Наместо зејтин или путер, таан, наместо шеќер – мед и ореви

287

Овој период кога сите прават колачи, а кај вас дома се пости, навистина е предизвик да им удоволите на сите. Но пробајте ги овие, немаат шеќер и масло, туку мед и таан

Да не биде сега дека за сите колачи и други „дрндувки“ што ги правиме во нашата „Арт кујна“ велиме дека се здрави, ама се трудиме барем да не бидат од оние најнездравите, полни со маснотии и шеќери.

Освен тоа, кога некои од најблиските постат, некако, дури и ако вие не постите не ви оди да ги грабнете јајцата и путерот, туку еве вака, ќе испробувате некои други алтернативи.

Состојки:

1/2 шолја мед

1/2 шолја таан

100 г мелени ореви

1 лажица какао

1 кесичка сода

1 ванилин шеќер

250 г брашно (измешавме пак бело со многу малку од преостанатото хељдино брашно, отприлика 200 бело, 50 од хељда)

шеќер во прав за поросување (по желба)

Приготвување:

Помешајте ги брашното, содата, ванилата и оревите и какаото. Во друг сад измешајте ги таанот и медот, а потоа спојте ги двете смеси и замесете тесто со раката. Ако е суво, додадете малку вода или пак ако е лепливо, додадете малку брашно.

Земајте од тестото и правете мали топчиња, па со вилушка притиснете одозгора.

Печете ги во веќе загреана рерна, но внимавајте, многу брзо се печат, со тоа што не е лошо, после 7-8 минути да го исклучите долниот греач и да оставите да се допечат само одозгора уште 5-6 минути.

На крај, ако не ви се доволно благи поросете ги одозгора со шеќер во прав.