Ниту се сочни, ниту миризливи, дефинитивно, не им е време

233

Да не се лажеме, јагодите што ни ги продаваат во пластика, немаат ни мирис ни вкус. А тоа нема никаква врска со короната и оној симптом од почетокот на пандемијата

Ако и вие се залетавте да купите јагоди надевајќи се дека ќе го забрзате доаѓањето на убавото време само затоа што на вашата маса ќе се најдат овие мали црвени плодови, веројатно знаете за што станува збор.

Трговците ни ги нудат јагодите веќе извесно време, наводно, сочни и ароматични, а демек, по пристапна цена која се врти околу 100 денари и згора за килограм. Ако јагодите ви се едно од омилените плодови или пак само ги сакате како дел од некоја салата која ќе ѝ даде пролетен шмек, веројатно и вие сте посегнале по оние што ги нудат трговците во маркетите и импровизираните пазари на големо каде што, наместо како на зелените пазари каде што ви ги црпат од гајба, ги продаваат во пластични кутии.

Кога ќе стасате дома, се разбира, прво ги ставате во оцет и сода бикарбона. Веќе знаеме дека се едни од најпрсканите продукти, велат, ги прскаат дури по 26 пати. И си велите, ајде, нема да јадеме којзнае колку, убаво се измиени, стоеја со часови во растворот.

Едвај чекате да ја гризнете јагодата и да го почувствувате оној препознатлив мирис кој сите го обожуваме. Малку ви е сомнително што не можевте да го почувствувате и досега, иако се обидувавте да го намирисате приближувајќи ги јагодите до носот, ама им давате шанса.

Ништо! Не само што не се сочни, миризливи и вкусни, грозни се. Зелени и недозреани, со тврд дел кај петелката која е исто така огромна и со тврди листови па повеќе личи на магдонос отколку на петелка од јагоди и упорно пробувате уште некоја. Секако, сте ги платиле 100 денари, има да ги јадете!. А потоа си велите, не не, не е скапо ако е за памет. Овие сепак ќе завршат во отпадот, бидејќи никој не ги сака, ама никогаш веќе нема да купите јагоди во март. Колку и да се прскани, јагодите во мај и во јуни се сосема друга приказна. А за среќа, имаме уште и луѓе кои произведуваат поквалитетни јагоди, а не отров спакуван во привлечни црвени плодови.

Или, најпаметно, сега е време за садење. Дури и ако живеете во стан, можете да засадите 2-3 саксии. Ќе имате колку за иштаф.