Нежна дама со силна енергија

1.220

Дина Муцунска е генерален менаџер на хотел Манастир во Берово, консултант за туризам, угостителство и хотелски менаџмент. Истовремено, таа е и нежна мајка на 21-годишен син и 15-годишна ќерка, но и жена со силна енергија која е успешна во многу спортски активности, од фитнес и кревање тегови, до нуркање и качување по карпи.

За успесите на Дина Муцунска во бизнисот сведочат бројните награди и признанија меѓу кои, менаџерка на годината во 2018 и најуспешна жена претприемач за источен и југоисточен регион 2017.година, за успесите во родителството, зборуваат нејзините деца, а за успесите во спортските активности – физичкиот изглед и енергијата потребна за да се биде успешен на сите полиња.

Дина се занимава со најразлични спортови, а основата за сите нив, во однос на физичката подготвеност, сила и кондиција, ја има во фитнесот и тренинзите со тегови. 

Кога велиме најразлични спортови, мислиме навистина – најразлични спортови, од кои и многу екстремни и прилично авантуристички. Искрено, јас се изморив само гледајќи ги фотографиите од сите нејзини физички активности, од планински велосипедизам, качување по карпи, возење кајак, нуркање, кревање тегови, вежбање на справи, освојување врвови.

И ако мислевте дека е тоа сè, не е. Таа е и мајка на две деца, а најмалку изгледа како да им е мајка. Можеби, како постара сестра.

Синот Џоле го родила на 22 годишна возраст, а 6 години подоцна и својата ќерка Никита. Сега нејзиниот син има 21 година, а ќерката 15.

„Реално, со син ми заедно пораснавме, се прилагодувавме на взаемните потреби и карактери, учевме еден од друг во заедничкото созревање, па неминовно по многу вложување во нашиот однос станавме и другари, а со Никита бидејќи е девојче и генерално нејзиното растење во различните фази од нејзиното созревање ми се познати и доживеани, ми е навистина поедноставно, а создадовме прекрасна врска, каква што секоја мајка може само да посака. Односот со децата се базира на безусловна љубов, многу почит, разбирање и взаемна грижа.

Во повеќе наврати сум им кажала дека јас не сум совршен родител, сигурно и не постои таков, несвесно имам правено и грешки во воспитувањето, но можам со сигурност да кажам дека постапките и зборовите ми се секогаш многу промислени, исклучително внимателни и со најдобра намера и секогаш примарно ми беше, моето воспитување да се темели на мојот личен пример… Тројцата сме многу блиски меѓу себе, за што сум пресреќна и ако продолжат да се развиваат во насоката во која тоа се случува, тоа ќе биде мојот најголем успех, задоволство и гордост“, вели Дина.

Таа беше една од говорничките на неодамна одржаната конференција „Хероини во туризмот“ и со својот инспиративен говор го привлече вниманието, особено со признанието дека во своите средношколски години била исклучително интровертна и цело школување се облекувала во црно, а работејќи во туризмот се сменила до тој степен што денес е сосема поинаква, комуникативна и отворена.

„Веројатно во сржта на човекот, карактерот не се менува, но во зависност кои ни се целите, можеме да се предизвикаме и да се моделираме. Туризмот и хотелиерството бараат исклучително силни комуникациски вештини, ведрина, позитивност кои ќе зрачат од вас, дури и ќе се рефлектираат, не само на гостите, туку и на вашите колеги, за да придонесе за целокупната атмосфера која влијае на доживувањето на туристите. За потребите на хотелот работам и продажба и маркетинг, кои исто така се темелат на комуникација и психологија, при што пристапот се прилагодува спрема клиентот и неговите карактерни особини, па независно во која карактерна група природно припаѓате, вие сте тој што се прилагодува и влегува во улога според потребата“, објаснува нашата соговорничка.

Таа е горда и на своите деца кои ѝ помагаат во работата околу хотелот, секој според можностите и без никаков притисок од нејзина страна.

„Никита од 12 годишна возраст самоиницијативно побара да работи на шанк и од самиот почеток сериозно ги прифати обврските. Во текот на распустите, не само што работи полно работно време, туку и многу често останува да им биде на испомош на своите колеги… Последното лето и за време на зимскиот распуст работеше и како послужувач, а веќе две години ја ангажирам и како втор или трет водич, зависно од големината на групата, но секако за тури на поедноставен терен, кои се и најчести кај нас. Контактот со колегите и гостите, како домашни, така и странски, бара како што напоменав сериозни комуникациски вештини, кои најдобро се учат во пракса, па така и таа се профилираше според потребите на работата. Син ми е студент на менаџмент трета година и има доста обврски со студиите, а за распустите по одреден период и тој работи. Кога беше помал работеше со колегите од одржување, а во последните години работи на рецепција. Јас не им правам притисок на моите деца, дури ниту ги насочувам кон работата на хотелот, сакам да чувствуваат дека имаат избор и дека се слободни во одлучувањето.

Често добивам многу позитивни коментари за начинот на кој се однесуваат и комуницираат моите деца, а јас се шегувам дека се деца растени во хотел. Хотелот не е бизнис со работно време од 8 до 16 часот, така што тие буквално растеа гледајќи ме и слушајќи ме како работам и сето тоа им е критериум за нормално општење“, вели таа.

Инаку, овој семеен хотел во Берово функционира од 2004. Година. Дина тогаш имала 25 години и веќе три години била во улога на мајка.

Хотелот „Манастир“ е инвестицијата на нејзините родители, но уште во стартот во работата биле вклучени и Дина и нејзиниот колега Владо, со кој и до денес одлично соработуваат.

„На почеток работевме сè што беше потребно без да се штедиме себеси. Татко ми, Владо и јас ги креиравме понудата, производите и услугата од самиот почеток и тоа по пат на интуиција. Подоцна со тек на работата, се истакнуваа моите карактерни црти и научени вештини, силно дојде до израз и моето природно лидерство, поткрепено со знаењето и искуството со кое секојдневно со многу труд и посветеност се здобивав и сето тоа ме обликуваше во она што сум денес“, се потсетува Дина.

Вели дека не размислувала тогаш многу за тоа што таа сака во животот, едноставно ја прифатила  можноста која ѝ била дадена од родителите. „Карактерно ми е многу изразена емоционалната интелигенција, која за овој тип на работа пак е многу важна, бидејќи кај нас во огромна мера сè зависи од човечкиот фактор и остварената комуникација, зборувам и за големиот број вработени и за огромниот број на гости… Потребно е да можете да воспоставите однос кој се базира на доверба, позитивна енергија и кредибилитет. Со вработените го градите тој однос секојдневно, но со гостите или потенцијалните организатори на гостувања, треба инстантно да можете да се поврзете, затоа навистина треба да имате силно чувство и  разбирање за емоциите на другите, да знаете како да ги примите, како да ги ползувате и како најдобро да одговорите на нив и да управувате со ситуациите. За сето ова неверојатно ми помага емпатијата, природниот ентузијазам и силното чувство на одговорност“, вели Дина.

Иако нејзиниот татко е сопственик, управува со инвестициите и го има последниот збор, тој има целосна доверба во својата ќерка кога станува збор за водењето на хотелот, продажбата, маркетингот, контролата на квалитет, а таа постојано ја оправдува оваа доверба со својата одговорност и посветеност.

Дина е горда на тоа што е добар пример за своите деца и за нивното оформување како личности.

„Горда сум и на тоа што покрај сите животни предизвици со кои се соочував и се борев, моите деца растеа во дом во кој секојдневно имаше смеа и радост. Смислата за хумор и шегувањето се исто толку важни, колку и подршката и грижата и негата за физичкото здравје на децата, а верувајте и јас го научив тоа од примерот на моите родители во моето воспитување.

Горда сум и на тоа што успеавме Берово да биде препознатливо како туристичка дестинација и тоа со исклучително квалитетна понуда, на која секако треба да се работи и понатаму, но ова придонесе барем малку кон помалото иселување и кон подобар стандард на локалните жители. За нас е врзана девизата „со изборот на хотел Манастир, избирате да ја поддржите локалната заедница“, бидејќи ние функционираме со начелата на социјално претпријатие и во духот на одржливиот развој уште од првите денови“, вели таа.

Инаку, од почетокот во 2004 година, поради неговата автентична градба, која се вклопува со манастирот „Св. Архангел Михаил од 1818. година, кој се наоѓа веднаш до хотелот, поради специфичното мени, односно традиционални малешевски специјалитети подготвени од локално произведени намирници и поради сите детали кои ги вклучиле во понудата, а се дел од локалниот фолклор, тие веднаш ги добиле и првите групи на Холанѓани.

„За овие гости она што веќе го имавме на понуда беше идеално, бидејќи е во целост автентично искуство, но недостасуваа активности за анимирање. Понудата за активен туризам ја создадовме во соработка со организаторите кои ги носеа овие групи, благодарение и на нашата проактивност, интуиција, креативност и неприфаќање дека нешто „не може“, туку секогаш наоѓавме начин… На тој начин се родија бележените патеки за планинарење и планински велосипедизам и турите по нив, понудата од 25 планински велосипеди Ghost за изнајмување, понудата за оброк на бачило (агротуризам), посетата на занаетчиски работилници: ткајачка, ковачница, калајџиска, бочварска, воденичарска, резбарска…., посета на манастирите заедно со нивните работилници за локум, природна козметика, мозаици, фолклорните перформанси со традиционални музички инструменти, ора во носии, карневални елементи, како многу важен елемент гастрономијата и социјализацијата со месното население во руралните специфични средини… Вистина е дека интересот на странските туристи за целата оваа понуда е многу поголем, отколку на домашните, но трендовите се менуваат, па се надеваме дека наскоро ќе имаме и поголеми промени во стилот на живот и на нашите луѓе“, се надева Дина.

И навистина, една од најсилните страни на Берово е гастрономијата, традиционалните специјалитети кои се со вкус кој не се заборава, подготвени од локални еко-намирници произведени на малешевските ниви и фарми и собрани од шумите пребогати со шумски плодови, печурки и лековити билки; воздухот со многу голем процент на кислород што го прави Берово воздушна бања; надморската висина од 900 м која според СЗО е идеална за човековото здравје; маркираните патеки за планианрење и планински велосипедизам; премиум планинските велосипеди за изнајмување; езерото кое е преубаво место за уживање, релаксирање и спортови на вода како кајак, СУП даски и риболов. И секако СПА понудата и салите за конгресен туризам, поради кои голем удел во работата на хотелот „Манастир“ се семинарите, работилниците и тим билдинг настаните.

Инаку, нашата соговорничка е родена и живее во Скопје, но Берово е местото каде што живееле нејзините баби и дедовци од двајцата родители и од секогаш ѝ било омилено место за престој.

Вели дека сите школски распусти ги поминувала таму па детството ѝ наликувало на она опишано во книгата „Хајди“.

Растела во планина сплотена со сета нејзина раскош и убавина, тоа очигледно имало огромно влијание врз нејзиниот развој, особено во создавањето на нејзиниот систем на вредности. Сега е многу често во Берово, понекогаш и повеќе од половина од времето го поминува таму, а оваа можност ја смета за вистински благослов.

Во нејзините секодјневни обврски освен ангажманите околу хотелот, остануваат и посветеноста, грижата и одговорноста за растењето и воспитувањето на децата и секако, нејзините лични потреби.

„Секој развоен период има специфични и општи потреби, кои се движат од многу директни обврски за децата, до пазарење, готвење, водење на домаќинството во кое многу ми помагаат и двете деца, често патување до Берово, управување со работните процеси во хотелот, продажбата и маркетингот, состаноци со клиенти, партнери и претставници на законодавни тела, локална и централна управа…. Периодов работам и на завршување на докторските студии од туризам, а и гледам да вклучам спорт колку што дозволуваат обрските, но по можност, тоа да е барем два пати неделно, а бидејќи сум кредибилен фитнес тренер и се истакнувам со исклучително знаење за вежби за мускули и здрава исхрана, сум и ментор за здрав животен стил, но за жал не често поради презафатеност. Имам и клиенти со кои работам рехабилитација, решавање на обесност или анорексичност или естетско обликување на телото. Прифаќам и консултантски ангажмани за угостителски и услужни бизниси, а и како предавач на работилници, семинари, едукација на студенти на теми од областа на моето стручно образование, но пред сè, благодарејќи на знаењето од моето работно долгогодишно искуство“, завршува Дина на која останува само да ѝ се восхитуваме за посветеноста во сите три значајни области во нејзиниот живот, родителството, спортот и работата.