Од богата софра, виљамовка и минерални меурчиња и глампинг, до прекрасната Рајкова пештера во срцето на Хомолје

347

Легендата вели дека во Хомољските планини на дното на најубавата пештера се наоѓа богатство кое мештаните од овој крај сè уште неуморно го бараат. Тоа беше дел и од нашиот план, ама домаќините ни ги наполнија стомаците со превкусна храна, не опија со српска виљамовка, не напоија со скокотливите меурчиња на водата што извира на Хомољските планини, ни ги покажаа природните убавини на Рајковата пештера и заборавивме на златото. Па луѓе мои, целото искуство вредеше повеќе од злато!

Ако досега не сте знаеле ништо за живописната област Хомоље во соседна Србија, веројатно како и јас, речиси ќе се покаете што сте тргнале затоа што наместо очекуваните 4 ипол часа, ќе патувате барем 6, но ќе се изненадите и колку брзо ќе заборавите на тоа кога само ќе стапнете во оваа прекрасна област од која практично видовме многу малку, но внимателно одбрано да биде – она најдоброто.

Спектакуларниот настан „Хомоље те вика“ беше организиран за партнери, пријатели и за претставници на медиумите од Србија и од Македонија во прекрасниот амбиент на Хомоље, во близина на пештерата на извесен Рајко, во крајот од каде потекнува новата Роса со меурчиња (новиот член на семејството Роса, природната минерална вода), која наскоро ќе може да се најде и на нашиот пазар.

Мултимедијалната визуелна изложба „Длабока шума“, која за прв пат се организира во рамките на една од најубавите пештери во Србија (Рајковата пештера), беше надополнета со искуство за сите сетила во недопрената природа.

Имавме можност да уживаме, но и да слушнеме интересни факти за флората на регионот Хомоље, да видиме како се прават мелеми од локални автохтони растенија и сето тоа да почне со пречек достоен за кралеви, со познатата српска вилјамовка во форма на ликер и бројни други пијалаци и овошни салати толку потребни за да ве кренат по долгиот пат. На богатата трпеза, од пиле млеко немаше, ама имаше сѐ друго, преубаво и на око и на вкус, а верувајте, ние од Арт кујна, знаеме што е добро.

Од многу свеж сезонски зеленчук до вкусни трендовски салати од киноа, од традиционални питички до њоки, кои одлично се согласуваа со превкусниот гулаш сервиран во котле, од голем избор на месо подготвено во најразлични варијанти, сепак, не заборавајте дека сето ова се случуваше во Србија каде што во принцип се јаде многу месо, до нашиот фаворит, пире од компири со ароматичниот вргањ, нешто што ги заскокотка сите рецептори во мојата уста, како и вкусните хомолјски сирења кои се единствена комбинација на локални природни ресурси и традиција, знаења и вештини кои се пренесуваат од генерација на генерација. Да, да, не заборавиле, имаше и најразлични слатки залачиња, кое од кое повкусно.

Секако, ја испробавме и новата Роса Хомолје, чии освежителни меурчиња во комбинација со моќта на недопрената природа и со помош на најсовремена дигитална технологија употребена за да се направи фасцинантна мултимедијална изложба во најубавата пештера во овој крај, Рајковата пештера и секако, глампинг шаторите поставени на локацијата (кои за жал, не ги доживеавме онака вистински, со преноќување во убавите луксузни шатори и со поглед на ѕвездите) беа состојките кои ни создадоа едно уникатно искуство кое долго ќе се памети.

А дека настанот беше навистина на ниво, сведочи и тоа што на крајот, сосема заборавивме на она што на почетокот изгледаше како најинтересно во цеолата приказна, а тоа е легендата за златото кое се крие некаде длабоко во оваа пештера, каде што наводно, го криел извесен ајдук Рајко, кој во овие краишта е познат и како српскиот Робин Худ. Имено, како што познатиот јунак крадел од богатите и им давал на сиромашните, така и српскиот Рајко Војвода.

Легендата вели дека во Хомољските планини на дното на оваа пештера се наоѓа богатство кое мештаните од овој крај сè уште неуморно го бараат. Дури се верува дека самата планина го проголтала и дека сега е на дното на златната пештера која наводно ја чува водениот дух Тартор.

Инаку, Рајко е вистинска историска личност и живеел во околината на Мајданпек кон крајот на 16 и почетокот на 17 век, а по него, освен пештерата, се именувани и селото до пештерата и реката. Легендата за него вели дека Рајко имал меана во селото каде што ги опивал Турците, за подоцна да може лесно да ги ограби. Се вели дека дел од своето богатство им го делел на сиромашните, а дел сокрил токму таму – во пештерата. Рајко имал и сојузник, извесен поп Мартин, кој живеел во околината на Белград и го известувал Рајко кога и каде се движат големите каравани со злато. Кога Турците ги откриле постапките на Рајко, почнале да го бркаат, а има многу теории за тоа што можело да се случи со него. Некои тврдат дека Турците го обесиле, други дека побегнал во Романија, други дека успеал да побегне на запад, но сите се согласуваат дека што и да се случило со него, тој не можел да го понесе со себе и целото богатство.

Затоа денес, освен локалните жители и многу авантуристи од Србија и од светот, доаѓаат во оваа област во потрага по богатството на Рајко. Нашите домаќини велат дека некои од нив имаат и мапи, писма, хартии, докази, а за други е доволен фактот дека таму има злато и дека златото мора да е некаде таму и со векови лежи во пештерата на Рајко.

Во самата пештера има природна статуа изработена од пештерски накит која наликува на ајдук, па многумина сметаат дека е тоа токму тој – ајдукот Рајко, скаменет и насмеан зашто никој никогаш нема да го најде неговото злато.

Ова е приказна за регионот на Србија каде се среќаваат природните убавини, мистичните приказни, легендите на вековното и недопреното зеленило на бескрајните шумски дождовни шуми и длабоки пештери, кои со својата мистерија создаваат токму вакви незаборавни моменти

Ама верувајте, со полн стомак и уста полна со вкусови, кога ќе ја здогледате убавината на самата велелепна пештера и мултимедијалната изложба која само ѝ дала дополнителна вредност на убавината создадена од природата, ќе заборавите на златото, затоа што сѐ околу вас ќе ви изгледа повредно од злато.

Се сетивме на златото и на шегите патем натаму – дека ќе одиме да го побараме и самите, дури кога некој во комбето на патот назад, се сети да праша: Еј, најде ли некој од вас од златото, зошто сите молчите? Злато?! Да бе навистина, нели рековме ќе бараме и злато! Изгледа го најдовме и го складиравме во нашата меморија заедно со сеќавањето за нашата мала пештерска и гастрономска авантура.