Китка блитва – 165 денари, китка кромитче – 80

398

За разлика од другите работи кои се отприлика двојно поскапи отколку кај нас, а некои ни толку, зеленчукот и овошјето во Хрватска се поскапи најмалку 5, а некои од нив дури и 8 пати повеќе. Ама се друго плаќаме скоро исто или барем приближно толку, иако нивниот стандард е повисок од нашиот.

Ако сакате навистина да се шокирате од цените во Хрватска тогаш, освен ако не одите да седнете баш на најизвиканите места во градовите или по островите, тогаш нема да се шокирате од цените на кафето, затоа што кафе можете да се напиете за 90-100 денари, ама затоа, ако прошетате низ зелените пазари, ќе ви се плаче по нашите.

На пример, ако китка убава, млада свежа блитва чини околу 165 денари, онаа која и не е толку млада ќе ја купите отприлика за двојно помалку, што е повторно 4 пати повеќе отколку кај нас, ама срце ќе ве боли кога за едно китче млад кромид ќе ви побараат 10 куни, односно околу 80 денари, па ќе се сетите на оние 3 за 20 што си ги купувате на нашите пазари.

Или пак тиквичките, и тоа оние поевтините, во маркетите, чинат околу 12 куни, односно, 100 денари за килограм, а доматите се 25 куни или околу 200 денари. Краставиците се 12 куни (100 денари), а праските и кајсиите чинат како и доматите, 25 куни (околу 200 денари за килограм), додека пак убави цреши можат да се најдат и за 20 куни (165 денари).

Што се однесува до другите производи, на пример, брашно, шеќер, месо цените се можеби двојно поголеми отколку кај нас, ама затоа има и многу акции кога цените се симнуваат дури и до 28 куни (околу 230 денари) за килограм свинско, за телешко – околу 40 куни (околу 340 денари). мисиркино филе може да се најде за околу 55 куни за 750 грама што е отприлика околу 450 денари, а има и одлични свежи морски риби кои чинат околу 72 куни или околу 600 денари, ама на акција можат да се најдат и за 50 куни, односно, за 400 денари за килограм, а за 200 денари или 24 куни, можат да се најдат на акција и цели лигњи во пакувања од 500 грама. Секако, има разлика меѓу рибите уловени на парангал (долга низа со јадици кои се поставуваат преку ноќ и со нив се ловат главно поголеми риби кои живеат на поголема длабочина) или се од одгледувалишта на риби.

Исто така, поскап отколку кај нас е и лебот кој чини околу 9-10 куни (околу 80 денари) и тоа најобичен бел леб од 600 грама. Двојно поскапо е и брашното.

Затоа пак, за облека и обувки има толку многу продавници со евтина роба што навистина можете да се изнакупувате се што ви треба и да поминете и поевтино отколку ако купувате кај нас, дури и на пазарџиска тезга.

Секако, овие цени се повисоки во туристичките места, но ако направиме споредба помеѓу нашиот и нивниот стандард, излегува дека најголем шок сепак остануваат цените на зеленчукот и овошјето (најголема разлика во цените забележавме кај блитвата, кромидот, патлиџаните, пиперките и тиквиците). се друго плаќаме исто или само двојно поскапо отколку Хрватите кои имаат и двојно поголеми плати од нашите. Истото не важи за пензионерите кои најчесто за да преживеат мораат да работат некоја хонорарна работа (ако се способни за ова) или пак да немаат за ништо освен за леб и за сметки.