Дали некогаш сте пробале сурими? Што има во рибините стапчиња?

Фото: Pixabay
262

Ако мислите дека сте измамени кога ќе дознаете дека во сурими стапчињата нема месо од ракови, само внимателно прочитајте ги етикетите. Всушност, никој не ве лаже: вкусот на месо од ракови и месото од ракови се два различни поими.

Дали некогаш сте пробале сурими? Станува збор за стапчиња од црвена и бела риба, кои може да се купат и во нашите продавници.

Се верува дека сурими биле измислени пред 1000 години во периодот Хејен, кој исто така се смета за последен период од класичната јапонска историја. Јапонските готвачи го дизајнирале овој деликатес за да го продолжат рокот на траење на рибите и морските плодови за почитуваните и богати семејства од тоа време кои не живееле покрај брегот.

Оригинално, сурими претставувала паста од мелена бела риба која била богато зачинета со сол, како примитивна форма на конзерванс. Наскоро станале омилено јадење во многу јапонски домови, а заради својата флексибилност, се додавале во многу јадења – од супи до крцкави ролни.

Со текот на годините, рецептот се менувал и надградувал и секоја нова генерација додавала свој личен печат на оригиналниот производ.

Во 1970 -тите, американските производители на храна го откриле суримито. Тие додале многу шеќер, сол, рибино масло и пченкарен скроб во мелената риба за да го подобрат нејзиниот вкус и да ја зацврстат нејзината текстура.

Го пресекле на стапчиња кои по форма и боја наликуваат на парчиња месо од рак. Така започна лудилото по овој производ во западниот свет. Иако имаат национална кујна базирана на свежа риба и морска храна, сурими употребуваат дури и многу денешни ресторани во Шпанија и Франција.

Дали некогаш сте се запрашале што всушност има во нив?

Сурими често се рекламира како рибино стапче со вкус на месо од рак. Но, станува збор за имитација на месо од ракови. Стапчињата увезени однадвор обично се направени од мелена бела риба, додека два проценти од производот вклучува парчиња од вистински ракови или школки.

Всушност, никој не ве лаже, треба само внимателно да ги прочитате етикетите на производите. Вкусот на месо од ракови и месото од ракови се два различни поими.