Лиснато пециво со суво грозје

239

За овие вкусни лиснати пецива треба малку повеќе време, затоа се одлична идеја да ги направите за викенд. Уште подобро е ако имате вредна колешка како нашата Биба која ќе направи и ќе ви донесе да пробате, а згора на тоа, ќе го сподели и рецептот.

Еве одлична идеја за појадок кој одлично оди со утринското кафе, нешто како кроасанот, но многу, многу повкусно.

Секако, за да го направите ќе ви треба време, па зачувајте си го рецептот за викенд. Е тогаш ќе можете да станете порано и да ги дочекате домашните со овој одличен појадок кој ќе ги разгали и ќе им го разубави денот.

Одлична варијанта е ако имате вредна колешка како нашата која ги направила дома и ќе ви донесе да ги пробате, а згора на тоа и ќе ви го напише рецептот.

Значи, ова е испробан рецепт и навистина вреди да го направите, особено ако сте сите дома гурмани кои знаат да ѝ се радуваат на храната и гласно да го искажуваат своето задоволство. Знаете, она….мммммммм…мхмхмх, превкусно!   

Состојки:

За тестото:

500 г брашно

60 г шеќер

10 г сол

20 г свеж квасец

130 мл млеко

120 мл вода
50 г путер

250 г ладен путер

За филот:

250 мл млеко

2 жолчки
50 г шеќер

20 г пченкарно брашно
10 г екстракт од ванила

За сувото грозје
100 шеќер

100 вода
150 г суво грозје

За премачкување
1 жолчка
малку млеко
прстофат сол
прстофат шеќер

Приготвување:

1. Растворете го квасецот во течноста од млако млеко и млака вода. Додадете го брашното, додадете ги солта и шеќерот на различни страни од садот, во средината ставете 50 г мек путер. Измешајте полека, па забрзајте ако мешате со миксер. Месете додека добиете еластично тесто. Покријте го со најлон фолија пристисната до тестото и оставете го да нарасне 45 минути.

2. Во меѓувреме направете го кремот. Во лонец ставете ги млекото, ванилата и 25 г шеќер. Нека зоврие па тргнете го од огнот. Во друг сад измешајте ги жолчките со 25 г шеќер и со пченкарното брашно. Откако ќе зоврие млекото сипете дел во садот со жолчките со постојано мешање. Потоа смесата со жолчките сипете ја во лонецот  и варете со постојано мешање додека згусне. Откако ќе згусне по околу 4 минути префрлете ја во друг сад и оставете ја да се лади во фрижидер.

3. Во мало лонче ставете 100 мл вода и 100 г шеќер. Кога ќе се стопи шеќерот, тргнете го лончето на страна и ставете го во него сувото грозје.
4. Земете хартија за печење и помеѓу два листа ставете го ладниот путер од 250 грама. Со сукало развлечете го во правоаголна форма. Откако ќе отстои 45 минути развлечете го тестото во правоаголна форма. Во средината на тестото ставете го путерот. Покријте го путерот со тестото одоздола и одозгора, а потоа преклопете го на две. Покријте со најлон фолија и ставете го во фрижидер да стои 30 минути.

5. Потоа расукајте го тестото во правоаголна форма и повторно преклопете го одоздола кон средината и одозгора кон средината и на две. Повторно покријте со најлон фолија и ставете во фрижидер уште 30 минути.

6. Расукајте го тестото во правоаголна форма. Намачкајте го кремот и ставете го исцеденото суво грозје. Сочувајте го сирупот. Завиткајте нежно во ролат, залепете ги краевите со малку вода. Потоа исечете го на парчиња во ширина од 1 см. Наредете ги врз хартија за печење во тава, притиснете ги со шпатула да добијат кружна форма, намачкајте ги со жолчката одгозгора и од страна и нека отстојат 2 часа на собна температура. Потоа повторно намачкајте ги со жолчката и ставете ги да се печат. Печете на 180 степени околу 15 минути. Кога ќе ги извадите од рерна премачкајте ги со сирупот, тоа ќе помогне да не се исушат брзо.