Мераклиски преспански лукајнци мејд ин Детроит

771

Нашата пријателка од Детроит, Македонката Аница Клокановска не се откажува од традицијата, готви по рецептите на својата мајка иако веќе пола век живее во Америка и ги почитува и американските и македонските празници и обичаи.

Кујната на баба Анче или во оригинал, на мешавина од македонски и англиски, Baba Ance’s Kitchen, е името на фејсбук страница и јутјуб канал со македонски рецепти на Аница Клокановска, Македонка која живее во Америка цели 50 години. Таа не се откажува од традицијата, готви по рецептите на својата мајка и ги почитува и американските и македонските празници и обичаи.

Родена е во Село Наколец, во Преспа, но заминала од дома на само 16 години, кога родителите ја испратиле кај вујко ѝ кој живеел во Виндзор, Канада. На 17 години се омажила и се преселила во Детроит, во Америка, каде што живее со својот сопруг со кој неодамна прославила и златна свадба, осносно, 50 години во брак со својот Илија.

На нејзиниот јутјуб канал (Baba Ance’s Kitchen), госпоѓа Аница снима видеа за да ги зачува за своите внуци традиционалните македонски рецепти. Овојпат, во пресрет на 14.јануари, Стара Нова година и Василица, во име на традицијата вечерта спроти Василица, се одбележува Суроа, се пали оган и се печат Лукајнци.

Станува збор за колбаси со праз кои нашата вредна домаќинка веќе ги подготвила за денот.

Со нас го сподели нејзиниот рецепт кој го добила од мајка си, а целата постапка можете да ја видите и во видеото подолу.

Состојките се ставаат отприлика.

Ви требаат:

Свинско и говедско мелено месо, многу праз, сол, црн пипер, буковка, суви сечкани пиперки и црева за полнење.

Баба Анче советува пред да се наполнат колбасите, да испржите малку од месото за да видите каков е вкусот и дали треба нешто да додадете.