Зад секоја успешна жена, стои маж што сака домашни колачи: Живот сладок како најубавата торта

1.238

Зад секоја успешна жена стои маж што сака да јаде домашни колачи и торти. Вака некако, баш како што е обичај за прилепчани, со шега, би ја почнале приказната за нашата соговорничка Зорица Димоска. Прилепчанката која сограѓаните ја знаат по нејзините прекрасни десерти, на изглед светски, на вкус – класични, што значи, квалитетни, домашни, по рецептите на нашите мајки и баби

Четириесет и едногодишната Зорица Димоска, меѓу прилепчани е позната како вистинска мајсторка за торти и колачи кои го имаат оној добро познат вкус на домашни слатки какви што правеа нашите мајки и баби, а со изгледот се достојни дури и за најсвечени пригоди како свадба, крштевка, роденден или нешто друго.

Освен кај нејзините сограѓани, многу често нејзините слатки патуваат и во Крушево, Кичево, Битола и на многу други локации, бидејќи, очигледно, добриот глас далеку се слуша.

Инаку, Зорица учела за машински техничар, енергетичар, нешто што ни оддалеку нема допирни точки со нејзината денешна професија.

„Изработката на слатки најпрво почна како хоби. Декорирањето, украсувањето и изработката на фигури од фондан ми беа омилен дел од правењето десерти, па моите блиски пријатели и познаници почнаа да ми нарачуваат да им направам нешто слатко за нивните свечени моменти. Така, еден ден дојде момент кога едноставно немав простор во мојата кујна за сите порачки што ги имав, па беше неизбежно да почнам да размислувам каде да продолжам со оваа работа која ми е голема љубов…Така, пред осум години се создаде слаткарница МОНТЕ. Иницијатор беше сопругот. Тој ми беше ветер во грбот и мислам дека без неговата поддршка немаше да се осмелам да почнам. Слаткарницата го доби името по тортата која и денес ја изработуваме и која ѝ даде препознатлив белег. Но сега веќе не сум сама, туку сме вкупно 5 вработени“, ја почнува својата приказна нашата вредна соговорничка која беше дел од жените што се стекнаа со сертификат од Академијата за жени претприемнички од рурални средини (AWE 2022).

За својата работа вели дека немала никаква обука, ниту пак посетувала некој курс  за изработка на торти и нивна декорација. Едноставно, го сака декорирањето и тоа не само на торти. Таа ужива и во декорирање на трпезата па кога дома прават прослави, вели, на гостите обично им е жал да земат нешто за да не ја расипат масата, ама таа секогаш ги бодри бидејќи сака кога луѓето уживаат во вкусовите што ги подготвила со своите раце.

„Никогаш не сум имала прилика да имам ментор, па сѐ што денес правам во мојата слаткарница го научив сама, низ годините. Секоја нова нарачка ми е предизвик и секогаш барам најдобар начин на кој би можела да ја завршам истата“, вели Зорица.

Таа е и мајка на двајца синови од 17 и 11 години кои заедно со нејзиниот сопруг, вели, се нејзини редовни дегустатори и критичари.

„Сопругот и синовите се секогаш расположени за дегустација, да ми кажат за сѐ што е добро, ама и да ми укажат што би можело да се промени, како во изгледот, така и во вкусот на тортата“, вели таа.

Инаку, она по што нејзината слаткарница се разликува од другите слаткарници е тоа што стои и во нивното лого, а тоа се оние волшебни зборови: Домашни торти и колачи.

„Сите торти се изработуваат по класични рецепти, оние на нашите мајки и баби, а тоа мислам дека е добро и заради зачувување на традицијата, но секако и заради квалитетот. Среќна сум затоа што моите сограѓани го препознаа ова, па нашите торти се дел од многу прослави, како во нашиот град, така и во околината на Прилеп, а многу често доставуваме торти и во Крушево, Кичево, Битола и на многу други локации“, задоволна е Зорица.

За својата вештина во подготвувањето на слатки таа добила и неколку награди, а била учесничка и на манифестацијата „Вешта жена која се одржува секоја година и на која се натпреваруваат жени од цела Македонија кои ги покажуваат своите вештини во изработка на торти и главно јадење.

На овие натпревари нашата соговорничка двапати победила на ниво на општина Прилеп и еднаш била победник на државниот натпревар кој се одржал во Тетово.

„Овие победи ми донесоа дополнителна мотивација и поттик да продолжам по мојот пат. На крајот од денот кога веќе завршуваат моите обврски околу тортите, како и административните работи околу фирмата, најмногу уживам во прегратките на моите деца кои ме чекаат навечер и едвај чекаат да се подружиме, да поразговараме и да надополниме за она време додека не сме заедно, а јас со радост слушам како им поминал денот“, раскажува Зорица.

Таа има и максимална поддршка и помош од сопругот, кој иако си  има друг работен ангажман, секогаш е тука кога ѝ треба помош околу работата со слаткарницата или пак дома.

„Горда сум што успеав да го остварам мојот сон, да бидам успешна и препознатлива во тоа што го работам, ама и што можам да им бидам пример на моите деца за тоа како треба сами да се изборат за својот успех, сами да си бидат критичари и да се стремат да бидат сѐ поуспешни“, завршува Зорица.