнување. Тој има повеќе професии, работеше во градежништво во Австралија, иако претходно во Македонија бил месар, имал своја касапница. Страствен готвач е, особено за традиционални специјалитети со месо и во тој дел одлично се надополнуваме бидејќи јас сум повеќе за вегетаријанска храна“, објаснува Гордана.

За нивната одлука да се вратат заедно во Македонија вели дека иако е Австралија прекрасна земја со систем кој беспрекорно функционира, „откорнатиот човек од своето огниште е секогаш туѓинец во која било земја, па и таму“.

Сега им недостасува Австралија само во поглед на тоа што е држава која е во  функција на граѓаните, но не жалат за враќањето.

„Сакавме да си дојдеме бидејќи се’ што имаме и двајцата е во Македонија, семејствата, пријателите, емотивната врска која еден ден ќе пресуди да се вратите кон родниот камен кој најмногу тежи. Не постои  среќата кога нема со кого да ја споделиш, да се израдуваш онака од срце, искрено. Па и тагата помалку боли кога е споделена“, искрена е Гордана.

Сепак, живеејќи во Австралија таа добила еден нов светоглед за тоа како треба да се однесуваме кон природата, кон целиот жив свет.

„Во тој перид од 1998 до 2008 година животот, но и таа земја,  ме научија дека Македонија е богатство од вкусови, мириси и традиција. Таму научив да готвам, таму научив колкаво е богатството на нашата земја и како треба тоа да се чува и надоградува“, вели нашата соговорничка.

Земјоделието како природна средина

Нејзиното семејство традиционално се занимавало со земјоделство, а дедо ѝ по татко, Сотир, бил познат по тоа што прв во регионот од Пелагонија произведувал овошје и го пласирал на пазарот во Прилеп.

„Тоа беше голем расадник каде го поминав детството, богатство од овошје, јаболка, круши, сливи, праски, кајсии и градинарски производи за потребите на семејството. Татко ми и мајка ми, инаку просветни работници, немаа доволно време за одржување на расадникот, на чие место подоцна се одгледуваа градинарски производи, тутун, се’ за егзистенцијалните потреби на семејството. Бидејќи пораснав со земјоделството, тоа беше и сѐ уште е мое секојдневје. Човек од село само ќе ве излаже дека не работел или дека не знае земјоделство. Земјата не е крадец, вели мајка ми, и тоа длабоко го почитувам бидејќи не само за заработка, врската со природата, со земјата е и длабоко човечка. Едноставно, имам потреба да бидам надвор, физички активна. Она што новинарството не успева, земјоделството и природата го надополнуваат“, вели нашата колешка. 

А нивната „Бавчика“ има богат асортиман: неколку видови пиперки (капија ајварка, бела пиперка, везенки, грашарки, гамби), црвен домат, црн домат, пашканат, прокељ, зелка, компир, пченка, грав, тикви (неколку видови), бостан.

„Љубители сме на боранија, грашок, а годинава засадивме и разијан, нешто што го обожавав во Австралија бидејќи е свежо и миризливо растение и како мирудија и како зеленчук. Мирудии, магдонос, копар, потоа моркови, краставички неколку видови, тиквички…

Овоштарникот пак има јаболка, летни и зимски круши, праски, кајсии, вишни и цреши, па дури и мушмули“, набројува Гордана.

Во работата во бавчата и во овоштарникот се вклучени и таа и сопругот, но сепак  нему му паѓа поголемиот дел од обврските поради нејзиниот ангажман во радиото. За преработка на производите се задолжени таа и нејзината мајка, а тука логистички, одвреме навреме помага и сопругот. Всушност, тие тројца се надополнуваат взаемно и одлично функционираат.

Мислам дека ако човек не’ слуша од страна за секое јадење, без оглед кој го спремал, е како за некој натпревар. Омилени кај нас дома се најмногу месените работи: зелници, мазник и комбинации со некои нови вкусови како што е отворен зелник со модри домати. Сармата и полнетите пиперки се мајкините специјалитети, а сопругот подготвува се’ што е поврзано со многу месо, на пример, полнета тиква со месо, исклучително вкусно јадење, ширден … Но, главен мајстор и ризница за инспирација и совет е секако мајка ми, која има исклучителна дарба за готвење, но и за пренесување на своето знаење. Таа е столбот на кој се заснива идејата за работата со зимниците бидејќи искуството, рецептите и знаењето се во нејзини раце. Велат дека тајната на вкусниот ајвар е во тоа да не претераш со маслото и да го тргнеш навреме од огнот. Ете таа мајсторија се учи со добар наставник, а таа е најдобриот“, признава Гордана.

„Крштевањето“ на Бавчика се случило на првиот саем посветен на млекото во Прилеп, во организација на Слоу фуд, а овој период бил нивно огнено тримесечно искуство кое потврдило неколку работи. Прво, дека работата со храна е најблагородната вештина која ги спојува луѓето со насмевка, а второ, дека во Македонија се препознава и се цени домашната и еколошката храна. „Презадоволна сум од одзивот и од интересот за она што Бавчика скромно го понуди оваа сезона. Потенцијалот е голем, но кога работат малку раце тие брзо се заморуваат“, се смее Гордана која патем, не изгледа како човек кој лесно се заморува.