Дали храната што ја јадете може да предизвика потeње?

Фото: Unsplash
269

Некои намирници може да ве испотат, но потењето додека јадете може да има и други причини.

Најчеста причина зошто луѓето се потат кога јадат е зачинетата храна како лутите пиперки. Тие содржат супстанца наречена капсаицин која ги активира нервите кои го прават вашето тело потопло, па се потите за да го оладите. Вашето лице исто така може да поцрвени, носот да ви протече, а очите да ви се насолзат.

Храната која има кисели состојки, како што е оцетот, или онаа што се јаде врела, исто така може да предизвика потење.

Понекогаш оброк богат со шеќер може да предизвика вашето тело да произведува премногу инсулин, хормон кој ви помага да го обработите шеќерот и да го претворите во енергија. Ова може да доведе до пад на шеќерот во крвта познат како реактивна хипогликемија. Потењето е еден од знаците на оваа состојба.

Другата храна, како кромидот, можеби нема да предизвика потење, но може да направи вашата пот да мириса поинаку. Оваа храна содржи алицин, кој вашето тело го претвора во сулфурно соединение. Ова соединение може да им даде на потта и на здивот посебен мирис.

За некои луѓе, потењето не е предизвикано од одредена храна, туку од медицинска состојба поврзана со проблем со нервите во устата. Лекарите го нарекуваат прекумерното потење хиперхидроза. Кога претерано се потите после јадење, тоа е познато како густаторна хиперхидроза или Фреј-ов синдром, по докторот кој прв го идентификувал.

Web MD наведува дека густаторната хиперхидроза е ретка, но може да се случи поради неколку причини. Ако е забележана во вашето семејство, ако нервите во вашата уста се оштетени со повреда или по операција, или ако имате здравствен проблем што влијае на вашите нерви, како што е дијабетес или Паркинсонова болест.

Антиперспирантите содржат хемикалија која ги затвора порите и го запира потењето на одредено време. Ботоксот може да ги блокира нервите кои го поттикнуваат потењето и делува неколку месеци. Или наједноставно, доколку забележите дека одредена храна ви прави проблем, држете се настрана од неа.