Корисни кулинарски трикови на нашите баби

Фото: Unsplash
344

Со овие трикови за подобро готвење ќе научите кој зеленчук се вари во веќе зовриена, а кој во ладна вода, како да го подобрите вкусот на месото и уште многу други корисни совети

Ако мајка ви или баба ви ве учеле да готвите, тогаш сигурно ви пренеле некои кулинарски тајни кои само тие ги знаат. Можеби во меѓувреме сте научиле нешто ново. Секоја добра домаќинка има свои мали трикови кои ја прават вистински магионичар во кујната. Сега споделуваме со вас уште неколку фантастични совети кои многу ќе ви помогнат и ќе ги подобрат вашите кулинарски вештини.

Научете како да го подобрите вкусот на месото, компирот, како да ги сварите тестенините, но и спанаќот, како и многу други практични совети кои се пренесуваат од генерација на генерација.

  1. За печеното месо да биде помеко, половина час пред да го извадите од рерна, прелијте го со коњак, со вино или со пиво. Исто така, ако месото ви стои во фрижидер ден-два, задолжително премачкајте го со маслиново масло за да нема непријатен мирис.
  2. Додека печете нешто, обидете се што помалку да ја отворате рерната, бидејќи само едно отворање ја намалува топлината за 20%.
  3. Ако сакате крцкави пржени компирчиња, ставете им брашно пред да почнете да ги пржите.
  4. Доколку немате павлака за згуснување на сосот или супата, добра замена е мешавината од путер и млеко.
  5. Кога варите тестенини додадете во водата веднаш штом ќе почне да врие.
  6. За пржените десерти да не впијат многу маснотии, во тестото додадете 1-2 лажици рум или коњак.
  7. За ќофтињата и ролатите со мелено месо да бидат повкусни, на меленото месо задолжително додадете му изматена белка.
  8. Зеленчукот се готви во топла вода. Исклучок се компирите и гравот, кои се ставаат во тенџере додека водата е уште ладна.
  9. Посната супа ќе добие благ пикантен вкус ако ѝ додадете малку бело вино пред да ја послужите.
  10. За да биде позабележителна аромата на лимонот, попарете го со врела вода.
  11. Поросете ја кората со гриз и лиснатото тесто нема да се распадне додека правите пити или нешто друго.
  12. Аромата на кромидот, морковот, магдоносот и целерот ќе се зачува ако прво ги пропржите во тава, па дури потоа ги додадете во јадењето.
  13. Доколку зеленчукот ви е малку овенат и сакате да му ја вратите свежината, ставете го во сад, прелијте го со две чаши вода и една лажица оцет.
  14. Кога варите компири, додадете една лажица маст во водата. Така ќе ги спречите да се преварат, а и полесно ќе ги излупите.
  15. Кога готвите грав, додадете прстофат сода бикарбона и малку масло во водата – вака побрзо ќе се свари. Додадете сол кога ќе ја истурите првата вода.
  16. Гответе го спанаќот без капак за да остане зелен.
  17. Свежи зелени зачини се посипуваат само кога ќе го тргнете садот од оган – така ќе ја зачувате нивната свежина, корисните состојки и аромата.
  18. Оризот ќе биде побел ако во водата додадете неколку капки сок од лимон.
  19. Исечената половина од кромидот ќе остане свежа, ако од внатрешната страна ја премачкате со путер.
  20. Котлетите ќе бидат помеки ако по печењето ги наредите еден врз друг со парче путер помеѓу нив и ги оставите 15 минути во сад со капак.
  21. Палачинките ќе се испечат многу побрзо ако ја оставите смесата да отстои.
  22. Свежото сирење притиснете го низ сито пред употреба за да добиете покомпактна смеса.
  23. Сокот од печените овошни колачи нема да истече од тестото ако тестото го посипете со гриз или презла пред печењето.
  24. Печивото или лебот од вчера натопете го со малку вода и ставете го неколку минути во загреана рерна – ќе стане крцкаво како да е свежо.