Леб со банани, урми и какао

672

Не е нешто ново, ама е поинакво. И уште еден рецепт од чие правење не мора да се откажете само затоа што ви недостасува некоја состојка. Едноставно, ќе ја замените со друга

Овој колач е од оние лесните, што се прават без да валкате многу садови и време. Некои не ги сакаат затоа што биле суви и немале крем, ама овој е дефинитивно сочен, иако е точно дека нема крем.

И што е најважно, тоа е здрав десерт кој секогаш успева, дури и ако ги немате сите состојки. Можете да ги замените со некои други. На пример, ако сакате банана бред со ореви, а немате ореви, можете да ставите сончоглед, ако откриете дека немате чоколадо, а сакате баш чоколаден банана леб, ставете какао, а наместо многу шеќер, ставете урми.

Само банани морате да имате. Впрочем, најчесто ние го правиме овој рецепт само кога имаме презреани банани кои повеќе никој не сака да ги јаде.

Крајниот резултат е сочен, вкусен и здрав десерт.

Состојки:

2 зрели банани

2 јајца

5 лажици стопен путер и 1 лажица кокосово масло (може и само путер или само кокосово масло)

6 лажици млеко

200 г брашно

50 г какао (ако имате чоколадо ставете чоколадо, ние немавме доволно па ставивме какао и само неколку чоколадни тркалца со 60% какао)

50 грама кафеав шеќер

7-8 урми или повеќе, по вкус

1/2 лажиче сода бикарбона

1 лажиче прашок за пециво

1 лажица екстракт од ванила

по вкус може да се додаде цимет, мускатно оревче, семки од сончоглед…

Приготвување:

Веднаш вклучете ја рерната на 180 степени, бидејќи смесата брзо се подготвува.

Згмечете ги бананите, а потоа додадете јајца и мешајте да се изедначи смесата. Потоа додадете шеќер, путерот и млекото. На крајот додадете ги брашното и сувите состојки. Убаво измешајте ја смесата, за да не останат грутчиња.

Ставете ја смесата во калап (како за печење леб), обложен со хартија за печење и ставете го да се пече околу 40-тина минути.

Оставете го да се олади, а потоа извадете го од калапот.