Тикви од целиот свет, обединете се: Денес е меѓународен ден на есенските убавици

Фото: Pixabay
306

Некои ја сакаат како храна, некои пак само како декорација, а токму сега во дел од светот, па сѐ почесто и кај нас, се делкаат тикви за денот на вештерките. Ние сепак ви советуваме да ги баталите вештерките и да си направите нешто вкусно и здраво од тиква или едноставно, да си испечете некоја онака, блага и сува. Патем, може многу да придонесе за вашето здравје

Денот на тиквата се слави токму на крајот на октомври, особено во Америка и Канада затоа што во тоа време се резбаат и се подготвуваат тикви како украс за Ноќта на вештерките.
Тоа е тој период од годината кога тиквата ја презема доминантната улога на трпезата на многу домаќинства. Оваа „зимска лубеница“ со портокалова боја наесен се користи во многу кујни, како поради вкусот, така и поради многубројните лековити својства.

Денеска ќе споменеме само некои од позитивните страни на ова портокалово, многу често џиновско есенско растение кое им припаѓа на ползавците, а кое некои го нарекуваат и „домашна банана“.

Како можеме да ја користиме тиквата?

Тиквата има широка примена во секојдневната исхрана, особено во есенскиот период кога ги дава своите плодови. Солена или слатка пита од тиква, потаж, џем од тиква – ова се само дел од јадењата чија главна состојка е ова едногодишно растение. Нејзината пулпа има сладок вкус, па само печењето во рерна без никакви додатоци може да биде одличен десерт за многу луѓе. Покрај пулпата, јадливи се и семките кои во текот на целата година се користат како додаток на разни јадења, или едноставно како здрава ужина. Маслото од тиква се повеќе се користи и во готвењето.

Како тиквата влијае на нашето здравје?

Тиквата може многу да придонесе за здравјето, па затоа треба да се користи на различни начини. Помага при проблеми со варењето, дијабетесот, воспалението на уринарниот тракт, јајниците, а идеален е и како диетална храна кога се обидувате да изгубите тежина. Плодот можеме да го јадеме или да го користиме за правење сок, но формата во која го внесуваме во организмот не влијае на неговата хранлива вредност.

Тиквата е многу важна за видот, бидејќи преку конзумирање може да се внесе големо количество каротеноиди кои потоа во нашиот организам се претвораат во витамин А. Исто така, благодарение на нив, тиквата ја добива својата интересна портокалова боја, што ја издвојува меѓу другите есенски плодови.

Семките од тиква се богати со омега-3 масни киселини, магнезиум, железо, калциум. Доколку ги користиме во исхраната може да придонесе за намалување на холестеролот, позитивно да делува на кардиоваскуларниот систем, а како и плодот, семките од тиква се одлични за слабеење. Можеме да ги грицкаме, да ги ставиме во разни видови леб, да ги додадеме во смути, мусли, а ова се само дел од начините на кои семките од тиква можат да се најдат во исхраната на човекот.

Ова се само дел од споменатите корисни својства на тиквата, односно нејзиниот плод и семки. Затоа, доколку ја сакате тиквата, пронајдете некои од многубројните начини како да ја искористите во вашата секојдневна исхрана.