Кога те ‘мава’ носталгија, засукај ги ракавите!

664

Одамна веќе слушаме дека готвењето и месењето помагаат за справување со стресот, но и со душевната болка. Многумина го испробале овој начин, а нашата читателка Лихнида Дамовска токму вака се справува со носталгијата која одвреме навреме не фаќа сите, за местата од убавото минато или за луѓето кои го одбележале, сеедно…

„Недела…ме потсетува на баба ми Ленка и питите што ми ги месеше. Сто пати ќе ме прашаше со што сакам да ги наполни. А, јас како и секое разгалено дерле, само јајчаник барав. И секогаш беше по мое. Баба ми одамна не е со нас, ама мирисот на печениот јајчаник го памтам како вчера. Никогаш веќе не направивме. Како да ќе ни ја потенцира загубата и болката за неа. И овојпат е исто. Пита со сирење и спанаќ. Јајчаникот е историја во нашиот дом, само дело на нејзините раце. Го памтам мирисот, неа и љубовта“, напишала нашата пријателка Лихнида Дамовска која сега живее во далечната Америка.

Одамна веќе слушаме дека готвењето и месењето помагаат за справување со стресот, но и со душевната болка. Многумина го испробале овој начин, а нашата читателка токму вака се справува со носталгијата која одвреме навреме не фаќа сите, за местата од убавото минато или за луѓето кои го одбележале, сеедно…

Се разбира, баба Ленка од приказната погоре е одамна почината, ама нејзините рецепти уште живеат во кујната на нејзината внука. Можеби со друго полнење, ама основниот рецепт е токму тој, рецептот од баба.

Состојки:

350 г брашно

200 г топла вода

1 лажичка сол

2 лажици зејтин

За филот:

200 г сирење

300 г спанаќ

200 г павлака

2 јајца

пола лажичка сол

1 лажица зејтин

За прелив:

150 мл млеко

прстофат сол

1 лажица зејтин

Приготвување:

Се замесува тестото. Се дели на три дела кои се формираат во топчиња, се премачкуваат со зејтин и се оставаат на страна покриени со проѕирна фолија да отстојат додека се прави филот.

Се зема едното топче тесто, се расукува, се мачка со зејтин и се тегне од сите страни. Се става од филот на горниот и долниот дел, се сече со остар нож на средина и се виткаат двата дела во ролна. Постапката е иста со другите две топчиња.

Се пече на 200 степени околу 30 минути.

Се вади од рерната, се прелева со 150 мл млеко, прстофат сол и една лажица зејтин. Се враќа во рерна и се пече уште 10 минути, додека не испари течноста. На крај се премачкува со растопен путер.