Не остана кој ни гравче-тавче да им направи на странските гости

383

Ако деновиве ви дојде некој од странство и сакате да му ги претставите сите македонски деликатеси, поарно засукајте ги ракавите и викнете го дома. Во кафеаните веќе нема кој да ви направи ни гравче-тавче. Сите гурбетџии отишле на печалба во Хрватска

Мојот другар кој живее во Америка и во моментов е во Скопје, го повикал тука својот другар Ирец за да го запознае со Македонија. Ирецот, кој со мојот другар се запознал во 90-тите години во Бостон, се вратил од Америка во родната Ирска, отворил своја компанија, но не го прекинал контактот со македонскиот пријател.

Напротив, пријателството продолжува со редовни контакти, но и со посетата на Македонецот во Ирска, а сега и со доаѓањето на Ирецот во Скопје.

Се разбира, како добар домаќин, мојот пријател го однесе Ирецот во класична македонска кафеана и му нарача ракија, шопска салата, пинџур, скара и, се разбира, гравче-тавче.

Им се придружив на кратко, колку да го видам избезумениот Ирец (околу масата кружеа 4 големи улични кучиња и се тепаа за храната што им ја даваа гостите) кој пробуваше од нашите традиционални специјалитети што му ги нудеше неговиот пријател, па така стаса и до нашето толку фалено гравче-тавче. А гравчето, повеќе личеше на чорба отколку на тавче. Мислам дека овој Ирец ќе има сосема погрешна претстава за тоа како изгледа македонското национално јадење и ако еден ден некој му го понуди такво какво што треба да биде, ќе мисли дека е погрешно, зашто, нели, тој првпат го пробал во сосема поинаква форма.

Не издржа срце јуначко и го прашав келнерот зошто нивното гравче-тавче е како чорба?!

„Да ви кажам, зависи од готвачот. Не остана веќе никој и не можеме да бираме. Еве и ние сме само двајца келнери на толкава тераса полна со гости, сите други заминаа во Хрватска“, ни објасни љубезниот келнер кој рече дека тој сепак останува тука, со своето семејство и дека парите не можат да го надополнат времето што би го минувал далеку од своите.

„И тука сега може да се заработи добро, а барем сум си дома“, додаде тој.

И навистина, недостатокот на работна сила во државава е очигледен. Нема бирање, па угостителите ги примаат сите, а овие пак, не се ни трудат многу околу гостите затоа што знаат дека немаат со кого да бидат заменети. Неодамна, во еден ресторан во околината на Скопје, мене и три мои пријателки, сите четири – жени во петтата деценија од животот, не служеше едно младо момче кое веројатно немаше воопшто искуство со работа во ресторан, ниту пак многу домашна култура. Веројатно работел во кафуле каде што кога им наплаќал на своите врсници им се обраќал исто како што ни се обрати и нам: „Се собравте да наплатам?“

Да не раскажувам за другите работи во текот на вечерта, оти и жал ми е некако. И таму недостасуваше персонал, па можеби момчето беше само изморено.

И така, додека во Хрватска веќе речиси и нема локал во кој нема вработени Македонци, кај нас нема луѓе. Хрватите пак постојано се жалат за истите работи за кои и ние тука. И нивните луѓе сѐ повеќе заминуваат надвор од Хрватска, главно во Ирска, во потрага по подобра заработувачка и наводно, подобар живот. И во Хрватска, и покрај големиот број Македонци, е сѐ потешко да се најде персонал. И да – не може баш многу да се пребира.

И не е така само во угостителството. Повеќе нема ни мајстори. Баш така, не може човек да најде мајстор за ништо, а ако и најде, тој доаѓа само еднаш. Прави колку што знае, обично, плукни-залепи, наплаќа и толку, сѐ што останало недоправено и оставено за „следната недела“, веројатно ќе мора некако да го закрпите сами. Кажувам од лично искуство, а башка и мојот мајстор дојде преку врски.