Ликер од маслинки? После ликерот од копар, зарем има уште изненадувања?

235

Кај нас дома редовно се правеа вишновка, ореовка, понекогаш оној ликер од сите можни овошја кои се додаваа внатре како кое ќе се појавеше, а потоа почнав да се запознавам со уште многу нови и сѐ понеобични и понеобични ликери. Ама сепак, ликер од маслинки?! Беше тоа вистинско изненадување

Сигурно сте пробале досега разни ракии и ликери приготвени од нашите домаќини и домаќинки, но и многу други кои сте ги откривале на вашите патувања или преку други луѓе. Кога пред неколку години заедно со Слоу фуд Македонија бевме дел од Тера Мадре во Торино (настан кој беше лансиран во 2004 година како глобален собир на производители на храна од целиот свет и стана средство за развој и примена на филозофијата на Слоу Фуд ширум светот), купив ликер од копар. Не можев да одолеам бидејќи копарот е еден од моите омилени зачини, а кога го отворив, ги оправда очекувањата, па продолжив да пробувам најразлични ликери секаде каде што ќе ми ги понудеа. Така низ годините екпериментирав и пробував различни и не само оние кои ни се попознати и поблиски, како ликер од јагоди, како лимончело или ликер од разни тревки, туку и од рогач, од ловор, од рози, од анасон, ликер од жалфија и слично. Но некако не престанав да се изненадувам, па и овојпат бев речиси шокирана: „ЛИКЕР ОД МАСЛИНКИ?! Да, секако, би сакала да пробам“, им кажав на домаќините за време на мојата посета во домот на сликарката Ана Тудор (на Хвар), за која наскоро ќе можете да читате на нашите портали („Мајка и дете“ и „Плус инфо“).

Тајната за подготовка на овој необичен и исклучително вкусен ликер е кај сопругата на нашиот домаќин Марио Тудор која во моментот не беше таму, но се обидовме да дознаеме како отприлика се прави овој ликер.
Значи, потребни ви се 1литар ракија, 50 дкг здрави, зрели, големи црни маслинки, 40 дкг шеќер, кора од еден лимон, кора од 1 портокал, кора од 1 грејпфрут (сите тенко излупени од надворешната страна на овошјето), неколку каранфилчиња. Сето заедно се меша во поголема тегла од 2-3 литри со голем отвор и треба да отстои 40 дена. Мешајте почесто, особено првите 5-6 дена за да се раствори шеќерот, а и воопшто, за сите состојки да се соединат една со друга. Теглата чувајте ја затворена, покриена во текот на тие 40 дена. Потоа се филтрира низ газа (2-3 слоја) па се запечатува убаво и се остава да отстои и да созрее околу 6 месеци! Најдобро е ликерот да се стави во шише од 2 литри, бидејќи излегува околу 1,6 литри.

Има по малку горчлив вкус, но сосема малку, во траги. Инаку, интересно и дефинитивно, многу необично. Само не пробувајте потоа и природна морска сол. Оставете нешто и за другпат. Во спротивно, веројатно и во комбинација со силното сонце, може сериозно да ви се збуричка во желудникот.