Мармалад за мрзливи домаќинки

313

Да, точно, премногу е жешко за да се вклучува шпоретот, ама кој може да одолее на овие убави кајсии…

За овој брз и лесен рецепт за мармалад ви требаат само кајсии, шеќер, лимон и рерна. Би требало да трае кратко, ама еве, да бидеме искрени, не беше баш така. Веројатно беше до кајсиите кои пуштија премногу вода, ама наместо 45 минути, правењето во кое учествувате само така што одвреме навреме ѕиркате да видите колку течност уште има, траеше 1,5 час.

Можеби ставивме и премногу кајсии во една тура, ама кој ќе прави два пати, нели рековме, овој мармалад е за мрзливи домаќинки.

Како и да е, на крајот сепак остана малку повеќе течност ама ќе ја искористиме викендов во некој колач. Мармаладот е вкусен и преубаво мириса, така што веројатно следно на репертоарот, па макар било и 40 степени, се палачинки. Кој не сака нека се јави.

Значи, во подлабока тепсија ставете ги измиените и преполовени кајсии, попрскајте ги со сок од 1 лимон и одозгора ставете шеќер, зависно од количината на кајсии, од тоа дали се слатки или се повеќе киселки и секако, од вкусот и покријте ја тепсијата со фолија. Нека се крчка 30 минути, а потоа без фолија уште 15. Или, ако ставите повеќе кајсии тогаш ќе ви треба повеќе време.

Оставете малку да се излади, загрејте ги теглите во рерна и наполнете ги, затворете ги убаво и тоа е тоа.