Новогодишните колачи на мама: Можеби немаат совршена форма, ама имаат одличен вкус
Во овој претпразничен период сите прават колачи, ги фотографираат и ги ставаат на социјалните мрежи. Кои од кои поубави. Нашите дефинитивно немаат совршени форми, ама со вкусот нема утка
Пред празниците мајка ми секогаш правеше два вида на колачи. И едните и другите ги викаше новогодишни и ги правеше во гооолеми количини. Да има. За пред, за време на празниците, па и за после. А ваквите колачи се добри затоа што можат долго да траат. Ги вадеше со нејзините калапи за колачи кои уште ги чувам. Секогаш ги украсуваше едните со чоколаден, а другите со оној бел шеќерен прелив. Одозгора ставаше оревче, бадемче или ситни шарени ронки.
И беа многу многу вкусни, дури и колку подолго стоеја, толку беа повкусни.
Во едните кои во суштина ја имаа истата база, ставаше мелени ореви, а во другите кора и сок од портокал.
Ама мајка ми повеќе ја нема, а ги нема ниту нејзините колачи. Веќе цели две години. Затоа годинава направив некоја нова варијанта. Од двата вида вовогодишни колачи на мама, така си ги викаме ние интерно, направив еден вид, односно, ги споив состојките од двата.
Така во овие има и ореви и сок и кора од портокал.
Еве што ви треба за нив:
Состојки:
2 јајца
120 г шеќер
1 прашок за пециво
1 ванилин шеќер
сок и кора од еден голем портокал
150 г мелени ореви
120 г путер
400-500 г брашно
Приготвување:
Се матат јајцата со омекнатиот путер и шеќерот, па се додаваат полека и останатите состојки. Брашното се додава последно и сами ќе видите колку ви треба. Треба да замесите смеса која ќе може да се развлече во кора со дебелина од 2-3 мм, во зависност од тоа дали сакате подебели или потенки колачи. Се печат во загреана рерна на 180 степени околу 7-10 минути.
За преливот стопете чоколадо со малку млеко и путер и прелијте ги, а потоа ставете по парче бадем или орев одозгора.