Сѐ повеќе гладни усти бараат спас кај хуманитарните организации, а недостасуваат и донатори на леб

Фото: Pixabay
515

За само 10 дена од почетокот на акцијата на хуманитарната организација „Свети Спас“, бројот на корисници на бесплатни оброци само во населбите Драчево и Аеродром се зголемил од 50 во текот на првиот ден, до 130 дневно. Се очекува со реактивирањето на народната кујна во Ѓорче Петров овој број да порасне на 250. Засега само 50 лајбици дневно донира мало млечно ресторанче во Драчево, а хуманитарците повикуваат и други фирми да обезбедат леб за гладните

Откако со почетокот на пандемијата на ковид-19, приготвувањето храна во затворен простор и заеднички ручек во народните кујни беа оневозможени, почнаа да се практикуваат други начини на приготвување и поделба на оброците за гладните.

Додека народната кујна во склоп на црквата „Света Петка“ во Црниче не функционира воопшто, народната кујна во склоп на црквата „Свети Петар и Павле“ во Ѓорче Петров функционираше и сѐ уште функционира редуцирано, со делење на сува храна, но Отец Коста од оваа црква и Отец Оливер од црквата „Свети Спас“ во Драчево, се надеваат дека од 1 октомври ќе ја реактивираат и дека таа ќе почне да си функционира како претходно. Тие се надеваат и дека општините ќе најдат простор за да се отворат и да почнат да функционираат и нови народни кујни бидејќи праксата покажува дека од ова има сѐ поголема потреба.

„Со проект на скопската православна епархија при МПЦ со благослов на архиепископот г.г.Стефан, почнавме акција за донации на храна и за само 10 дена од почетокот на акцијата на хуманитарната организација „Свети Спас“, бројот на корисници на бесплатни оброци само во населбите Драчево и Аеродром се зголемил од 50 во текот на првиот ден, до 130, а се очекува, со реактивирањето на народната кујна во Ѓорче Петров да порасне на 250 корисници дневно“, вели Отец Оливер кој додава и дека идејата на оваа иницијатива на црквите „Свети Спас во Драчево и „Свети Николај“ во Аеродром е народна кујна, но бидејќи уште нема простор за ова, засега се готви во кујната во Драчево, а дел од храната се дели и во населба Аеродром.

„Се надеваме дека некоја од општините ќе се смилува да ни даде простор за да отвориме народни кујни на повеќе локации бидејќи се покажува дека има голема потреба од ова и бројот на корисници е дефинитивно зголемен во споредба со минатиот период“, вели Отец Оливер.

Тие сѐ уште немаат донатори, но има поединци кои донираат грав, ориз, компир, а очекуваат да се вклучат и фирми бидејќи има потреба и од други работи, а недостасува и леб.

„Засега, добиваме редовно околу 50 лајбици од еден мал ресторан со големо срце. Станува збор за млечниот ресторан „Антонио“, од Драчево, но таа количина е навистина мала, па се надеваме дека ќе се вклучат и други фирми и луѓе кои ќе овозможат да им помогнеме на што повеќе луѓе. Дефинитивно е зголемен бројот на корисници, па ако на овие два пункта (Драчево и Аеродром) првиот ден поделивме 50 оброци, од утре веќе почнуваме со подготвување на 130 оброци дневно, а верувам дека како што ќе дознаваат, така бројката ќе порасне и на 170-180 оброци дневно. Ако сега во просек, по населба имаме околу 80 корисници, со Ѓорче Петров очекуваме дека ќе стасаме веќе до 250 оброци на ден.

Исто така, зголемен е и бројот на баратели на друг вид на помош која ние ја делиме во континуитет, како хуманитарна организација на скопската православна епархија“, вели Отец Оливер.