Македонска снаа, украински зет и италијанска кујна: Парче од Италија во Тафталиџе 1

1.984

Нашиот шеф Влатко Огненовски и неговата сопруга, Украинката Олга, се добро уиграни не само како брачен пар, туку и како тим, па додека тој спрема италијанска храна во неговата Таверна Тоскана, таа дома му готви украинска. „Не можам да се натпреварувам со маж ми во италијанска кујна, па се држам до тоа што го знам, боршч, вареники и полнети палачинки, вели Олга. Заедничко царство им е нивната Тоскана, онаа во Тафталиџе 1, која претстојниот викенд се сели привремено на скопскиот плоштад каде што е дел од деновите на италијанската кујна

Во пресрет на второто издание на Фестивалот на италијанска храна во Скопје, ја посетивме „Таверна Тоскана“, ресторан кој е секако, дел од настанот, пред сѐ, заради сопственикот и шеф Влатко Огненовски, кој ја донесе тосканската кујна во градот, но и повеќе врвни италијански шефови како Дучо Лоренцини, Фабио Џануци кои низ годините готвеа во неговата „Тоскана“ во Тафталиџе 1.

„Многу сакам да го поддржувам овој настан и мило ми е што приказната продолжува и годинава бидејќи минатата година беше навистина убаво и привлече многу луѓе кои уживаа во автентичните вкусови на италијанската кујна, а годинава очекувам да биде уште поуспешно. Наспроти модифицираните италијански кујни надвор од границите на Италија, ние слободно можеме да кажеме дека благодарение на добавувачите кои ги носат сите оние автентични италијански производи кои во минатото недостасуваа и на нашите вештини, ние креираме автентична италијанска кујна во Скопје, буквално, имаме парче од Италија во нашиот град“, вели Влатко најавувајќи ги деновите на италијанска кујна со многу љубов и, како и секогаш, со голема страст и ентузијазам.

Растрчан помеѓу масите и кујната, Влатко пречекува гости, но и мајстори со кои се договараат некои новитети во ресторанот и музичари, со кои се договара репертоарот со италијански канцони и датумот кога ќе дојдат за да го дополнат амбиентот во кој освен што се ужива во вкусовите на автентична италијанска кујна, ќе се ужива и во звуците на италијанската музика.

Во меѓувреме, успева и да ја спреми храната и да им обрне внимание на сите, а не пропушта патем да ја прегрне и својата Олга.

„Не ми се верува како поминува времето. Еве веќе четврта година сме заедно со Олга“, вели тој.

А, од нашата последна средба досега Олга веќе го научила македонскиот јазик, секако, не совршено, но таман онака за да звучи симпатично со нејзиниот украински акцент.

„Македонскиот јазик е лесен затоа што како и украинскиот спаѓа во истата група словенски јазици, има доста слични зборови, но и луѓето се со сличен менталитет. Многу ми е убаво и имам разбирање со луѓето, имам многу пријатели, а многу ја сакам и убавата природа, планините, тоа што има сонце секој ден и многу, многу вкусна храна“, вели Олга чија среќа сепак не е потполна.

Нејзините родители се во Украина и иако мајка ѝ била во Скопје два месеци, не останала туку се вратила назад кај сопругот.

„Моите родители не сакаат да ја напуштат Украина иако условите таму се многу лоши. Струја имаат, ама вода, само еднаш неделно и тоа по еден час. Кога зборуваме слушам како таму фучат ракети, страшно е, но се надевам дека наскоро ќе заврши, дека нема да има повеќе жртви и дека ќе се врати мирот и сите Украинци што мораа да ја напуштат земјата поради војната“, посакува Олга.

Таа и Влатко се добро уиграни не само како брачен пар, туку и како тим, па во недостаток на персонал неодамна двајцата работеле во ресторанот сосема сами цели два месеци.

„Влатко готвеше, а јас бев келнерка“, вели Олга, жената која му дава ветер во грбот на шефот чиј немирен дух постојано смислува нови проекти и поставува нови предизвици, но се чини и премногу задачи.

Олга, соодветно на својата професија, економист, е задолжена за сметките и за финансиите, но и за готвењето во нивниот дом.

Вели дека покрај маж готвач кој ја има италијанската кујна во малиот прст, таа „игра“ на сигурно и готви тоа што најдобро го знае, а тоа е украинската кујна. Му прави на Влатко боршч, вареники (нешто како свежа паста или равиоли на украински начин, кои можат да се со солено или со благо полнење), потоа полнети палачинки, со месо, со урда, со јаболки, итн.

„Не можам да бидам конкурент во приготвувањето на италијанска храна, иако научив да правам некои работи, па готвам украинска, а тој со задоволство ја јаде“, се смешка Олга, а Влатко ја надополнува велејќи дека таа, освен него, семејството и пријателите, ја освоила и неговата малтешка пудлица Зое која сега ѝ е целосно предадена.

Ги оставивме Олга и Влатко во нивното царство од кое се ширеа неодоливите мириси на италијанската кујна, истите оние кои наскоро ќе можеме да ги вкусиме и на скопскиот плоштад. Њоки со домат и босилок, лазањи со рикота и спанаќ, ригатони со туна и капари, италијански панини, фокача, пршут, аранчини од ориз и што уште не.

Од Ист Гејт Мол каде што почнуваат деновите на италијанска кујна, претстојниот викенд (12 и 13 ноември), настанот се сели на скопскиот плоштад каде што не очекува експлозија од вкусови, традиции, забава и изненадувања.