Маџунот како бустер вакцина

Фото: Пинтерест
2.429

Овој природен засладувач, освен како замена за шеќер, се препорачува и за зајакнување на имунитетот, помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, психички нарушувања, запек, анемија, срцеви болести, а посебно се препорачува за нарушена функција на црниот дроб.

Приказната за маџунот е стара колку и грозјето, а во Тиквешијата, според археолошките истражувања, одгледувањето на виновата лоза има традиција стара повеќе од 2000 години.

Маџунот е природен производ со карактеристичен мирис и слатко-кисел вкус, а кавадарчани, освен како лек, го користат и како природен засладувач за кафе, чај, па дури и за правење торти, слатка и колачи. Токму поради маџунот, овдешните десерти имаат неповторлив вкус.

За маџунот зборувавме и со Ѓорѓи и Мица Наумчеви, брачна двојка од Кавадарци. Иако се во таканаречените „средни години“ и двајцата се витални како и пред две децении и ако не знаете колку години имаат, по нивниот изглед никогаш не би можеле да им ги одредите. И двајцата изгледаат помладо отколку што навистина се. Која е тајната? Нема тајна: двајцата спортуваат, јадат маџун, не го пропуштаат семејниот ручек и пијат по малку вино и ракија. И сѐ е домашно, мејд оф Наумчеви!

Ѓорѓи Наумчев

„Маџунот се произведува од гроздов сок и е одлична замена за сахароза. Тој се користел и многу помасовно се произведувал во минатото, кога го правеле во секоја куќа, а денеска се прави во секоја трета. Порано, кога белиот шеќер бил премногу скап, нашите дедовци и баби, прадедовци и прабаби, од немајкаде, консумирале само маџун и биле многу поздрави. Најпознат е како лек за жолтица, но и за јакнење на имунитетот.

Се добива  од висококвалитетни сорти грозје, а јас го правам од станушина и од вранец. Маџунот се добива со варење на гроздовиот сок исцеден од меленото грозје, односно, од шира. Прво се точи ширата, па се запрстува, некои го прават ова со пепел, некои со земја. Се загрева сѐ додека не дојде до точка на вриење, се вади од огнот, се додава една рака пепел од дабово дрво, самата течност има реакција и прави пена која се отстранува неколку пати. Потоа ширата се вари повеќе часови (4, 5, 6, 7, 8 саати), додека не се згусне и не добие кафена боја. Многу пати кај нас го прегоруваат маџунот, па тој губи на хранливост, со варењето витамините се уништуваат, ама има минерали. Од 10 килограми грозје, излегува само една тегла маџун (околу 650 мл.)“, објаснува Ѓорѓи.

Вели дека тој својот маџун го прави прво за себе, а потоа и за пријателите и за оние редовни купувачи кои го земаат откај него дома бидејќи во малопродажба неговиот маџун воопшто и го нема.

Многу жители во Тиквешкиот регион, во својот подрум чуваат маџун кој е стар и по неколку години, па и децении, маџун  наследен од нивните баби и дедовци, бидејќи, како што вели Ѓорѓи, колку е постар маџунот, толку е и полековит.

„На овие простори, само ние го имаме маџунот, и секако, Турците иако кај нив тој изгледа сосема поинаку. Во другите земји пак воопшто и не знаат што е маџун. Луѓето – енолози, кои доаѓаат кај нас од Франција, Шпанија, Италија, и други земји во кои се произведува вино, не го знаат како производ. Неодамна имавме гости и од Америка, туристички тури, и тие се чудеа и не знаеја за што всушност станува збор. А ние секогаш, на крајот од дегустациите кои се организираат за групите на туристи кои доаѓаат во посета на винаријата „Наумчеви“, секогаш им даваме да пробаат од маџунот. Затоа никој досега не се пожалил на главоболка. Логично, кога човек ќе претера со пиење му се дава гликоза со инфузија, а ние со маџунот го правиме истото, само што гликозата во случајов се прима преку консумирање на маџунот. Татко ми беше невропсихијатар и негова специјалност беше алкохолизмот, па и самиот секогаш го препорачуваше маџунот кој инаку, во нашето семејство традиционално се прави. Паметам дека кога бевме мали во маалото во кое и денеска живееме немаше огради, и во секој двор се правеа маџун и ракија и ние, иако деца, секогаш добивавме за проба и од маџунот и од ракијата. Се разбира, по малку. Затоа, наместо да ни се забранува и со самото тоа да ни стане уште попривлечно, нас не научиле на умереност“, раскажува Ѓорѓи и додава:

„Маџунот во овие краишта се користи повеќе од медот. Тој е најдобар лек за жолтица, чистач на организмот од токсини, нечист воздух, нездрава храна и пестициди. Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај децата, рековалесценти, возрасни, спортисти како и кај лица со зголемен психофизички напор, како и кај оние со зголемено ниво на триглицериди. Маџунот е ефикасно природно средство кое помага при инфекции на дишните органи, при нарушена функција на хепар (жолтица, алкохолизам), при психолошки нарушувања. Накусо, секојдневната конзумација на маџунот ќе придонесе за подобрување на целокупното здравје. Се препорачува да се внесува по 1-2 супени лажици дневно растворен во вода, чај, млеко или со директна консумација“.

Токму тоа го практикува и нашиот домаќин. Инаку, Ѓорѓи бил професионален кошаркар. Еден од подобрите во Македонија. Играл за Тиквеш, Слога, Радовиш, Бучим, но не и за тогашната репрезентација на Југославија.

„Во Југославија тогаш беше голема конкуренцијата, а јас растев во време кога репрезентативци беа Дражен Петровиќ и Тони Кукоч. Да не бидам разбран погрешно, ама денеска е понаку – помала држава и помала конкуренција. Јас сум сѐ уште активен во кошарката и освен што трчам на маратони, играм кошарка за клубот на ветерани, одиме низ цел Балкан и учествуваме на меѓународни турнири. Наскоро ќе полнам 60 години, а мојата сопруга Мица има 57, но секојдневно трча по 10 километри.

И додека јас сум мајстор за ракијата, виното и за маџунот, жена ми е мајсторка за слатко од тиква (‘рчели) со маџун, слатко од модри патлиџани, повторно со маџун и слатко од грозје, тиква и маџун. Заедно правиме и многу ликери со сезонско овошје и наместо шеќер, ставаме маџун. Уште еден специјалитет во нашиов крај е и раванијата која се прави со маџун, како алвата од кори мелени во машина за ореви, со маџун“, ја завршува својата приказна Ѓорѓи Наумчев.

Инаку, меѓу познавачите на маџунот, позната е изреката дека маџунот од бело грозје е храна, а од црвеното грозје е лек.

За гроздовиот слад се вели дека е хранлив како мајчиното млеко. Изобилува со минерали (калиум, натриум, калциум, фосфор, железо), витамини (Б1, Б2, Б3, Б6, Ц, А, Д), енергетски супстанции, танини, флавоноиди, антиоксиданти, гроздов и овошен шеќер, органски киселини. Токму поради тоа, маџунот претставува вистинска ризница на хранливи состојки и ќе ви помогне да го подобрите вашето здравје.

Се препорачува за зајакнување на имунолошкиот систем кај деца, рековалесценти, постари лица и спортисти. Помага при настинки и инфекции на респираторниот систем, психички нарушувања, прекумерна телесна тежина, запек, анемија, болести на кардиоваскуларниот систем, а посебно се препорачува кај луѓе со нарушена функција на црниот дроб заради прележана жолтица, алкохолизам, цироза и прекумерна употреба на лекови. Заради антиоксидативните својства делува и антиканцерогено.

За подобрување на имунитетот се употребуваат една до две лажици маџун во текот на денот, наутро и навечер, самостојно или растворени во вода, чај, млеко, сок.