Не си одете од Малешевијата без да пробате зелник, сирење и компири од котле

527

Сите знаеме дека прекрасната Малешевија е позната по убавото сирење и вкусните компири. Оние кои досега не биле во овој крај, можеби никогаш не пробале и малешевски зелник кој никако не смее да се пропушти. Не се чудете, мастрафот за овој зелник не е внатре, како што сме навикнати, туку на ачик, во средина на погачата.

Меки како памук одвнатре, крцкави однадвор, со вкусни филови, или оној стандардниот, со праз и со сирење или пак со некоја помодерна верзија, со блитва и сирење, малешевските зелници се превкусен специјалитет кој не смеете да не го пробате ако патот ве однесе во кој било дел од Малешевијата.

Ние имавме среќа да го пробаме во еден ден двапати. На фармата за овци Агро чука во Негрево каде што вредната домаќинка Билјана го направила со праз и со сирење, а ни го послужи со превкусно сирење од нивната фарма и домашен ајвар, но и во куќата на нашиот домаќин Горан Алачки во село Владимирово, каде што ни го послужија и во двете верзии, со праз и со блитва. Патем, тука пробавме и од славните малешевски компири во неколку варијанти: спакувани како фил за пита, полнети со ајвар, но и оние најголемите малешевски компири сварени во котле на отворен оган. Лудница, што би рекол Алачки.

Освен што пробавме, ние успеавме да го дознаеме и рецептот.

Овој малешевски зелник е специјалитет со неповторлив и единствен вкус, сукан, месен и печен, кој ги собирал во минатото целите семејства на една софра, а се толку големи и богати што се доволни да се најаде и цела тајфа луѓе, како оваа нашата, 25 на број.

Рецепт за малешевски зелник

Состојки:

За тестото:
1 кг брашно
1 квасец
1 лажица сол
1 лажица шеќер
вода за замесување
маст, маргарин или зејтин за премачкување на корите (Секако, порано сите го правеле со маст и според на, тоа е најдобриот избор)

За филот:
праз или блитва (може да биде и некој друг зелен зеленчук по ваш избор)
сирење


Приготвување:

Една коцка квасец се разматува со млака вода и се додава шеќер и една лажичка брашно. Кога ќе надојде квасецот се меша со еден килограм брашно, сол и вода по потреба. Откако тестото убаво ќе се замеси, се остава еден час за да нарасне. Потоа се дели на пет помали и едно поголемо топче. Сите се расукуваат колку што можете потенко.

Секоја расукана кора се остава врз чаршав да се потсуши, додека не се завршат сите. Најголемиот дел се расукува малку подебело во однос на другите и се става во тепсија. На помалите кори се распоредува иситнето сирење и се распоредува свинска маст или маргарин или пак се попрскува со зејтин.

Потоа се собираат и се редат во поголемата кора. Со краевите на поголемата кора се замотуваат помалите кори.

Во средината се става малку запржен праз со сирење и одозгора се посипува со брашно. Се остава еден час да нарасне, а потоа се пече на 250 степени.

Откако ќе се испече се вади од рерната и се прелива со 100 грама зовриена вода со зејтин и пак се става во рерна да се допече уште 10 минути.